Posledni Napisi

МУДРОСТИ - ЖЕНИ... МАЖИ - Пријателството на две жени е само завера против трета. Кар - Жената што не е убава, никогаш не била млада. Свечин -...

Read more

ЗАВИСНОСТА ОД АЛКОХОЛОТ Е СЕМЕЕН... Ставовите кон пиењето алкохолни пијалаци се формираат уште во детството и раната младост и тоа по образецот на...

Read more

МУДРОСТИ - ОД СЕ ПО НЕШТО ЗА ЖЕНИТЕ - Секогаш е исто׃ прво некоја жена ја имаш во срцето, потоа во раката, па на колената и на крајот, на вратот. Буш -...

Read more

ВО СЕКОЈ ЧОВЕК СЕ КРИЕ ПОБЕДНИК Од нашиот прекрасен живот во Америка, ќе кажам дека со помош на нашиот роднина, кој ни најде работа, добро се снајдовме...

Read more

АЛКОХОЛОТ Е НЕВИДЛИВ...НО СТРАШЕН... Најмила моја, тоа што намерно си ми давала ракија за да не те малтретирам, воопшто нека не те измачува, бидејќи...

Read more

КАДЕ ШТО ИМА ИСКРЕНОСТ, ИМА И... Во тие моменти почна да ме измачува тоа, што Ристе почна многу брзо да постигнува добри резултати во борбата со...

Read more

НАДЕЖ ЗА СПАС ОД АЛКОХОЛОТ! % - Незнам како излегов од ординацијата. Сознанието дека сум уништувала болен човек, целосно ме порази. Толку бедно...

Read more

СПАСОТ Е НА ДОФАТ НА РАКАТА % Но, тогаш Бог одлучи да смеша прсти во нашиот живот. Еден тмурен, пролетен ден, јас заминав во полето да работам,...

Read more

АЛКОХОЛОТ - НЕВИДЛИВ, НО СТРАШЕН... % Во почетокот немаше ништо необично, не гледав ништо лошо во тоа и воопшто не ми сметаше. Но, како времето поминуваше,...

Read more

ИСКУШЕНИЈАТА ДЕМНАТ ОД СИТЕ... Во Клубот на лекувани алкохоличари владееше необична атмосфера. Ништо не укажуваше дека на состанокот ќе се случи...

Read more

  • Prev
  • Next

Twitter Updates...

  •  
african mango ozoderm

ПОЧЕТОК СО ЛЕЧЕЊЕ

Category : ИСПОВЕД 075 985772, СИТЕ КАТЕГОРИИ 075 985772

0

%

Пропаѓањето на човекот, без оглед дали тоа е набрзина или полека, со години, тоа е цената што ја бара алкохолот. И, ниту еден негов пријател не може да побегне од плаќањето на тој свој долг.

Во тие моменти низ главата постојано се навраќав на стиховите од Волтер:

“Кад пропало све је,

и изгубљена свака нада,

живот постаје срамота,

и смрт је дужност тада.”

Последните стихови на Есењин, со кои тој се збогува со земниот живот, го параа моето срце:

“Збогум пријателе, збогум,

еве ти ја мојата рака,

на светот да живееш не е ништо ново,

но и да умреш исто така.”

Во тие моменти бев крајно вознемирен, така што слободно можам да кажам дека газев по танката линија на животот и смртта. Ако ѓаволот во тие моменти беше блиску до мене и да почнеше да ме охрабрува, веројатно мојата одлука да го изберам најкраткиот, истовремено и најглупавиот пат за спас од проблемите ќе се оствареше. Но, тогаш бев трезен, бев целосно разбуден од длабокиот сон. Колку повеќе размислував, се повеќе сфаќав дека немам желба да умрам, открив безброј причини поради кои треба да живеам. И колку повеќе причини пронаоѓав, толку повеќе верував дека животот и покрај се е убав и дека треба да се живее. Надвладеа разумот и отидов на лекар во нервното одделение.

Копга сум кај лекарите, да кажам дека и пред тоа посетив повеќемина, но ниту еден од нив не ги исполни моите очекувања и од ниту еден не бев задоволен. Сите работеа рутински, како по некоја матрица и ниту еден од нив не се обиде и не се потруди да влезе во длабината на мојата душа. Веројатно сите тие знаеја само да препорачуваат разноразни медикаменти, но никој од нив не го знаеше и затоа не се ни обиде да го примени чудотворното средство во лекувањето на алкохолната болест – убавиот збор. По краток разговор ми препишуваа некои лекови за смирување кои ниту ги барав, кои немаа никакво корисно дејство за поправање на мојата несреќна состојба, а убеден сум дека не ми беа ни потребни.

Пред дваесет и пет години, за време на отслужувањето на воениот рок, дваесетина дена бев на лекување во нерното одделение во воената болница во Скопје. При еден разговор со мене, лекарот, наместо да ми помогне со своите совети, остро, без никаква грижа на совеста, ми рече: “Наша должност е да те вратиме дома жив, а после тоа можеш да продолжиш да пиеш, а ако ти е по волја, можеш во секое време да си го одземеш животот.” Обратете внимание, овој совет не ми го дава кој било, туку невропсихијатар, човек во кој јас гледав единствен спас, човек во кој имав целосна доверба и во кој ја гледав единствената надеж за својата иднина.

Се надевав дека овојпат нема да доживеам ново разочарување, но се излагав. Докторот во нерното одделение, кој, иако без многу стручност оддалеку можеше да види во каква состојба се наоѓам, едноставно, во неколку минути ми препиша неколку инекции за освежување на организмот и како да брзаше што побрзо да се куртули од мене. Останаа залудни моите молби да ме задржи на лекување во болницата барем неколку денови, додека не си дојдам на себе. Рече дека има многу поважни случаи на кои треба да работи, а не да го губи времето со пијаница. Сигурно ќе му беше многу полесно да се качи на Месечината, отколку да проба да допре до длабината на моето срце, да се обиде да навлезе во проблемите кои толку долго ме измачуваа.

%

АЛКОХОЛНА БОЛЕСТ

Category : ИСПОВЕД 075 985772, СИТЕ КАТЕГОРИИ 075 985772

0

%

За несреќа на сите, по една година од мојата сообраќајка, татко ми одненадеж почина и наеднаш почна се да ни недостасува. Останавме без средства за живот, бидејќи само тој работеше. Потоа земавме семејна пензија, која беше многу мала да прехрани пет души. Бев четврта година во средно економско училиште кога се вработив, а училиштето го завршив вонредно. Откако се вработив пари имав доволно, така што почнав многу често, редовно да пијам.

Животот ми наликуваше на лудница, како да е некоја глупава, пеколна шега, која некој ја направил со мене. Замислував како, таму некаде, тој некој се забавува гледајќи ме како се измачувам во алкохолниот пекол. Не можев да и дадам никаква рационална смисла на ниту една своја постапка, ниту на кој било дел од мојот живот. Целосно се предадов на развратниот живот, а за алкохолот, како и сите други пијаници, и јас дојдов до погрешната теорија дека тајната на алкохолот се состои во постојано, лудачко опивање, до крајна замелушеност и животинска несвесност, дека нема никаква смисла да пијам, а притоа целосно да не се опијанам.

