Да не дојдев и на светот да не му говорев, не ќе дознаеја дека се грешни. Сега немаат изговор за својот грев. Но, кога го видоа, ме замразија и мене и мојот Отец.     Исус

        Борбата со последиците од алкохолната болест во нашата држава многу одамна е започната. Уште пред четириесетина години, неколку разумни луѓе ги согледале реалните опасности од алкохолизмот и го трасирале патот за борба со алкохолното зло. Тие го посеале семето за борба со алкохолната болест, ние денес треба само да го поливаме тоа семе за да имаме сигурни успеси во иднина.

          Луѓето обично се многу скептични и затоа често ги слушам вообичаените забелешки: “Акцијата и методите што ги предлагате за борба со алкохолната болест без дилеми се многу хумани и корисни, но се темелат само на празни зборови. Подобро кажете го практичниот начин: како тоа треба да се направи?”

          Ако навистина сакаме оваа акција да вроди со плод, треба да се создаде широк фронт за борба со алкохолното зло, најголемото зло за целото човештво. Пред се, во таквата акција треба да се вклучи целото општество, сите, повторувам - сите институции и сите разумни луѓе

          Во моите написи за борбата со алкохолната болест, посебно внимание им посветив на воспитувањето на децата и улогата што ја има околината при градењето на нивниот карактер. Покрај улогата на родителите, кои први доаѓаат во контакт со детето и од чие однесување многу зависи однесувањето на детето кон случувањата во иднина, важна, многу важна улога во градењето на карактерот на детето има образованието. Мислам дека денес во образовниот процес, воопшто или многу малку се води сметка за културно воспитното издигнување на младите луѓе. Особено внимание треба да се посвети на заштитата на младите луѓе од зависностите, а посебно внимание треба да се посвети на борбата против алкохолното зло, од кое се раѓаат речиси сите други зла. Треба континуирано да се организираат стручни предавања, на кои алкохолозите ќе ги обучуваат професорите и наставниците, а потоа во секое основно и средно училиште треба да се воведат задолжителни часови против зависностите. Убеден сум дека, откако децата уште од најрана возраст ќе се запознаат со опасностите што им се закануваат од алкохолот, дека бројот на децата, кои после полуматурските и матурските забави ги носат на детоксикација, значително ќе се намали, особено што нивниот број во последните десетина години рапидно расте, до загрижувачки граници. Се разбира дека не е исклучена можноста, со стекнатото знаење, во семејствата каде има алкохоличари, децата да им помогнат на своите најблиски, полесно да го најдат спасот од алкохолниот пекол.

