%

Денес не се срамам поради тоа што не знаев ништо за работата на Клубот на лекувани алкохоличари и неговата улога во мојата борба со алкохолната болест, но ќе беше голема срамота и голема загуба за мене, ако ништо не сакав и не се потрудев да научам. Со посетата на клубот го направив првиот правилен чекор, добивав непозната сила од која чувствував како во своите раце да ја држам целата вселена. Патувам низ прашумата на животот, но сега не како уплашен патник кој низ густите дрвја трага по непозната цел, туку како патописец кој во својата свест го бележи сето тоа што треба да се знае во борбата со најголемиот непријател на целото човештво - алкохолот. И, колку повеќе ја осознавам проблематиката на алкохолизмот, се пострастно им се восхитувам на убавините на новиот живот.

Кога денес го анализирам моето однесување додека бев пијаница, доаѓам само до еден заклучок: можеби не беше толку одвратно што постојано ги повторував истите грешки, колку што беше одвратен начинот на кој до тогаш тие грешки самиот си ги простував или, да кажам поедноставно, за многу кратко време целосно заборавав на нив, како никогаш и да не постоеле. Новите грешки што секојдневно ги правев помагаа да ги заборавам старите, а за кратко време и тие стануваа стари кои ги потиснуваа нови грешки и така во бесконечен круг.

Со помош на колегите од Клубот на лекувани алкохоличари, посебно со помош на нашиот терапевт Др.Мец, дојдов до тоа тажно сознание: дека никогаш ништо не сум знаел за животот и дека никогаш ништо не ќе знаев ако и понатаму останев алкохоличар, дека таков каков што некогаш бев - никаков, кога немав ни памет, ни духовност, ни милосрдие, ни добри навики, ќе бев само терет на Мајката Земја, ќе продолжев да одам како ѕвер во човечки облик и само ќе газев по земјата без никаква цел. И, не само затоа што ги прифатив укажувањата на нашиот терапевт и колегите од Клубот на лекувани алкохоличари, не само затоа што во себе донесов цврста одлука да го променам мојот, дотогаш промашен живот, туку единствено затоа што тие укажувања беа како удар со прст на ѕидот кој беше готов да падне под сопствената тежина. Нивните укажувања беа само опомена, дека таму каде што мислев дека ми е најубаво, дека таму одамна се е пусто, дека таму не се наоѓа рајот, туку пеколот.

Откако ја осознав бесмисленоста на мојот живот, веќе не можев да продолжам и понатаму така да живеам. Кога денес, од височините до кои дојдов гледам на минатото, на стариот свет што го познавав - светот на алкохолизмот, развратот  и глупоста, тој свет ми изгледа многу мал. Целото мое детство и младоста беа оптоварени со некој непознат, неодреден немир - никогаш не знаев што точно сакам во животот. Веројатно сакав нешто по што залудно трагав, додека судбината не ме донесе во Клубот на лекувани алкохоличари, каде од првиот момент почувствував дека се наоѓам во сосема нов, друг свет, дека од сите страни сум опкружен со соема нови луѓе, од нивните сериозни интереси, радости и страдања на вистинскиот, корисен човечки живот, опкружен со луѓе кои имаат слична судбина со мојата, слична животна приказна. Во клубот најдов одговор на сите прашања, најдов луѓе кои ми служат за пример, најдов мир, конечно сум спремен да се жртвувам за копнечната цел - победа над алкохолното зло. Полека, но сигурно, клубот ми помогна да ја зацврстам волјата и храбро да зачекорам на патот кон победата, да ги победам своите страсти и навики денес, а не утре, да ја извојувам најголемата победа, победата над самиот себе, да се воспитам со работа и со совладување на многубројните слабости. Добив волја за живот, добив мотив за победа над злото што премногу долго живееше во мене, во моето срце и од каде треба и мора да се искорне.