Како што рѓата на крајот го уништува железото, така и безрезервното и прекумерното задоволување на моите страсти и нагони, ме понесоа на патеката на злото и пропаста. Ме совлада најголемото и најнеизлечиво зло, што на човек може да му се случи – кренав раце од самиот себе. Бев поразен, бидејќи ја прифатив мислата за мојот пораз, ме напушти желбата да се борам, немав сила ни да пробам да се изменам. Против песимизмот, предизвикан од алкохолот, не гледав друг лек освен да пијам и натаму, барајќи заборав кој алкохолот секогаш ми го ветуваше, но никогаш не ми го даде. Бев рамнодушен кон се, ми беше сеедно дали ќе бидам пијан или трезен, жив или мртов. Мојата совест немаше ни време, ни желба, ни сила да реагира и да се спротивстави на последиците од безбројните глупости.

Само наутро вистински се каев за направените глупости од претходниот ден, но тоа траеше кратко, до испивањето на првата чашка, а потоа пак истото. Како што некој слепец, кој одненадеж ослепел, каде и да одел се на патот му сметало и на се се удирал – мислел дека тој не се удира во предметите, туку дека предметите се удираат во него, така живеев и јас, бидејќи бев длабоко навлезен во пеколниот алкохолен лавиринт, бидејќи живеев само за телото и бев слеп без духовен живот. Тогаш ми се чинеше дека се што ми се случува, за инает ми го прават другите и затоа се лутев на луѓето. Не сфаќав, да бидам попрецизен, не сакав да сфатам, дека мојот живот е пекол, дека живеам како во лудница само затоа што живеев за телото, а не за душата – а не затоа што луѓето ми прават лошо.

Колку подолго се дружев со алкохолот, се повеќе ми се помрачуваше умот и моите мисли беа конфузни, станував несигурен и сомничав, не бев во состојба да го видам ниту своето зло, ниту злото кое беше десетпати поголемо, а кое им го нанесував на сите околу себе, особено на моите најблиски. Не бев во состојба да видам дека моите страсти и нагони ме носат во пеколот, не на небото или под земјата, туку во овој живот. Ѓаволот широко ги отвори портите од пеколот и ме фати на својата јадица и јас, (заслепен од лажниот сјај на ѓаволските сласти и убавини кои, мислев дека можам да ги доживеам само ако пијам алкохол), воопшто не забележував дека длабоко сум навлезен во алкохолната болест.

Како што многу луѓе се сметаат за болни, а тоа не се , така и многу луѓе, особено алкохоличарите, се сметаат за здрави, а тоа не се. Речиси секоја болест, особено алкохолната болест, не доаѓа наеднаш, како од ведро небо, туку тоа е последица на долга низа мали, незабележливи грешки против здравјето на човекот, кои се надоградуваат една на друга и растат како грутка снег што се тркала, додека еден ден не падне на главата од алкохоличарот. Алкохолната болест е подмолна, таа не убива со стап, но се провлекува низ мозочните вијуги и крвните садови како отров, полека и претпазливо и затоа прекасно се забележува нејзината разорна моќ, во уништувањето на човекот. Ни човекот, ни предметите не можат да се огледаат на површината од разбранувана вода – во стварност можат, но сликата ќе биде искривена. Исто така, бидејќи духот кај алкохоличарот е вознемирен, впечатоците што ги добива се искривени, деформирани.

% 

КЛУБ НА ЛЕКУВАНИ АЛКОХОЛИЧАРИ

Category : КЛА 048-550716, СИТЕ КАТЕГОРИИ 075 985772

0

Кога би сакал ова дрво да го затресам со своите раце, тоа не би можел. Но ветрот, кој што не го гледаме, го мачи и го витка како што сака. Најлошо не виткаат и не мачат невидливи раце.        Ниче

Сонцето не чека да ја распостели својата светлина и топлина. И ти, исто така, прави добри дела кои од тебе зависат, не чекајќи некој од тебе да ги бара.        Епиктет

Постојат повеќе различни методи за пристап кон алкохоличарот, кои се применуваат во Клубовите на лекувани алкохоличари, за одржување на трајна апстиненција.

Во многу земји низ целиот свет се организираат Клубови на Анонимни алкохоличари. Нивните активности се поделени на дванаесет чекори, кои апстинентот треба да ги помине за да може да смета на успех во неговото лекување. Крактеристично за апстинентите од Анонимните клубови е што тие не излегуваат во јавност и, освен најблиските на апстинентот кои и самите кријат за неговото посетување на клубот, избегнуваат луѓето од нивната околина да дознаат за тоа. Тоа е во спротивност со едно од најважните правила за успех во лекувањето  од алкохолната болест: апстинентот треба да се соочи со својот проблем предизвикан од алкохолот, да ја согледа својата бедна состојба и да побара помош и отворено да зборува за своето лекување, да не се срами од тој благороден чин. Тоа овозможува многу подобро да биде сфатен од најблиската околина.

Поголем број од Клубовите на лекувани алкохоличари ги посетуваат апстиненти кои истовремено се во фаза на медикаментно лекување. Состаноците во овие Клубови поминуваат во разговор на терапевтот со секој апстинент поединечно и евентуално со член од неговото семејство, присутен на состанокот. Практикувањето на овие два методи има свој недостаток, бидејќи во рамките на Клубот нема оформено механизам, за да може секојдневно да се следи напредокот на апстинентите во нивното лекување. Во случај на криза, апстинентите се принудени да се јавуваат само кај терапевтите или директно во Нервното одделение, а поради немање информации за апстинентот, не постои можност навреме да се реагира во случај на рецидив. Во центарот на вниманието во вака организираните Клубови е терапевтот и сите предлози и идеи за работата на Клубот, доаѓаат исклучиво од него. Апстинентите, кои почнуваат да посетуваат Клуб на лекувани алкохоличари, добиваат впечаток како да се наоѓаат во болница, во буквална смисла на зборот.  

Во Клубовите на лекувани алкохоличари во Република Македонија, прифатен е методот со кој, за време на состаноците и другите активности на Клубот, во центарот на вниманието се апстинентите. На состаноците се води дискусија помеѓу апстинентите, често пати предизвикана од наметнатата конфликтна тема од страна на терапевтот, и на тој начин секој апстинент има можност директно да учествува во разработувањето на разни теми и прашања од областа на алкохолизмот, кои, особено на младите апстиненти, не им се доволно јасни. Се разбира, од таквите дискусии, од искуството на постарите членови на Клубот, апстинентите постојано ги збогатуваат своите сознанија, кои подоцна ќе им бидат од извонредно значење во лекувањето, особено во моментите на алкохолна криза. Со текот на времето, кај апстинентот се зголемува неговата волја за цврста апстиненција, се зголемува довербата кон другите членови од Клубот, се зголемува довербата и сигурноста во самиот себе. Често се случува некој апстинент, кој подолго од една година бил пасивен или многу малку учествувал во активностите на Клубот, да почне да ги искажува своите ставови, што е сигурен знак за напредок во неговото лекување. Во Клубовите на лекувани алкохоличари кои го прифатиле овој метод, има многу пријатна атмосфера за време на состаноците. И структурата на апстинентите кои го посетуваат Клубот е сосема поразлична од првите два наведени примери. Клубот го посетуваат и многу луѓе кои имаат по десет, петнаесет, дваесет па и повеќе години апстиненција. Има два мотиви кои ги тераат апстинентите толку долго да останат во Клубот: стравот од рецидив и, што е случај кај повеќето апстиненти, нивната желба да возвратат на благодадта што ја примиле при нивното лекување, со тоа што непрекинато ќе им помагаат на помладите апстиненти.

