Во тие моменти почна да ме измачува тоа што Ристе почна многу брзо да постигнува добри резултати во борбата со оваа опака болест. Како тоа наеднаш да го остави алкохолот, кој последните пет-шест години му беше најдобриот другар!? И денес често ме измачуваат тие мисли и не можам да најдам логичен одговор.
Ристе, кој до тогаш со наведната глава и болка на лицето трпеливо слушаше, нежно ја прекина свпјата сопруга. Човекот се бореше со солзите, а неговиот глас трепереше.
– Мила, не сакав да те прекинувам, но сега е моментот и јас да кажам нешто, што до сега пред никого не сум го кажал. Со право си го поставуваш прашањето: што ме натера да вложам толку голем напор за да се излечам од алкохолната болест, особено што денес сите знаеме колку е тоа тешка и сериозна болест? И јас долго го чекав овој момент, да се сретнам со докторот, бидејќи само во него имам целосна доверба… добро де, не лути се, имам целосна доверба и во тебе, но не бев сигурен дали правилно ќе ме разбереш. Твојата искреност ми даде сила и јас да ги кажам моите маки и страдања, што толку долго ја измачуваа мојата душа. Кога се освестив во болницата, првата мисла што ми дојде во главата, беше за нашите деца. Кога ми кажа дека со нив е се во ред, почувствував големо олеснување, но поради славоста на организмот, веднаш ме совлада сонот. Кога следното утро се разбудив, почнав да мислам на пожарот: Што навистина за толку кратко време се случи? Безбројпати го враќав филмот од почеток, но на крајот секогаш се гледав себе си како единствен виновник за нашата голема несреќа! Пред да тргнам во кафеаната, го отворив вратничето до шпоретот и со машата зедов од жарот за да запалам цигара. Веројатно тогаш ми падна мало жарче, што порадимојот мамурлук од пиењето, не ог забележав.