%

%

Не може да се живее без разум - сопствен или позајмен. Во сите години, додека бев алкохоличар, за мене беше најголема несреќа што никој од моите блиски роднини и пријатели никогаш сериозно, со најдобра намера, не ми пријде и не ме праша: зошто тоа го правам, да ми укаже на моите грешки, да ми помогне полесно да ја согледам вистинската смисла на човековиот живот. Додуша, се случуваше некогаш некој познаник да ме потсети дека тоа што го правам не е добро, но сето тоа сите го правеа кампањски, односно, ми укажуваа на штетните последици од моето пијанство на премногу едноставен начин, така што често се лутев на нив, бидејќи се чувствував како да сум идиот во нивните очи, кој не знае толку едноставни работи.

Колку ќе беше поинаков мојот живот да се најдеше некој човек, кој внимателно ќе ме ислушаше, ќе ги согледаше моите грешки и пропусти, а потоа да ме упатеше по вистинскиот пат во животот, да се најдеше човек во кој ќе видев вистински пријател. Убеден сум дека ќе ги послушав неговите аргументирани совети, ако ми речеше: “За да ја надминеш твојата несреќна состојба, пред се треба да престанеш да се дружиш со другарите кои те влечет по кафеаните, тоа не чини, не е добро. Искористи ја својата дарба за учење и докажи им на луѓето, а пред се докажи пред себе си, дека можеш да живееш многу подобар, поуспешен и поразумен живот.”  Можеби ќе го послушав, можеби немаше да направам толку гревови од кои и денес, кога ќе се потсетам, ме облева срам и се грозам од самиот себе. Но, не се најде таков човек во сето време, додека како ѕвер ги минував своите години. Не дека сум немал добри роднини и пријатели, туку спротивно, веројатно јас не сум знаел да бидам и во нивните очи не сум бил добар роднина и пријател. Одговорот, зошто било така е едноставен: никој паметен не сака да биде во друштво со алкохоличар, со пијаница, со други зборови кажано, во друштво со будала, бидејќи, да се биде во друштво со будала е исто толку болно како да си во друштво со непријател.

Тешко е да се влее памет на тој што нема волја, уште потешко е да се влее волја на оној што нема памет. А во тој најнесреќен период од мојот живот, јас го немав ни едното, ни другото - немав ни волја, ни памет. Бев човек со страшно, промашено минато, сегашноста ми беше пекол, а иднината веќе беше отворен гроб.

Понекогаш се обидував да определам некои правила, за кои мислев да се придржувам, со надеж дека ќе успеам да го оставам алкохолот, дека ќе успеам да го променам животот кон подобро. Но секогаш, после кратко време, ѓаволските искушенија ќе ме уловеа и, самиот не забележувајќи го тоа, повторно паѓав, често и многу пониско отколку што бев порано, со уште поголема расипаност, со уште поголеми грешки од кои паѓав во очај, дали воопшто ќе можам да ги надминам . ” Повеќе пати се обидував да се подобрам, да го оставам алкохолот, но ништо не излезе од тоа” - ми велеше гласот на совеста - “зошто да се обидувам повторно. Не сум само јас таков, сите се такви, таков е животот.” Но, она слободното, духовното битие кое е единствено вистинито, единствено силно и вечно, почна се почесто да се буди во мене и не можев да не почнам да верувам, потсвесно да се надевам во чудо. Колку и да беше големо растојанието помеѓу она што бев и она што сакав да бидам - за духовното битие што почна да се буди во мене, се беше можно.