Иако многу експерти по алкохологија велат дека е доволно апстинентот редовно да посетува Клуб на лекувани алкохоличари од 3-5 години, практиката покажува дека тоа е погрешен пристап, дека многу апстиненти по повеќе од десетгодишна апстиненција, влегуваат во рецидив. За одбрана од рецидивот во Клубот на лекувани алкохоличари има оформено патронажна група, составена од еден терапевт и двајца апстиненти, кои го посетуваат човекот кој направил рецидив, во неговиот дом. Авторитетот на терапевтот и веќе стекнатото пријателство и почитување помеѓу апстинентите, придонесуваат, во најголем број случаи, апстинентот кој направил рецидив, повторно да се врати во Клубот и да продолжи со своето успешно лекување.

Недостаток на овој метод е што некои апстиненти, кои почнуваат со својата апстинанција, многу брзо го напуштаат Клубот и повторно му се враќаат на алкохолот. Најголема причина за тоа е што новиот апстинент, веднаш по излегувањето од болницата, недоволно подготвен, без доволно сознанија за значењето на Клубот во неговото лекување и во животот воопшто, се среќава со информации кои во тој момент тој не може правилно да ги оцени и разбере. Затоа, уште во почетокот кај некои апстиненти се јавува разочараност и нивниот интерес за посета на Клубот опаѓа. Препорака од експертите е да се практикува, барем извесен период, покрај редовните состаноци каде присуствуваат сите апстиненти, да се работи одвоено со апстинентите кои го започнуваат своето лекување, за да се припремат да можат правилно да го разберат значењето и користа од посетата на Клуб на лекувани алкохоличари.

За значењето на Клубот на лекувани алкохоличари, во менувањето на односот на апстинентот кон алкохолот и кон животот воопшто, најдобро ќе дознаете ако ги прочитате моите книги: “Исповед на еден алкохоличар” и “Како да се победи Кралот Алкохол.”

Со љубов во Бога

ЖЕНИТЕ ВО КЛУБОТ НА ЛЕКУВАНИ АЛКОХОЛИЧАРИ – “ВИКТОРИЈА”

Category : КЛА 048-550716, СИТЕ КАТЕГОРИИ 075 985772

0

Бракот може да биде среќен само под овој услов: и едниот и другиот брачен другар мораат себе си да ја одредат како прва должност оваа незаменлива одлука: сакам да го сакам и да го почитувам тоа срце на кое сум му дозволил да биде господар над моето. Силвио Пелико

Не недостатокот на љубов, туку недостатокот на пријателство ги создава несреќните бракови     Ниче

Оваа мудрост од Ниче ја зедов како главна поента за мојот текст, бидејќи по седумгодишна апстиненција од алкохолот, ја сфатив нејзината вистинска порака. За разлика од многу алкохоличари, кои вината за својата несреќна состојба, за своите грешки, глупости и пропусти во животот, го посочуваат несогласувањето со својата сопруга, јас денес признавам, и пред себе и пред Бога, дека вината беше само моја. Мојата сопруга стоички ги издржа сите мои удари, сета неправда што и ја нанесов, го издржа моето неподносливо однесување, го одржа семејството, за што од сето срце и душа сум и благодарен. Таа беше и пријател, и мајка, и сопруга, и сестра – се во исто време. Денес сум многу среќен човек и можам слободно да кажам дека нема ништо поубаво, отколку кога на својата сопруга, на своите деца си им толку мил, да заради тоа и самиот себе си си уште помил.

Кога човекот ќе тргне по трнливиот пат кој води во алкохолниот пекол, за жал, заедно со него, по тој пат одат и неговите најмили – сопругата и децата. Тие гледаат како алкохоличарот секојдневно се уништува во својата глупост, но не гледаат начин како да му помогнат и нему, и себе си. И покрај големата љубов, што најблиските ја чувствуваат кон него, по долгогодишното поднесување на последиците од алкохолот, едноставно креваат раце од алкохоличарот, го оставаат сам на себе.

Единствено оправдување за оваа голема, ако не и најголема грешка на луѓето, кои се најблиски на алкохоличарот, е нивното незнаење, нивната недоволна информираност, дека спас има. Повторувам, спас од алкохолниот пекол има и лекот се наоѓа на дофат на вашите раце, треба само да соберете храброст и мудрост и да го земете, за свое добро, уште повеќе за доброто на вашите деца.

Во рамките на Клубот на лекувани алкохоличари: “Здрав живот” од Прилеп, многу успешно, корисно, и едукативно работи и Женскиот дел од клубот за поддршка - ”Викторија”. На состаноците кои се одржуваат во Центарот за Социјални работи секоја среда од 16-18 часот, присуствуваат сопругите на лекуваните алкохоличари, кои активно го посетуваат клубот, но и оние мајки, сопруги, сестри и ќерки, кои во својот дом имаат алкохоличар, но не го знаат начинот како да го убедат и тој да се обиде да ја надмине и победи алкохолната болест, што долги години ја има. Оваа активност е од извонредно значење, бидејќи многу сопруги од алкохоличарите се плашат, пред својот сопруг, да ги искажат своите маки и страдања. Добиените сознанија се од извонредно значење во натамошниот пристап кон алкохоличарот, во менувањето на неговите погледи кон алкохолот и кон животот воопшто.

Почитувани мајки, сопруги, ќерки, сестри, деца – дојдете во храмот на спасот и побарајте спас за вашите најмили, пронајдете го најлесниот пат кон среќна иднина за вашето семејство, посетете го Женскиот дел од клубот “Викторија.” На вратата ќе ве пречека веселата насмевка на нашите прекрасни терапевти г-ѓа Милка Темелкоска – социолог и др.Снежана Ѓорѓијоска – психијатар. Ќе слушнете многу совети кои ќе ви бидат од голема корист за вашата иднина, но бидете убедени дека во нивното срце ќе останат многу неискажани нешта, бидејќи невозможно е на еден состанок да се искажат најдлабоките тајни за смислата на животот и живеењето. Сепак, ќе поминете прекрасно попладне со луѓе кои имале слична или иста животна судбина, со луѓе кои успеале да го пронајдат начинот како да се соочат со секојдневните проблеми, со луѓе кои ќе изразат спремност искрено да ви помогнат во секое време. И, кога по завршувањето на состанокот полека ќе чекорите кон вашиот дом, кога вашите мисли ќе ги средуваат впечатоците од оваа, за вас, необична средба, опиени од кратката среќа на надежта што после долго време повторно ќе заживее во вашето срце, низ главата ќе ви доаѓаат безброј прашања, а меѓу нив најглавните: “Овие среќни жени немале толку големи проблеми и страдања како што имам јас. Нивните мажи сигурно не биле големи пијаници и не правеле толку големи проблеми како мојот сопруг.” Во тој момент погледнете подлабоко и поискрено во вашето срце и одговорот што таму ќе го пронајдете, ќе ги разбие вашите дилеми и сомнежи. “Во секое семејство каде има пијаница, на овој или на оној начин ги има истите проблеми. Долго време ме мачеше мислата дека само ние така живееме, дека во другите бракови тоа го нема. Но, тоа мора да е судбина на сите луѓе кои завлегле во алкохолниот пекол. Веројатно и тие, како и јас, мислеле дека тоа е само нивна несреќа. Досега ја криев таа премногу срамна несреќа не само од другите, туку и од самата себе. Денес за првпат во животот добив вистинска надеж дека шанса за излез од пеколниот алкохолен лавиринт, во кој толку долго време се наоѓаме, сепак постои. За успехот на овие среќни, неверојатни жени, полни со позитивна енергија, мора да се најзаслужни терапевтите. Не верував дека на земјата сеуште постојат луѓе, кои во себе имаат толку љубов и човекољубие, како што во себе имаат г-ѓа Милка и др.Жане. Но, од каде извира нивната сила и енергија да се зафатат со спасување на алкохоличарите, кои се отфрлени од луѓето и живеат на маргините на општеството? Без дилеми, тоа мора да е дар од нашиот Семоќен Бог. Божјата промисла не случајно ги избрала токму овие храбри и несебични жени, г-ѓа Милка и др.Жане, на својот грб да ги носат тешкотиите во борбата со злото, како најголеми борци да бидат Божјото оружје, до конечната победа над најголемиот непријател за целото човештво – алкохолот.”