          Сепак, најголема улога во борбата со алкохолната болест треба да има медицинската струка и наука. За жал, од за мене необјасниви причини, во пракса не е така. Речиси сите луѓе, кои ги убедувам дека алкохолот навистина е штетен, ми велат дека токму лекарот им препорачал да пијат алкохол како лек - по една чашка ракија пред јадење за циркулација на крвта, по една чашка мастика за апетит и варење на храната, дека било добро да се пие по една чаша црно вино за покачување на притисокот, варено вино со шеќер за лекување на грлото и што уште не. Еден мој пријател пред извесно време упорно ме убедуваше дека нема подобар лек за настинка, од една чашка ракија правена со коприви. Господе, се крстам со лева рака! Не можев да поверувам дека тоа го слушам од високо образован човек. Како да живееме во камено време. Во сите тие случаи останувам сам, само со својата вистина, бидејќи за нив зборот од недоучениот лекар има поголема тежина. Воопшто не им е важно тоа што укажувам дека токму медицинската наука докажала дека, после маснотиите, кои немаат никакво корисно дејство на организмот, на второ место е алкохолот, дека непобитно е докажано и токму докторите тоа јавно го кажуваат, дека не постои лек што може да се конзумира, во исто време со алкохол. Со чесни исклучоци, каков што е мојот случај, кога мојот матичен лекар др.Добрица Тинтоска Димеска ме упати во Клуб на лекувани алкохоличари и која е најзаслужна за мојот успех во мојата борба со алкохолната болест и за мојата денешна среќа, можеби токму луѓето од медицината - мислам на општите лекари кои први доаѓаат во контакт со заболените од алкохолната болест, и на докторите од нервните одделенија во болниците, каде започнува лекувањето во вистинска смисла на зборот, дека тие ја носат вината за големиот број заболени од алкохолната болест во нашата држава. Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп, за голема среќа, преку нашите терапевти Јове Велески - клинички психолог, др.Снежана Ѓорѓиоска - психијатар и Милка Темелкоска - социолог, има одлична соработка со нервното одделение од нашата болница, а доказ за тоа се новите апстиненти кои континуирано пристигнуваат во клубот. Сепак, очигледно е дека малкумина од докторите и социолозите сакаат да се вклучат во работата на Клуб на лекувани алкохоличари, со објаснување дека таму нема пари, дека тие вложиле многу во нивното школување за сега да работат бесплатно. За нив не е доволна награда благодарноста од луѓето, на кои ќе им ги вратат мирот и среќата во нивните домови. И можеби токму тоа е причината што секојдневно се појавуваат разни надрилекари и тревари, шарлатани, кои поттикнати од желбата за лесна заработка, нудат неиспитани лекови за лечење на алкохолната болест, можеби тоа е причината што терапевти во некои Клубови на лекувани алкохоличари, наместо луѓе од медицината и социологијата, се појавуваат и ги водат економисти, кои не се стеснуваат јавно докторите да ги нарекуваат “луѓе во бели мантили кои ништо не знаат и ништо не прават.”

          По примерот на многу напредни, современи држави, под заштита на Министерството за труд и социјала, во сите градови што поитно треба да се отворат што повеќе Клубови на лекувани алкохоличари, да се идентификуваат зависниците од алкохолот, да се одржува контакт со луѓето на кои им е потребна помош. И, за да се победи алкохолното зло, да им се направи добро на луѓето, не се потребни премногу пари, туку пред се, способноста навреме да се откажеме од конвенциите во нашиот живот, да почнеме да ги применуваме моралните човекови вредности, на кои, во ова тешко време, веќе целосно сме заборавиле. Потребно е да ги надминеме страшните заблуди во кои живееме, потребно е прво ние да излеземе од калта, за да имаме успех кога другите ќе сакаме да ги вадиме од неа.

- Подобро е да се бориш и битката да ја загубиш, отколку никогаш да не се бориш.    Хегел

- Кога сите други средства ќе останат без плод, праведно е да се потегне мечот.     Гуру Нанак

- “Cum omnibus pacem, adversus vitia bellum” – Со сите мир, а војна против неправдата.     Латинска поговорка

- “Si cupias pacem, linguam compesce loguacem!” – Ако сакаш мир, скроти го брбливиот јазик.     Латинска поговорка

- “Viktoria pax, non pactione, parienda est.” – Мирот треба да се создаде со победа, а не со договор.     Латинска поговорка

- Се бориме да постигнеме мир, а кога ќе го постигнеме ни станува неподнослив.     Адамс

- Борбата е татко на сé и над сите господар: едни ги прави богови, а други робови; едни поробува, а други ослободува.     Хераклит

- Колку би останале слаби, животот да не ни подарел непријател.     Кукел

- Еднаквоста со непријателите е прв услов за праведен двобој. Јас ги напаѓам само оние што се победливи.     Ниче

- Човекот настојува да се множи со поголема брзина од што се неговите можности за опстанок и затоа е натеран на остра борба за опстанок.

Дарвин

- Таму каде што нема никаква борба, не може да има ни слобода.

Б.Бјорнсон

- Природата ја створила борбата, омразата ја пронашол човекот.  К.Чапек

- Где се луд смудрим бије, ту једнака борба није. Ивана Брлиќ Мажураниќ

- Сите мечови на светот би требало во метли да се преработат и да се изметат сите злочинци од север и од југ. Потоа од метлите да се направат плугови и да се преора целата земја.     Корејска поговорка

- Војна на сите против сите – тоа е човековиот живот.     Хобс

- Војната ги бара советите од старите и снагата на младите луѓе.   Лат.пог.