%

%

Татко ми не ги поднесуваше грешките од своите соседи и пријатели, што беше многу полошо, не ги поднесуваше и простуваше грешките, ни оние најситни, од мајка ми и од децата. За најмала ситница секогаш го подигаше гласот, а знаеше и да казни со понекоја шлаканица. Една вечер, кога си легнавме, слушнав како ја кара мајка ми. Имав само пет-шест години и не можев да разберам во што е кавгата . Другите деца веќе беа заспани, а кога виде дека сум разбуден, татко ми ми рече да му подадам едно дрво, што беше под креветот. Со молба во гласот мајка ми ми рече да не му го давам, но поради стравот од него, го испружив рачето и му го дадов дрвото. Мајка ми тогаш беше бремена и тој силно ја удри по стомакот. Во тој момент, иако сеуште мал, јас го почувствував, не само со разумот, туку со целото свое битие, тој страшен ужас од тоа што се случи таа студена зимска ноќ, која засекогаш се врежа во моето сеќавање. Сите тие распарчени слики, кои често доаѓаат во моето сеќавање, се наеднаш, за мене секогаш добива страшно значење, секогаш чувствувам болка и срам, што во тој настан учествував само како набљудувач. Често се прашувам: дали можев нешто да направам, да и помогнам на мајка ми, да го спречам тоа ужасно дело? Во тој момент јас никако не можев ни да замислам, дека децата можат да се мешаат во такви работи. Но, кога денес размислувам за тоа, секогаш доаѓам до заклучок дека сум можел. И денес, после повеќе од 45 години, кога ќе се потсетам на тој настан, го слушам лелекот на мајка ми. И денес нејзините невини солзи, ја горат мојата душа. Поради тоа отсекогаш чувствував, а и денес чувствувам грижа на совеста, како мојата рака да го направила тоа гнасно, нечовечко дело. И денес, со помислата на тој настан, моето срце трепери, а солзи на вина ги полнат очите.

Мојот татко сигурно беше многу несреќен човек, но тоа не му даваше право да ги прави несреќни и безмилосно да ги казнува своите најблиски. Поради неговото однесување, уште како дете го замразив и секогаш настојував да бидам што подалеку од него. Работеше како стражар и бев среќен кога не беше дома, кога беше на работа, посебно бев среќен кога во лето, ќе ме пратеше да поседам кај чичко ми во Македонски Брод, заради прекрасната хармонија што ја имаше во нивниот дом. Чичко ми Цане, постариот брат на татко ми, работеше како бербер и за да ги прехрани шесте деца, во дуќанот работеше од утро до мрак. Беше симпатичен човек, кој оставаше силен впечаток на луѓето околу него. Од неговата насмевка зрачеше чудна сила, зрачеше позитивна енергија што ги привлекуваше луѓето, така што сите го поздравуваа со посебен респект. Сепак, кога навечер ќе ги миеше нозете со ладна вода, од жилите на нозете, што беа набрекнати како ортоми, можеше да се види дека цел ден е на нога, така што, иако тој никогаш не се жалеше, лесно можеше да се види дека работата му е многу тешка. Тој и стрина ми Летка, мила и многу добра жена, покрај мајка ми, беа едни од ретките, ако не и единствените луѓе на кои им се восхитував и кои вистински ги сакав. Во нивниот дом секогаш беше тивко, иако куќата секогаш беше полна со деца, владееше прекрасна атмосфера на среќа, радост и мир. Затоа, кога после прекрасно поминатите денови се враќав дома, секогаш имав чувство дека го напуштам рајот и се враќам во пеколот.

На сите деца родителите им изгледаат како Богови, тие навистина веруваат дека нивните родители се работат како што треба, дека се безгрешни. Децата не се способни да даваат објективна проценка, за однесувањето на своите родители. Ако лошо постапуваат со детето, во поголем број случаи, тоа ќе заклучи дека тоа е така, затоа што детето не е добро. Ако кон него се однесуваат како да е грдо, глупаво, неспособно - тоа ќе израсне мислејќи дека навистина е такво. Децата воспитани без љубов, со време почнуваат да веруваат дека е невозможно тие да бидат сакани, дека не заслужуваат љубов и внимание. Почитувани родители, еве еден воопштен закон за развојот на детето, на кој треба да обратите внимание: секогаш кога во родителската љубов постои сериозен недостаток, во најголемиот број случаи, детето ќе заклучи дека тоа е виновно за таквата состојба и заради тоа ќе развие нереално негативна слика за себе.