Ги повикувам сите сопруги или ќерки, мајки или сестри, кои не знаат каде да ја побараат помошта што им е толку неопходна, да дојдат во Женскиот клуб за поддршка на лекуваните алкохоличари “Викторија.” Треба да соберете храброст, да ги надминете сите предрасуди и да ја согледате реалноста дека алкохолизмот е болест, како и секоја друга болест и дека може да се лечи. Терапевтите и сопругите кои го посетуваат клубот ќе ви поклонат искрено внимание, на сите ќе ви пружат рака за помош. Знаете, кога човек ќе мора преку греда да премине преку некоја провалија, тоа многу полесно ќе го направи, ако знае дека од другата страна има некој, кој ќе му подаде рака. Раката ви е пружена, имајте мудрост и прифатете ја. Преминете на страната на победниците над ѓаволот. Посетете го клубот и наполнете ги вашите чаши од изворот на надежта што потекува од срцата на нашите терапевти, пружете ја раката кон плодоносното дрво кое расте од нивното срце и вкусете од слатките плодови на среќата. Бидете убедени дека ќе ви се измени вашиот живот, ќе ви се изменат вашите соништа. И, кога вашиот сопруг, брат или син ќе излезе од пеколот, кога на вашата одлука што сега треба да ја донесете, а за која можеби се колебате, ќе набљудувате од друга перспектива, кога мирот, среќата и радоста ќе се вратат во вашиот дом, убеден сум дека вашето задоволство ќе биде многу големо, толку големо, како да сте ја добиле главната премија на лотарија.

Со љубов во Бога

ИНФОРМАЦИИТЕ ГО ДВИЖАТ НАПРЕДОКОТ НА ЧОВЕШТВОТО!!!

Category : СИТЕ КАТЕГОРИИ 075 985772, УЛОГАТА НА ДРЖАВАТА

0

Написано је: “У почетку беше РЕЧ!”

Како чу даље! Запео сам веч! Не могу реч тако високо ценити,

ја морам другом њу заменити, ако сам се правог духа надисао.

Ту пише: “У почетку беше СМИСАО!”

Код првог реда добро пази, да твоје перо не пренагли.

Јел смис’о тај што дела и ствара?

Треба да стоји: “У почетку беше СНАГА!”

Ал и при овој речи стајем

и док је пишем веч се кајем.

Помаже мали дух! Одједном пишем смело,

јер јасно видим: ‘У почетку беше ДЕЛО!”

                                                                                               Гете

Денес луѓето живеат во состојба каде секојдневно, од разни страни, се бомбардирани со безброј информации, кои претендираат да бидат од корист за нив. Преку печатените и електронските медиуми, посебно преку интернетот, денес луѓето многу лесно и многу брзо можат да ги добијат сите сознанија, кои им се потребни. Библиотеките се преполни со книги, кои за жал, се помалку и помалку се читаат. Тоа ме тера често да се запрашам: колку моите книги и текстови можат да им бидат од корист на луѓето и дали, покрај сите силни информации за борбата со алкохолот и алкохолната болест, има место и за моите книги и текстови, дали барем на некого тие ќе му помогнат?

Страшно е кога човек, кој веќе со едната нога е во гробот (ова го велам за себе, бидејќи се повеќе и повеќе тоа го чувствувам), со радост вади од својот стар куфер секаква старудија насобрана со годините и вообразува дека ова или она им е потребно на луѓето, а секогаш повторно и повторно забележува дека и овој пат заборавил, па не го извадил тоа што е најважно и најпотребно, што се скрило во некој ќош од куферот. Како се ближи неговиот крај, човекот се повеќе е свесен дека куферот, кој го отслужил своето, ќе биде фрлен во ѓубрето, а заедно со него ќе пропадне и единственото добро што било во него.

Најголем мотив да продолжам со пишување добивам токму од погрешните пораки за борба со алкохолот и алкохолната болест, што секојдневно стигнуваат од разни страни. На основа на заедничките, општо прифатени норми, луѓето обично претпоставуваат дека, ако нешто е општо прифатено, тоа мора да биде нормално и исправно, што за мене воопшто не е прифатливо. Затоа, упорно настојувам да ги докажам моите ставови за борбата со алкохолното зло, кои за жал, поради веќе прифатените конвенционални правила, поголемиот број луѓе не сакаат да ги прифатат и да ги применуваат во нивното живеење, за да изградат посветла и посреќна иднина за себе и своите најмили.

Постои голема веројатност моите ставови и размислувања за борбата со алкохолната болест, во овој момент, заради односот на државата кон овој најголем проблем за целото човештво, да не можат во пракса да се спроведат во целост. Тоа ме прави несреќен, но не ме разочарува. Сметам дека човек не треба да го напушти својот став и да ги отфрли своите племенити идеи, само затоа што во овој момент тие не можат или затоа што се нема доволно добра волја, да се спроведат во дело.

Можеби идеите што ги предлагам за надминување на катастрофалната состојба со алкохолизмот во нашата држава, за поголемиот број од луѓето, во најмала рака се дискутабилни, а се разбира, за власта се целосно неприфатливи. За таквата состојба воопшто не се чувствувам виновен. Ако за нешто навистина сум виновен, тогаш тоа единствено е затоа јас, иако мислам дека добро ја познавам вистината за последиците од алкохолизмот (тие последици триесет години ги чувствував на своја кожа, уште повеќе ги чувствуваа моите најмили), многу слабо ја ширам меѓу луѓето, ја ширам само во ограничен круг на луѓе. Во иднина ќе се трудам многу похрабро, не само да ги опоменувам луѓето на опасностите од ова зло, туку да им скренувам внимание на институциите да ја согледаат и прифатат нивната одговорност и, конечно, да започнат вистинска борба со алкохолното зло, од кое страдаат голем број луѓе. Статистиката докажува за колку голема несреќа станува збор. Во Македонија има од 60.000 – 80.000 алкохоличари. Ако таа бројка ја помножиме по четири члена на секое семејство, доаѓаме до околу 300.000 луѓе кои секојдневно ги трпат последиците од алкохолизмот. Кога толку луѓе би биле заболени од која било друга болест, власта сигурно ќе прогласи вонредни мерки во државата.

Која е улогата на Клубовите на лекувани алкохоличари во борбата со алкохолната болест, во овој сплет на околности? Ние, кои ја знаеме вистината, бидејќи на своја кожа сме ги почувствувале последиците од алкохолното зло, треба таа вистина што помасовно да им ја соопштуваме на луѓето. Преку нашите активности треба да се припреми човештвото за среќните денови, кога алкохолот ќе биде протеран од животот на луѓето, а заедно со него и сите глупости и страдања што произлегуваат од него, бидејќи ќе биде потребно луѓето да создадат некои други места што ќе ги заменат кафеаните, некои други зборни места каде луѓето ќе се дружат, состануваат и запознаваат.