- Царството создадено со оружје, мора со оружје и да се одржува.

Монтескје

- Не плети пајакот мрежа, само заради една мува.     Народна поговорка

- Никогаш немало добра војна или лош мир.     Франклин

- Правдата не може да се добие ни со плач, ни со молитва, туку со борба.

С.Радиќ

- Мене не ми треба помош. Што потешко, тоа подобро. Најдобро работам кога се борам.     Тесла

- Војните најмногу ги мразат мајките.     Хорацие

- Во војната не смее двапати да се погреши.     Латинска поговорка

- Долго мораш да се припремаш за војна, за побрзо да победиш.     П. Сир

- Војната е пријатна само за оние што не ја искусиле.   Еразмо Десидериус

- Во војната, законите не важат.     Цицерон

- Пријатна е дамката од непријателската крв.     Публиј Сир

- Војникот, ако сака слава, сака војна.     Сенека

- Секој заљубен војува.     Овидие

- Целиот човеков живот на земјата е борба.     Латинска поговорка

- И пред Елена (повод за Тројанската војна), жената била најодвратната причина за војна.     Латинска поговорка

- Ништо не е поодвратно, отколку да водиш војна со оној, со кој пријателски си живеел.     Цицерон

- Никаде крајот не ветува помалку, отколку во војната.      Латинска пог.

- Богатите во војната ги пратија своите волови, а сиромасите своите синови.     Туцовиќ

%

Во почетокот воопшто не бев свесен за големата преобразба на мерилата, за вредностите на животот, што се случуваше во мојата напатена душа, ниту пак имав објаснување за новата светлина што го осветлуваше мојот живот. Со помош на колегите од Клубот на лекувани алкохоличари, научив дека во животот на секој човек има нешто, што е многу повредно од секојдневно опивање и бесцелно скитање. Кога денес размислувам за сето тоа, едноставно се изненадувам пред сите тие благодети што ги открив. Се чудам како тоа до сега не сум можел да го забележам, како тоа можат да го забележат сите други, само не и јас. Советите и мудроста на нашиот терапевт, заедно со мојата волја и упорност помогнаа да се извлечам од дното на пеколот, реално да ги согледам сите мои грешки и слабости и да отворам беспоштедна борба со нив, до конечна победа над алкохолното зло, да сфатам дека јадењето, пиењето и облекувањето навистина се животни потреби, но дека во нив не се наоѓа смислата на животот, дека желбата не престанува со исполнување на желбата, туку секое ново исполнување ја поттикнува жедта за нови исполнувања, како што бензинот го разгорува огнот, да сфатам и прифатам дека крстот што го носам не е терет, туку моја животна должност.

Радоста живее длабоко во душата и нема значење дали се наоѓаме во бедна колиба или раскошна палата. За вистинска радост и среќа потребни се само неколку добри луѓе, кои секогаш прават топол дом - и без печка, кров и прозорци. И не недостатокот на љубов, туку недостатокот на добрина, толеранција и пријателство, неспособноста за градење на вистинско заедништво, ги создава несреќните бракови. А алкохоличарот не е ни добар, ни толерантен, ниту пријател, не поседува чувство на сомилост, уште помалку поседува чувство за заедништво - едноставно, додека се дружи со алкохолот, тој е изгубена личност во времето и просторот.