Бев оставен на мојата судбина, бев оставен сам да се снаоѓам во џунглата на животот. Секое дете во својот татко сака да има свој херој, да најде пример за восхит и имитирање и да може толку совршено да го имитира, што никогаш да не се срами, ни детето, ни таткото. За секое дете, таткото требе да биде покорисен од стотина учители. А јас, јас се срамев од постапките на татко ми, а кога најмногу ми требаше, тој не беше покрај мене, веројатно не сакаше или пак не знаеше правилно да ме воспитува и насочува, да укажува на моите грешки, да ми помогне да го правам тоа што можам и што морам да го правам. Јас постапував така, како што е тоа својствено за дете, особено ако се земе предвид средината во која живеев. Соочена со злото и возрасна личност, макар колку и да е суверена, ќе се почувствува збунета. Верувам дека ви е потполно јасно, како јас се чувствував како дете, кога злото секојдневно го среќавав кај човекот, кој требаше најмногу да го сакам и од кој бев целосно зависен. Ако кон тоа додадеме, дека татко ми своите недостатоци и својата злоба, одбивајќи да ги согледа и признае и, се разбира, да ги поправи, всушност сакаше да ги наметне над своите најблиски, ќе ви биде потполно јасно, зошто јас погрешно ја толкував целата таа состојба и, на крајот, се замразив самиот себе.

%  

Животните живеат по својата природа, по дарот и определбата на Творецот. Не може ни да се зборува за грев кај животните. Но, човекот прави грев ако живее со животински страсти, па уште кога тие страсти ги нарекува со светото име љубов. Ниту човекот може да се спушти на нивото на животните, а да не се спушти пониско од животинското ниво.     Отец Калистрат

Последниве неколку недели добивам се повеќе коментари на мојата интернет страница, многу убави коментари кои ме подигаат во сопствените очи и ме инспирираат на уште поголема активност.  Поголемиот дел од оценките се позитивни и идентични со моите ставови за борба со последиците од алкохолот. Сепак, има и коментари каде нашите ставови за борбата со алкохолната болест, активностите што јас ги предлагам и улогата на Клубот на лекувани алкохоличари во оваа борба со најголемиот непријател на целото човештво, целосно се разликуваат. Овој напис, во три продолженија, им го посветувам ним за да ги преиспитаат своите ставови, за да дојдат до единствената, непобитна вистина што јас цело време ја застапувам: нема успех во борбата со алкохолната болест ако човек не вложи максимален труд, ако не се вложи себе си, нема успех без исполнување на основните човекови вредности - искреноста и добрината, љубовта и човекољубието, толеранцијата и трпението.

Најголема забелешка на моите текстови е што повеќето луѓе сметаат, дека во нив внесувам премногу утопија, односно, предлагам идеи кои не можат да се спроведат во дело и дека, по нивно убедување, алкохолот е длабоко навлезен во сите пори во животот на луѓето и е составен дел од нивното живеење. Жалам што стекнале таков впечаток. Признавам дека јас воопшто не се трудам да направам јасна разлика помеѓу луѓето кои умерено и повремено пијат мали количини алкохол за задоволство, од луѓето кои завлегле или веќе се наоѓаат во алкохолниот пекол.