Вие, што ќе го прочитате овој текст, немојте да мислите дека сум толку наивен, да и самиот незнам дека сето ова е само сон. Но, убеден сум дека патот што го избрав и по кој упорно чекорам, еден ден, еден далечен ден, ќе ме одведе до племенитата цел – уништување на најголемиот непријател за целото човештво – алкохолот.

Со љубов во Бога

ДА МУ ПОМОГНЕМЕ НА ПРИЈАТЕЛОТ ПОЛЕСНО ДА ГО НАЈДЕ ПАТОТ ЗА ИЗЛЕЗ ОД АЛКОХОЛНИОТ ПЕКОЛ

Category : КЛА 048-550716, ЛЕКУВАЊЕ 075 985772, СИТЕ КАТЕГОРИИ 075 985772

0

Среќаваме многу луѓе кои говорат за слободата, но наоѓаме многу малку кои не го посветиле целиот свој живот на тоа, да себе си си исковаат окови.     Гистав ле Бон

Слободни сме толку повеќе, колку поразумно делуваме, а слуги сме толку повеќе, колку повеќе дозволуваме со нас да владеат страстите.     Лајбниц

Драг пријателе,

Го напишав овој текст за да го изнесам тоа што сакам да ти го кажам, бидејќи помеѓу нас, заради твоето однесување, се подигна бариера, ѕид низ кој не можеме нормално да комуницираме. И, затоа што тој ѕид постои, ние стануваме се подалечни и тешко можеме да се разбереме еден со друг. За да го турнам тој ѕид и да ти го соопштам ова многу важно што имам да ти го соопштам и без што, во тоа сум цврсто убеден, дека ќе ти биде се потешко и потешко да живееш, јас го пишувам овој текст. Те молам внимателно да го прочиташ и добро да размислиш за неговата содржина. Вреди ова да го направиш и само заради тоа што јас, пишувајќи ги овие редови, со мака се борам со мислата за мојата неспособност и невредност да му помогнам на пријател што многу го почитувам и ценам, за кој што деноноќно размислувам. Ова што денес го пишувам се однесува и на другите членови од Клубот на лекувани алкохоличари, кои се наоѓаат во иста состојба како и ти, односно повторно му се вратија на алкохолот, но додека пишувам само ти си ми пред очите и ти се обраќам само тебе.

Во овој момент за тебе е потребно и многу корисно да научиш, како правилно да го сфаќаш животот од другите луѓе, особено правилно да ги сфатиш и конечно да почнеш да ги развиваш животните потреби и радости на твоите најмили. Забележувам дека сега засега за тебе тоа чувство е непознато. Никако не можеш да сфатиш дека твоите најмили имаат потреба да се радуваат, да уживаат, да страдаат и сакаат да живеат полн живот исполнет со мир и благосостојба, како што би требало да живееш и ти самиот. Потполно ги имаш занемарено, длабоко во твојот мозок, во некоја фиока, ги имаш заклучено чувствата за праведност, љубов и човекољубие, целосно го имаш загубено чувството за одговорност, за градење на вистинско заедништво, што е основа за мир и топлина во секој дом – најскапото нешто што кој било човек може да го посака. Драг пријателе, ништо поскапо не можеш во животот да им поклониш на твоите прекрасни деца, од тоа што вистински ќе ја сакаш и почитуваш нивната мајка.

Ова не го зборувам само затоа што досега во твоето однесување, никогаш не сум забележал каење и грижа на совеста, туку затоа што кај тебе целосно отсуствува искрено сочувство кон оние кои страдаат (твојата сопруга и децата), или народски кажано, тоа е заради егоизмот кој царува со твојата заробена душа. Јас триесет години бев во алкохолниот пекол, во истиот пекол во кој што денес ти живееш и заради тоа се грозам од тој егоизам и на мене влијае како да гледам нешто најодвратно.

Подолго време во мојата душа се собираа овие чувства и ете собрав храброст и ги искажав, само заради тоа што навистина те почитувам и ти посакувам се најубаво во животот, затоа што навистина сум спремен да ти помогнам да излезеш од пеколниот алкохолен лавиринт во кој што се измачуваш, а за жал, покрај тебе во тој пекол се измачуваат и членовите на твоето семејство. Повеќепати, со посебна почит и внимание, ги избирав зборовите со кои сакав да ти укажам на твоите најголеми грешки, за кои и тогаш и сега сум цврсто убеден дека можеш да ги надминеш, за да го пронајдеш патот кон среќата и радоста. Прва и најголема грешка во твоето однесување е твојата склоност кон лажењето. Во почетокот ја разбирав твојата желба пред другите да се претставиш во најдобра светлина, да ги убедиш сите членови на Клубот, па дури и терапевтите, дека повеќе не се дружиш со алкохолот, но се надевав дека таа особина, што е карактеристична за повеќето алкохоличари кои започнуваат со апстиненција, со текот на времето ќе ја надминеш. Но еве, и после повеќе од шест месеци откако го посетуваш Клубот, ти продолжуваш секојдневно да пиеш алкохол и упорно се залажуваш себе си дека за тоа никој не знае, безобзирно и безобразно пред сите упорно докажуваш нешто што е толку очигледно и за кое сите ја знаат правата вистина.

Во последно време многу ме измачува едно прашање: која е причината што ти го прекина нашето дружење и дали во сето тоа има моја грешка? Кога подлабоко навлегувам во ова прашање, секогаш доаѓам до само еден едноставен одговор: твојата почит кон мене и моите напори, со моите укажувања и совети да ти помогнам, се на многу ниско, можеби на најниско можно ниво. Упорно настојувам да те натерам да ги промениш твоите ставови за алкохолот и да ги прифатиш моите совети полесно да ја победиш алкохолната болест, но изгледа дека не успевам во тоа. Од друга страна, за мене е болна и самата помисла така еноставно да те оставам да продолжиш да се уништуваш во твојата глупост, бидејќи одсекогаш сум бил, а и сеуште сум убеден дека со малку труд од твоја страна, сите работи можат да си дојдат на правото место.

Пред се, треба да донесеш цврста одлука, од твојот карактер да го исфрлиш самозалажувањето и лажењето, таа гнасна, одвратна особина која води кон губење на најскапото нешто во човековиот живот – а тоа е достоинството. Наједноставното и најкраткото правило за среќен живот се состои во тоа, да човекот што е можно помалку им биде терет на другите, да ги принудува (спротивно на нивните убедувања) да ја прифатат лагата наместо вистината, да го прифатат страдањето наместо среќата, да го прифатат лошото наместо доброто. Собери сила правилно да го разбереш ова што ти го пишувам, прифати го и во пракса, покрај другите правила добиени во Клубот, применувај го и ова правило кое му дава целосна смисла на човековиот живот и кое произлегува од најубавите доблести, правило што ги решава сите потешкотии кои ќе се испречуваат пред тебе. Само тогаш ќе бидеш спокоен, задоволен и среќен, кога и самиот ќе бидеш цврсто убеден дека со твоето однесување им носиш среќа и радост на сите луѓе околу тебе, особено на твоите најмили.