Со помош на Др.Методија Николоски - Мец, нашиот терапевт и членовите на клубот, сметам дека денес сум сосема нов човек, многу поразличен од оној, кој за жал, многу луѓе го знаат. Во текот на мојот триесетгодишен стаж како алкохоличар, доживеав неуспех во секој поглед, нанесов многу неправди, пред се на моите најблиски на кои им ја украдов среќата и радоста, им ја украдов слободата. Најжалосно е што во тој најнесреќен период од мојот живот го изгубив најдобриот дел од мојата личност, стигнав до дното, дното на пеколот. Никој во живото ми нема нанесено поголемо зло од алкохолот и затоа денес алкохолот го сметам за најголем непријател на сите луѓе, најголемо зло од кое се раѓаат речиси сите други зла, зло кое на човештвото му има нанесено многу поголема штета од војните, гладот и сите други болести заедно, зло против кое човештвото мора да се бори со сите сили.

Денес гледам колку сум бил себичен и неправеден кон нешто што отсекогаш ми било најмило, најскапо и најсвето во животот - кон мојата сопруга и моите деца. За вистински да им помогнам на моите најмили, требаше многу порано да дојдам до тој едноставен, природен заклучок дека, ако навистина им го мислам најдоброто, како кога го жалам заморениот коњ, тогаш прво што треба да направам, ако навистина го жалам е да слезам од коњот и да одам на своите нозе. Овој природен заклучок, кој целосно ги задоволува чувствата на моралот и човекољубието, недвосмислено им паѓа во очи на сите нормални луѓе, само не и на алкохоличарите, кои не го гледааат или не се трудат да го видат.

% 

Кој е слободен? Само мудрецот кој знае да владее со себе, кој не се плаши од сиромаштијата, оковите и смртта, кој знае да им пркоси на страстите и ги презира славата и почестите.     Хорацие

Ми рекоа: “Ако најдеш заспан роб, не буди го - можеби сонува за слободата.” Јас им одговорив: “Ако најдеш заспан роб, разбуди го и раскажувај му за слободата.”    Гибран

За одржување на трајна апстиненција во лекувањето на алкохолната болест, во Клубовите на лекувани алкохоличари низ целиот свет, се применуваат различни методи.

Се смета дека првите Клубови на лекувани алкохоличари, наречени Клубови на Анонимни алкохоличари (АА) се формирани во Америка, во 1936 година. На принципот на анонимност на апстинентите функционираат клубовите речиси низ целиот свет.

Во книгата “Писма2″ 1887-1910 г. стр.32 од Толстој, најдов интересен податок. Во писмото што го испраќа до сликарот И.Ј.Рјепин, Толстој пишува дека било основано доброволно друштво за борба против алкохолот, првото друштво основано во Русија во 1888 г. со име “Солидарност против пијанството.” Во писмото Толстој пишува: “…Особено живо ме потсети на Вас главата на жена без нос на вињетата за сифилисот. Остава страшен впечаток. И еве, имам нешто да ве замолам, да ви предложам и да се посоветувам со Вас. Јас веќе издавам книги за пијанството. Две - од докторот Алексеев (”За штетноста од употребата на јаките алкохолни пијалаци” и ”Како да се помогне во големата несреќа? Како да се спречи пијанството”), едната е на цензура, третата ќе се препечати. И јас постојано мислам да напишам книга на оваа тема. И затоа ми падна на памет да Вие изработите две работи: една слика со вињети, на која ќе биде прикажано пијанството во сите облици и во сите стадиуми, втората, мала за обвивката на книгата што ја пишувам, и трета, заедничка за сите книги за пијанството кои ќе ги издадеме. Сижето и за едното, за другото и третото изберете го сам, но нека биде исто така страшно, снажно, и нека директно се однесува на предметот, како што е случајот со сифилисот.

Нашата солидарност против пијанството, како што мене ми изгледа, и покрај тоа што нема одреден облик, се шири и ги зафаќа луѓето, односно делува.”

Во почетокот на шеесеттите години од минатиот век, низ Европа почнуваат да никнуваат првите Клубови на лекувани алкохоличари, а основач и главен иницијатор е Др.Владимир Худолин, психијатар и хуманист. Тој во Загреб отвора и алкохолошка школа, во која се едуцираат сите алкохолози од поранешна Југославија.