Но, зарем навистина ќе биде покорисно ако ги занемарам страшните последици од алкохолот и моите принципи за борба со него да почнам да ги прикривам, не дај Боже да почнам да ги украсувам, само затоа што мнозинството смета дека алкохолот е важен, составен дел од секојдневието и луѓето нема да прифатат да се изменат. Таквите претпоставки и препораки, од кого и да доаѓаат, дека луѓето нема да престанат да живеат со штетните глупости кои се предизвикани од алкохолот и дека никогаш нема да ја прифатат благодадта на разумот, што јас непрекинато им советувам - тоа претскажување никако не можам и не сакам да го прифатам. Никако не можам да се согласам со тие изопачени ставови кои го оправдуваат постоењето на алкохолот, кои се во спротивност со самата човекова природа, со се што е разумно во моралните човекови потреби. Едноставно, не можам и не сакам да ја прифатам изопачената теза, дека ваквата состојба мора да остане до век и веков. Кога, не дај Боже, би се уверил дека тоа навистина е така, дека моите ставови за борба со алкохолот и алкохолната болест се само гола утопија, веднаш би престанал со моите активности, би посакал што побрзо да заврши мојот живот, бидејќи борбата со алкохолното зло е смислата на мојот живот, кој се состои во помагање на луѓето, а со тоа и менување на нивните погрешни навики и однесувања. Без тоа не ќе можам да живеам. Во границата на моите можности се трудам вистината за алкохолната болест да ја изразам јасно и јавно, за сите да можат да видат дека сепак има луѓе, кои ги гледаат вистинските последици од алкохолното зло и кои сакаат да се борат со него, луѓе кои се обидуваат да ги мотивираат послабите по дух, за и тие да се вклучат во најголемата армија на светот.

Жал ми е и многу тешко што не умеам да го искажам со многу посилни зборови тоа што е толку јасно, а на луѓето кои секојдневно ги трпат последиците од алкохолното зло им е толку потребно, зборови кои конечно ќе ги натераат разумните луѓе да ги насочат своите мисли кон помагање на алкохоличарите и ослободување од алкохолот воопшто. Тоа чувство на немоќ што е во мене, слично е на чувството на нем човек кој не може да го каже тоа што го знае, тоа што е толку потребно и спасоносно да го знаат оние, на кои би сакал да им каже. Ова силно чувство на тага што ме преокупира секако не е добро, но јас сакам да го искажам за да знаете какви се моите ставови и размислувања.

За мојата еуфорија и, како тие велат, заслепеност, најмногу придонесува грижата за младите луѓе, на кои секојдневно им се испраќаат погрешни, лажни пораки дека алкохолот е корисен за луѓето, пораки кои им го трасираат патот кон алкохолниот пекол. Сите ние беспомошно гледаме како секојдневно се отвораат нови кафулиња и разни фестивали на виното, пивото, ракијата, се со цел алкохолот да биде што подостапен до младите луѓе, или народски кажано, секојдневно се отвораат нови фабрики за производство на нови алкохоличари. Со тоа младите луѓе се ставаат на тешки искушенија, бидејќи алкохолот е насекаде присутен и лесно достапен, бидејќи се наоѓа на секој агол од секоја улица. Во последно време луѓето, кои најмногу заработуваат на несреќата од алкохоличарите, пласираат страшна лага, притоа вложувајќи огромни напори на разни начини да докажат дека, да речеме, пивото или виното не припаѓаат во групата штетни алкохоли. За мене пак, алкохолот е алкохол и затоа во сета таа одвратна лага гледам само гадост, гледам најголемо зло и не сакам да размислувам каде го има повеќе, а каде помалку. Во моето однесување ги прифаќам само законите на совеста и моралот, кои никого не обврзуваат, но кои водат напред и ветуваат хармонија во иднината на човештвото.

Потполно сум свесен дека во овој момент, моите размислувања и идеи наликуваат на неостварлив сон. Сепак, бидејќи надежта последна умира, нека ми биде дозволено да го задржам правото да се надевам, особено што моето искуство ме научи дека еден ден, еден далечен ден алкохолот ќе исчезне од животот на луѓето. Друга алтернатива нема, бидејќи ако не биде така, ќе биде ставен под знак прашање опстанокот на човештвото.