Не е најголем мудрец човекот кој знае најмногу работи. Има безброј работи кои ние не можеме да ги знаеме. Ти си паметен и интелигентен човек и пред тебе се отвораат бесконечни можности. Животот те научил на многу работи, но треба да знаеш дека најголемата мудрост во тој систем на знаења е во способноста на човекот, своето знаење да го распореди според степенот на важност на работите. Од сите знаења кои човекот може и треба да ги знае, најважно е знаењето за тоа : како треба да се живее, а притоа што помалку да се прави зло, туку што повеќе добро. Тоа знаење не се учи во ниедно школо, на ниеден факултет – тоа знаење, со малку труд, најдобро ќе го стекнеш во Клубот на лекувани алкохоличари.

Почитуван колега, треба безрезервно да го прифатиш ова што ти го советувам. Треба да бидеш многу искрен за да ја почуствуваш силата на големата љубов и доброто, со твоите умни способности постепено да почнеш да се качуваш по скалите на успехот во борбата со алкохолната болест. Прифати ја пружената рака за помош на луѓето од Клубот на лекувани алкохоличари и многу полесно и побрзо ќе успееш да го победиш ова најголемо зло не само за тебе, туку за целото човештво. Многу ме боли што, не велам дека знам, но претпоставувам, дека сето ова што го кажав ќе биде сосема мирно отфрлено од твоја страна, како некоја непријатност што ја возбудува и разбранува твојата душа. Ако пак не биде така, и ти, драг пријателе, подобро размислиш и ѕирнеш во твојата напатена душа и, ако посакаш да го разбудиш во тебе тоа што во овој момент ти недостига, јас многу ќе се радувам. Согледај ги своите недостатоци и убавите особини веднаш сами од себе ќе се појават. Се разбира, на мојата помош можеш да сметаш во секое време и немој да се колебаш да ја побараш.

Прости ми ако не бев доволно внимателен со зборовите, со поголема љубов да го кажам тоа што сметам дека во овој момент за тебе е најпотребно. Но, изгледа дека не умеам подобро. Сепак, биди убеден дека моите чуства ги води почитта и добронамерноста кон човек, кој во душата го носам како искрен пријател. Едноставно, гледам како секојдневно пропаѓаш и тоа не сам, туку заедно со тебе пропаѓа и твоето семејство. Спасот за тебе е само еден: длабоко во душата мора да ја прифатиш твојата вина, да се смириш, да престанеш со пиењето алкохол и да признаеш дека алкохолот е најголемата причина што лошо живееше и сеуште живееш и што е најважно – дека треба не само некои работи да ги промениш во твоето однесување, туку да измениш се и да почнеш од почеток. Треба веднаш да престанеш да се дружиш со луѓе кои те поддржуваат во твојата глупост, на кои воопшто не им е важна твојата и среќата на твоите најмили, треба да најдеш некоја активност што ќе те исполнува, што ќе биде корисна за тебе и ќе им носи среќа и радост на твоите најмили.

Добро размисли за сето ова, но не само површно пред себеси или пред луѓето, туку пред Бога, и направи како што Бог ќе ти каже, односно, твојата совест. И, нека не те збунуваат и обесхрабруваат пречките на кои секојдневно ќе наидуваш, ако тргнеш по нов пат во животот. Тие пречки сами од себе ќе исчезнат и ти нема ни да ги забележиш, ако тоа што ќе одлучиш да го правиш не го правиш само заради себе самиот, заради твојот егоизам, туку заради мирот во твојата душа, уште повеќе, заради мирот и среќата во вашиот дом, односно, заради Бога.

Со љубов во Бога     Твојот искрен пријател Илија Петрески

ПРИЈАТЕЛСТВОТО – СТОЛБ НА КЛУБОТ НА ЛЕКУВАНИ АЛКОХОЛИЧАРИ

Category : КЛА 048-550716, СИТЕ КАТЕГОРИИ 075 985772

0

Со своите пријатели правам исто како и со своите книги. Би сакал да бидат таму каде ќе можам да ги најдам, но ретко со нив се користам.     Ралф Емерсон

Како што ластовицата во лето долетува, а во зимо одлетува, така и неверниот пријател во среќата е на услуга, а штом среќата ќе се промени, тој го остава пријателот.     Цицерон

Човекот е социјално битие, создадено да живее во заедница со другите луѓе, за да може да опстои. Старите велат дека судбината на човекот му ги одредува роднините, а пријателите ги избира сам. Како што единствена вистинска награда за направеното добро дело е самото дело, така и единствен начин човек да има пријател е и самиот да биде пријател. Тоа значи дека секој човек треба да ги прифати сите слабости на луѓето со кои комуницира, слабостите од другите да не му сметаат, да биде многу толерантен и спремен на пријателот да му се најде во неволја во секое време.

Има многу случаи, кога човекот не е во можност самиот да ги избира луѓето со кои ќе соработува и комуницира. Таков е случајот со членовите на Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп. Од самиот почеток на своето постоење, во далечната 1978 година, Клубот е доброволна, достапна и отворена организација за секој човек кој има какви било проблеми предизвикани од алкохолот, но го посетуваат и луѓе кои за среќа немаат проблеми со пиењето алкохол, туку, од чисто човекољубие, доаѓаат за да им помогнат на другите. Зборот пријателство во нашиот Клуб не е само обична фраза, лесно прифатена формалност. Пријателството помеѓу апстинентите се темели на основните човекови доблести – взаемното почитување, добрината, вистината, љубовта и човекољубието, искреноста и спремноста еден на друг да си помагаат во заедничкото одење кон посреќна и посветла иднина.

Се поставува сосема логично прашање: како е можно во една заедница, во која членуваат различни луѓе, кои во поголемиот број случаи воопшто не се познаваат помеѓу себе, луѓе кои позади себе имаат страшно минато бидејќи долги години биле заробени од ѓаволот и живееле во алкохолниот пекол, луѓе кои биле многу лоши и им нанеле големи неправди и несреќи на своите најмили, како е можно токму такви луѓе да изградат така добро пријателство помеѓу себе, достојно за почит и восхит? Која е таа сила што така цврсто ги држи темелите на Клубот на лекувани алкохоличари?

Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп е како каменит свод, чии камења се поврзани, но тој веднаш ќе се сруши ако над него деноноќно не бдеат нашите терапевти. Тие се единствени учители, достојни на тоа име, бидејќи кај апстинентите го разбудуваат духот на слободното мислење и развиват чувство на лична одговорност. Тие не учат, за да се чувствуваме посигурни, похрабри и помирни, дека треба да посакуваме малку од животот, а да се надеваме на уште помалку, не учат дека не мораме да бидеме подобри од другите, туку да бидеме најдобри колку што можеме. Тие знаат да ја препознаат демонската сила на незнаењето, уште повеќе, да ја препознаат демонската сила на погрешното знаење, а со тоа да ја уништат и таа лоша причина за многу лични и семејни трагедии. Нашите терапевти на апстинентите им пружаат посебна помош и внимание во нивното искачување кон врвот на вистината, кон здогледување на нови, поголеми предели од животот, кои треба да ги истражуваат.

Поголемиот дел од луѓето својата среќа во животот ја наоѓаат во стекнувањето на богатство, во уживањето во предметите на техниката и технологијата од развојот на цивилизацијата. Во светот има многу експерти кои придонесуваат за развојот и унапредувањето на науката и техниката, но само терапевтите во Клубот на лекувани алкохоличари правилно ја разбрале и во пракса го применуваат напредокот на цивилизацијата, на која, на крајот на краиштата, не би требало да и биде цел само напредокот на науката и машините, туку напредокот и издигнувањето на човекот.