Во зависност од карактерот, од капацитетот на љубов и човекољубие што терапевтот ги поседува, во Клубот што го води спроведува свои методи на работа, од кои најкарактеристични се два - првиот, автократски, во кој на состаноците во клубот во центарот на вниманието е терапевтот и вториот, либерален, во кој на состаноците во клубот во центарот на вниманието е апстинентот.

Во Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп, Др.Методија Николоски - Мец, кој својата специјализација по алкохологија ја добил кај Др.Владимир Худолин, а и сегашните терапевти, го прифатија и применуваат либералниот метод. Ако некој апстинент чувствува некакви тегоби, предизвикани од алкохолни кризи кои се пропратна појава кај секој апстинент, јавно разговара и бара помош не само од терапевтите, туку и од своите колеги, постарите апстиненти, кои веќе се соочиле и ја надминале таквата состојба. Со помош на терапевтот, но најмногу со помош на искуството од апстинентите, кризите најлесно се пребродуваат. На состаноците секој апстинент има можност директно да учествува во расветлувањето на многу прашања од областа на алкохолизмот и животот воопшто, кои не му се доволно јасни. Се разбира, новите апстиненти постојано ги збогатуваат своите сознанија за алкохолот и животот воопшто, добиени од искажувањата на поискусните апстиненти. Со текот на времето кај апстинентот се зголемува неговата волја за цврста апстиненција, се зголемува сигурноста во себе, така што се случува некој апстинент, кој што подолго од една година бил пасивен набљудувач и воопшто или многу малку учествувал во активностите на КЛА, да почне да ги искажува своите ставови, што е сигурен знак за напредок во неговото лекување. Структурата на апстинентите кои го посетуваат клубот е сосема поинаква од структурата на апстинентите, кои посетуваат некои други клубови. Нашиот клуб, покрај новите апстиненти кои ја започнуваат својата апстиненција, го посетуваат луѓе кои имаат по десет, петнаесет, дваесет па и повеќегодишна апстиненција.

Некои експерти по алкохологија напишале дека апстинентот успеал да се излекува од алкохолната болест, ако редовно посетува Клуб на лекувани алкохоличари од 3-5 години и дека потоа нема потреба да го посетува клубот.

Практиката покажува дека тоа е погрешен пристап, односно дека многу апстиненти по повеќе од десетгодишна апстиненција повторно влегуваат во рецидив, а некои дури целосно му се враќаат на алкохолот. За одбрана од рецидивот (праксата во триесетгодишното активно работење на КЛА докажа дека е сосема исправно), во Клубот на лекувани алкохоличари ”Здрав живот” од Прилеп има оформено патронажна група, составена од терапевт и двајца апстиненти, кои го посетуваат апстинентот кој направил рецидив во неговиот дом. Веќе стекнатото пријателство и почитување помеѓу апстинентите и авторитетот на терапевтот, придонесуваат во најголем број случаи на рецидив, апстинентот повторно да се врати во клубот и да продолжи со своето успешно лекување.

Заедничка негативност и во двата метода е што некои од младите апстиненти, многу брзо го напуштаат клубот и повторно се враќаат во прегратките на ѓаволот. Во првиот метод причината е што нема механизам со кој ќе се следи напредувањето на апстинентот во градењето на неговиот карактер, во менувањето на неговите погледи кон алкохолот и животот воопшто, а во вториот причина е што новиот апстинент, веднаш по излегувањето од болница, неподготвен, без доволно сознанија за значењето на КЛА во неговиот живот, се сретнува со информации кои во тој момент не може правилно да ги оцени и разбере. Затоа, кај некои апстиненти се јавува разочараност и нивниот интерес за посета на клубот уште на почетокот опаѓа. За надминување на овие проблеми, експертите по алкохологија препорачуваат, барем во првите неколку месеци од апстиненцијата, покрај на редовните состаноци, со новите апстиненти да се работи одвоено, за да се припремат за вистинско вклучување во работата на Клубот на лекувани алкохоличари и резултатите нема да изостанат.