Со љубов во Бога

Бракот може да биде среќен само под овој услов: и едниот и другиот брачен другар мораат себе си да ја одредат како прва должност оваа незаменлива одлука: сакам да го сакам и да го почитувам тоа срце на кое сум му дозволил да биде господар над моето. Силвио Пелико

Не недостатокот на љубов, туку недостатокот на пријателство ги создава несреќните бракови     Ниче

Оваа мудрост од Ниче ја зедов како главна поента за мојот текст, бидејќи по седумгодишна апстиненција од алкохолот, ја сфатив нејзината вистинска порака. За разлика од многу алкохоличари, кои вината за својата несреќна состојба, за своите грешки, глупости и пропусти во животот, го посочуваат несогласувањето со својата сопруга, јас денес признавам, и пред себе и пред Бога, дека вината беше само моја. Мојата сопруга стоички ги издржа сите мои удари, сета неправда што и ја нанесов, го издржа моето неподносливо однесување, го одржа семејството, за што од сето срце и душа сум и благодарен. Таа беше и пријател, и мајка, и сопруга, и сестра - се во исто време. Денес сум многу среќен човек и можам слободно да кажам дека нема ништо поубаво, отколку кога на својата сопруга, на своите деца си им толку мил, да заради тоа и самиот себе си си уште помил.

Кога човекот ќе тргне по трнливиот пат кој води во алкохолниот пекол, за жал, заедно со него, по тој пат одат и неговите најмили - сопругата и децата. Тие гледаат како алкохоличарот секојдневно се уништува во својата глупост, но не гледаат начин како да му помогнат и нему, и себе си. И покрај големата љубов, што најблиските ја чувствуваат кон него, по долгогодишното поднесување на последиците од алкохолот, едноставно креваат раце од алкохоличарот, го оставаат сам на себе.

Единствено оправдување за оваа голема, ако не и најголема грешка на луѓето, кои се најблиски на алкохоличарот, е нивното незнаење, нивната недоволна информираност, дека спас има. Повторувам, спас од алкохолниот пекол има и лекот се наоѓа на дофат на вашите раце, треба само да соберете храброст и мудрост и да го земете, за свое добро, уште повеќе за доброто на вашите деца.

Во рамките на Клубот на лекувани алкохоличари: “Здрав живот” од Прилеп, многу успешно, корисно, и едукативно работи и Женскиот дел од клубот за поддршка - ”Викторија”. На состаноците кои се одржуваат во Центарот за Социјални работи секоја среда од 16-18 часот, присуствуваат сопругите на лекуваните алкохоличари, кои активно го посетуваат клубот, но и оние мајки, сопруги, сестри и ќерки, кои во својот дом имаат алкохоличар, но не го знаат начинот како да го убедат и тој да се обиде да ја надмине и победи алкохолната болест, што долги години ја има. Оваа активност е од извонредно значење, бидејќи многу сопруги од алкохоличарите се плашат, пред својот сопруг, да ги искажат своите маки и страдања. Добиените сознанија се од извонредно значење во натамошниот пристап кон алкохоличарот, во менувањето на неговите погледи кон алкохолот и кон животот воопшто.