Нашите терапевти постојано не учат дека вистинска среќа и огромно богатство за секој човек е да стекне барем еден вистински пријател, дека нема други богатства повредни од тоа. Тоа го потврдува и мудроста на почитуваниот професор др.Ферид Мухиќ:“Таму, каде човекот е број еден, парите се број два; таму, каде парите се број еден, човекот е број - нула.”

РЕЦИДИВ 4 – ВРАЌАЊЕ

Category : РЕЦИДИВ, СИТЕ КАТЕГОРИИ 075 985772

0

Да ги увериме паметните луѓе дека сме нешто што вистински не сме – тоа често е потешко отколку да станеме тоа, за што би сакале да не сметаат.     Георг Лихтенберг

Научникот привлекува со знаење, богатиот со богатството, убавецот со убавината, способниот со својата способност. Секој од нив привлекува одреден број лица. Единствено љубовта, без исклучок ги привлекува сите човекови суштества. Отец Калистрат

Веќе на наредниот состанок во Клубот на лекувани алкохоличари, др.Жане ни приреди пријатно изненадување. Рече дека нашите напори не беа залудни.

-Имам посебна вест за сите вас. Вчера околу пладне во болницата, дојде вашиот колега кој го посетивме пред неколку денови. Рече дека ги согледал своите грешки и цврсто е решен повторно да започне со апстиненција. Сите многу ве поздравува и вети дека за брзо ќе го посети Клубот. Забележав дека е исполнет со силно чувство на срам и грижа на совеста и затоа не инсистирав денес да дојде во клубот.

Навистина бевме пријатно изненадени. Најтешкиот дел од работата беше завршена. Ова беше едно од многуте искуства, што преку секојдневната комуникација помеѓу апстинентите постојано ги доживуваме, искуство кое не научи дека навремената интервенција во случај на рецидив, дава најдобри резултати.

По излегувањето од болница, на првиот состанок во Клубот, нашиот колега дојде заедно со својата сопруга. Не кревајќи го погледот, промрмори нешто, слично на добар ден, и тромо седна во ќошот од салата. Не можеше да ја сокрие болката на неговото лице. Беше тоа многу пријатно изненадување и сите многу се израдувавме на неговото присуство. Верувам дека уште повеќе не изненади кога зеде збор и нажалено праша:

- Какво тоа мислење имате за мене и моето достоинство, штом сметате дека јас би можел, макар и да помислам, целосно да го напуштам Клубот. Ве уверувам дека тоа не може да биде. Кога се најдов над таква бездна, помеѓу пропаста на една и неизвесноста на друга страна, бев убеден дека дефинитивно сум изгубен и затоа за момент, потсвесно, се посомневав во вредностите на Клубот. Но, дури и кога би знаел дека повеќе не ме сакате и дека ќе се разделиме засекогаш, од што за мене пострашна би била само смртта, никогаш на памет не би ми дошла таква идеја и затоа ве молам, ако кај вас сеуште има останато барем малку почитување и љубов кон мене, подобро за тоа да не ми зборувате – ќе ми биде помило добро да ме истепате. Искрено жалам за тоа што се случи со мене и затоа мислам дека најдобро е се да заборавиме, уште подобро, засекогаш да го закопаме сеќавањето на тоа.

Веројатно ја забележа пријатната збунетост кај сите присутни што ја предизвика неговиот говор, забележа дека очекуваме да даде додатни објаснувања. Продолжи со тивок глас, но не можеше да ги сокрие солзите.

- Се враќам во Клубот, таму каде ја најдов својата среќа. Моите блиски роднини и пријатели ги гледаат работите такви какви што тие сакаат да ги видат, а не такви какви што навистина се и затоа имав голем притисок од нив. Не знаев како да им се спротивставам. Креваа голема врева говорејќи дека сум многу паметен и интелигентен, дека нема што да научам во клубот и дека моето место не е таму, така што мене јадниот, возгордеаноста ми удри во главата. Бев возгордеан како и многу други луѓе, добро знаев дека ме сметаат за исклучително паметен и надарен, па за себе и самиот почнав полека да оформувам такво мислење, какво што за мене имаа другите луѓе, а особено ми беше пријатно кога зборуваа за тоа и кога ме фалеа и имаше многу такви моменти во кои вистински уживав. Никогаш некое бедно, возгордеано човеково битие не било заслепено од сето тоа што околу него се случува, како што бев заслепен јас. Ниту во еден момент не размислував за тоа што ме чека, ниту помислував дека сум толку блиску до пропаста и дека несреќата веќе е дојдена пред мојата врата. Сепак, сакам да бидам целосно искрен и да признаам: има вистина дека таа пропаст во тој момент повеќе како да ја посакував, отколку што настојував да ја избегнам. Се трудев луѓето да ме сметаат за нешто повеќе отколку што вистински бев и тоа беше моето најголемо залажување. Во почетокот имаше многу моменти кога го кревав погледот кон небото и се прашував: зошто Господе, зошто да не можам да живеам лагоден живот, како што живеат моите роднини и пријатели.

После посетата на мојот пријател, наредниот ден ме посети патронажната група. По укажувањата од моите пријатели, посебно по укажувањата на нашиот терапевт др.Жане, како да се разбудив од длабок сон. Дотогаш беа бесполезни советите што ги слушав од моите родители и сопругата, бидејќи чувствував дека тоа е само обично попување. На мене вистински делуваше огромниот авторитет на нашиот терапевт, бидејќи оној што е склон кон грешен живот, повеќе се поведува по тоа што воспитувачите од срце го прават, отколку по тоа, за што лажните филозофи расправаат. Многу долго и многу сликовито, со многу примери од долгогодишната пракса, ми ја опиша состојбата во која се наоѓам. Рече дека се надевала дека до крајот на животот ќе бидам под влијание на добрите поуки и совети што ги слушав во Клубот, дека никогаш нема да ги заборавам поранешните неволји предизвикани од алкохолот, дека нема да дојдам во состојба, во која ќе ми биде потребно нешто повеќе од Божјата милост за да не станам поголем грешник, отколку што бев порано. Не сум способен да ги повторам прекрасните зборови од овоа извонредна личност - единствено што можам да речам е дека др.Жане повторно влеа живот во мојата душа и ме доведе во состојба, каква што за целиот свој живот на познавав. Сето тоа го искажа со така силни зборови, со какви јас не можам да се изразувам и тоа го поткрепи со така уверливи докази, што јас не можам ни да ги повторам. Со тоа не само што ме натера да ја слушам долго време, туку многу вешто ги побиваше сите мои примедби, а своите зборови ги поткрепуваше со сите можни докази што човековиот ум може да ги измисли. Можам да речам дека успеа да го скрши мојот отпор, побивајќи ги со докази сите мои мотиви и причини за да го напуштам Клубот и конечно почнав да сфаќам, колкава е опасноста што ми се заканува, а на која пред овој разговор, воопшто не помислував. Посетата на патронажната група во мојата душа остави силен впечаток, а заради добрината што ја почувствував во тој момент, одвратноста кон моите гревови беше појака, отколку кога било дотогаш. Бев засрамен и солзи ми доаѓаа во очите, но истовремено почувствував прикриена, прекрасна радост во надежта дека сеуште имам шанса да станам вистински покајник, дека ќе ми биде простено, дека ќе го оставам алкохолот засекогаш и ќе се вратам во нормалниот живот. Морам повторно да напоменам дека, не само во таа прилика, туку и во многу други моменти, кога ќе се појавеше напливот на благодарност во мојата душа, мојот поранешен живот ми изгледаше нестварен и никогаш толку не ми се гадело и никогаш не сум чувствувал таква грижа на совеста, како во моментите кога ќе се потсетев: каква добрина, преку моите пријатели од Клубот , посебно од нашиот терапевт др.Жане, ми подари Божјото Провидение и бев спремен на таа добрина никогаш повеќе да не возвратам со враќање во злото, во алкохолниот пекол. Ги примам како дар среќата и радоста, совеста и разумот, како нешто најскапо што кога било некој ми подарил, но исто така го примам овој дар како долг, кој ќе го отплаќам додека сум жив.    

ДА ГО ПОСЛУШАМЕ ЧОВЕКОТ ОД ОГЛЕДАЛОТО

Category : КЛА 048-550716, СИТЕ КАТЕГОРИИ 075 985772

0

Кога ќе се угасни светлоста на твојот духовен живот, темна сенка на твоите телесни желби ќе падне на твојот пат. Чувај се од таа страшна сенка: светлоста на твојот дух не може да го уништи тој мрак, се додека од твојата душа не ги истераш желбите на телото.    Браманска мудрост

Секој човек може да биде огледало во кое ги гледаме своите маани, недостатоци и сето зло што е во нас. Но, повеќето од нас притоа постапуваме како кучето кое лае во огледалото, бидејќи мисли дека во него не се гледа себе си, туку некое друго куче.    Шопенхауер

Потсвеста е дел од човековиот ум, кој поседува неограничени можности до кои секој апстинент има пристап и може да ги насочи, за постигнување на што поголем успех во својата апстиненција од алкохолот. Потребно е да да ја искористиме потсвеста за да изградиме самодоверба во нашите вистински вредности, со тоа што ќе го извежбаме умот да ни биде од корист во нашето лекување, ќе ни даде сила и мотив  да му го свртиме грбот на алкохолот, во моментите на криза или искушение.

Секое утро да застанеме пред огледало. Кога со искрени очи ќе погледнеме во човекот во огледалото, да сфатиме дека не е важно што другите велат за нас – ниту нашите мајка, татко, сестра, брат, сопруга, најмалку е важно што за нас велат нашите божемни пријатели - важно е што ни вели човекот во огледалото. Длабоко во душата да ја прифатиме пораката што човекот од огледалото ни ја испраќа, да ја сфатиме неговата тага заради нашата наивна, но во секој случај, огромна глупост. Да ја почувствуваме позитивната сила што зрачи од вистинското јас на човекот во огледалото, сила што ќе ни го врати мирот, среќата и радоста во нашето срце. Со радосни, позитивни мисли да го започнеме денот. Тивко, со сигурност во гласот да му се обратиме на човекот во огледалото: “Јас сум најдобриот апстинент и тоа ќе го докажам денес, утре и секогаш.” А нашите најблиски, кога ќе излегуваме од домот, нежно нека не испраќаат со зборовите: “Ти си најдобриот човек откако си апстинент и тоа денес ќе го докажеш.” Нежните зборови ќе го растопат и најзакоравеното срце, ќе ја зацвстат мислата дека покрај нас живеат луѓе кои искрено не сакаат, ќе ни ја вратат радоста и среќата, ќе помогнат да се наоружиме со позитивна енергија што цел ден ќе биде во нашите мисли. И, така и наредниот ден и сите денови, до крајот на животот.

Почитувани пријатели, знам дека многумина се плашат да фрлат поглед во огледалото, бидејќи се плашат дека ќе се соочат со самите себе, ќе се соочат со својата глупост и своето самозалажување на кое го градат целиот живот. Бидете храбри и извадете ја капата која ве топли, но која истовремено ви го покрива погледот и не ви дозволува да ја согледате правата вистина за последиците од алкохолното зло.

ДА СЕ ПОЧИТУВАМЕ И СОРАБОТУВАМЕ ПОМЕЃУ СЕБЕ

Category : КЛА 048-550716, СИТЕ КАТЕГОРИИ 075 985772

0

Слични со мене се околу мене; и јас сум сличен со нив. Идентификувајќи се со другите, мудриот човек не прави зло, ниту е причина за злото.     Староиндиски запис

Во нашиот изопачен свет општите слабости и маани повеќе придонесуваат за меѓусебно зближување, од сите поуки на филозофите и теолозите.     Халифакс

Откако ќе ги осознаеме нашите грешки и ќе донесеме цврста одлука за победа над алкохолното зло по секоја цена, треба да понудиме и свои идеи со кои ќе си помогнеме себе си и на другите. Ако јас и ти имаме по едно јаболко и ги размениме, ниту јас ниту ти ќе постигнеш нешто. Но, ако ја заменам идејата што јас ја имам за идејата што ја имаш ти, на крајот и двајцата ќе имаме двапати повеќе отколку на почетокот. Значи, тимската работа претставува начин за зголемување на нашето духовно богатсво, начин постојано да се зголемува нашата волја за успех во нашата борба со алкохолната болест. Да запомнеме, кога двајца или повеќе апстиненти си помагаат, кои соработуваат и меѓусебно се дополнуваат и поддржуваат, секогаш постигнуваат многу поголем успех, отколку апстинентот кој сам се бори со алкохолните кризи. Соработката помеѓу апстинентите е најнепогрешливиот клуч до постигнување на сигурен успех во лекувањето на алкохолната болест. Поединечно ништо или многу малку можеме да постигнеме, бидејќи секогаш ќе бидеме изложени на многуте опасности и замки, кои ѓаволот ги поставува насекаде околу нас.

Многу алкохоличари прават грешка, кога за укажувањата од терапевтот и поискусните членови на клубот сметаат, како некој да им поставува домашна задача. Треба што побрзо да се ослободоиме од тој погрешен впечаток и со радост да ги прифаќаме поставените задачи. Единствена оценка која за нашата апстиненција ќе ја добиеме, ќе биде успехот или неуспехот во нашето лекување. За разлика од оценките кои ги добиваме на училиште, оценката добиена за нашето успешно лекување секојдневно треба да ја потврдуваме со нови, практични чекори, кои треба да бидат во склад со новите сознанија, стекнати во Клубот на лекувани алкохоличари. Треба да решиме сега и овде, правилата да ни станат средство за постигнување на посакуваните цели и успехот нема да изостане. Треба потполно да се внесеме во правилата за излез од алкохолниот пекол и да ги применуваме во секојдневните активности. Кога разумно ќе размислуваме за својот живот, ќе го пронајдеме тоа со што треба да се соочиме на патот кон успехот. Значи, треба да соработуваме и да се консултираме со терапевтите или со некој од поискусните апстиненти. Од извонредно значење е правилата за секојдневно однесување, што ние самите ќе ги определиме за нас, да ги разгледуваме и со нашиот брачен другар, отворено да разговараме за нашите размислувања и забелешки. Впрочем, вклучувањето и поддршката на брачниот другар во лекувањето на алкохолната болест, е најважниот дел од семејната терапија.

Ќе ја добиете вашата битка со алкохолната болест, бидејќи вашите терапевти – вашите Ангели, се чувари на вашата среќа и успешно ќе ве предводат во таа борба. Тие на себе ќе ја преземат сета ваша болка, сите ваши страдања. Нивната стратегија е посилна од сите лукавства на ѓаволот, нивната љубов и човекољубие ја докажуваат христијанската доктрина за победа над злото: “Бог со својата љубов и добрина ќе го победи злото.” 

african mango ozoderm