Почитувани мајки, сопруги, ќерки, сестри, деца - дојдете во храмот на спасот и побарајте спас за вашите најмили, пронајдете го најлесниот пат кон среќна иднина за вашето семејство, посетете го Женскиот дел од клубот “Викторија.” На вратата ќе ве пречека веселата насмевка на нашите прекрасни терапевти г-ѓа Милка Темелкоска - социолог и др.Снежана Ѓорѓијоска - психијатар. Ќе слушнете многу совети кои ќе ви бидат од голема корист за вашата иднина, но бидете убедени дека во нивното срце ќе останат многу неискажани нешта, бидејќи невозможно е на еден состанок да се искажат најдлабоките тајни за смислата на животот и живеењето. Сепак, ќе поминете прекрасно попладне со луѓе кои имале слична или иста животна судбина, со луѓе кои успеале да го пронајдат начинот како да се соочат со секојдневните проблеми, со луѓе кои ќе изразат спремност искрено да ви помогнат во секое време. И, кога по завршувањето на состанокот полека ќе чекорите кон вашиот дом, кога вашите мисли ќе ги средуваат впечатоците од оваа, за вас, необична средба, опиени од кратката среќа на надежта што после долго време повторно ќе заживее во вашето срце, низ главата ќе ви доаѓаат безброј прашања, а меѓу нив најглавните: “Овие среќни жени немале толку големи проблеми и страдања како што имам јас. Нивните мажи сигурно не биле големи пијаници и не правеле толку големи проблеми како мојот сопруг.” Во тој момент погледнете подлабоко и поискрено во вашето срце и одговорот што таму ќе го пронајдете, ќе ги разбие вашите дилеми и сомнежи. “Во секое семејство каде има пијаница, на овој или на оној начин ги има истите проблеми. Долго време ме мачеше мислата дека само ние така живееме, дека во другите бракови тоа го нема. Но, тоа мора да е судбина на сите луѓе кои завлегле во алкохолниот пекол. Веројатно и тие, како и јас, мислеле дека тоа е само нивна несреќа. Досега ја криев таа премногу срамна несреќа не само од другите, туку и од самата себе. Денес за првпат во животот добив вистинска надеж дека шанса за излез од пеколниот алкохолен лавиринт, во кој толку долго време се наоѓаме, сепак постои. За успехот на овие среќни, неверојатни жени, полни со позитивна енергија, мора да се најзаслужни терапевтите. Не верував дека на земјата сеуште постојат луѓе, кои во себе имаат толку љубов и човекољубие, како што во себе имаат г-ѓа Милка и др.Жане. Но, од каде извира нивната сила и енергија да се зафатат со спасување на алкохоличарите, кои се отфрлени од луѓето и живеат на маргините на општеството? Без дилеми, тоа мора да е дар од нашиот Семоќен Бог. Божјата промисла не случајно ги избрала токму овие храбри и несебични жени, г-ѓа Милка и др.Жане, на својот грб да ги носат тешкотиите во борбата со злото, како најголеми борци да бидат Божјото оружје, до конечната победа над најголемиот непријател за целото човештво - алкохолот.”

Ги повикувам сите сопруги или ќерки, мајки или сестри, кои не знаат каде да ја побараат помошта што им е толку неопходна, да дојдат во Женскиот клуб за поддршка на лекуваните алкохоличари “Викторија.” Треба да соберете храброст, да ги надминете сите предрасуди и да ја согледате реалноста дека алкохолизмот е болест, како и секоја друга болест и дека може да се лечи. Терапевтите и сопругите кои го посетуваат клубот ќе ви поклонат искрено внимание, на сите ќе ви пружат рака за помош. Знаете, кога човек ќе мора преку греда да премине преку некоја провалија, тоа многу полесно ќе го направи, ако знае дека од другата страна има некој, кој ќе му подаде рака. Раката ви е пружена, имајте мудрост и прифатете ја. Преминете на страната на победниците над ѓаволот. Посетете го клубот и наполнете ги вашите чаши од изворот на надежта што потекува од срцата на нашите терапевти, пружете ја раката кон плодоносното дрво кое расте од нивното срце и вкусете од слатките плодови на среќата. Бидете убедени дека ќе ви се измени вашиот живот, ќе ви се изменат вашите соништа. И, кога вашиот сопруг, брат или син ќе излезе од пеколот, кога на вашата одлука што сега треба да ја донесете, а за која можеби се колебате, ќе набљудувате од друга перспектива, кога мирот, среќата и радоста ќе се вратат во вашиот дом, убеден сум дека вашето задоволство ќе биде многу големо, толку големо, како да сте ја добиле главната премија на лотарија.

Со љубов во Бога