%

За моја голема среќа, мојата заспана совест едно саботно утро се разбуди сама, без ѓаволот што постојано беше во мене, кој веројатно во тој момент беше успан. Застанав пред огледалото и внимателно се загледав во човекот кој стоеше наспроти мене и тажно гледаше во мене. Тоа беше прв пат вистински да се видам себе си. Очите од секогаш можеле да забележат, но до тој момент беа прекриени со пеколна, темна завеса која ја покриваше вистината за моите страдања од алкохолот. Се чувствував како сениште, опкружено од сите страни со шишиња. Некој рекол дека сеништето е дух на умрен човек кој немал доволно памет да знае дека е мртов. Повнимателно погледнав кон огледалото за да се уверам дали можеби и јас сум мртов, а тоа да не го знам.

Алкохолот е отров што незабележително труе се каде што ќе стигне. За луѓето како мене, тој беше како загадена, нечиста вода што им се нуди на оние чија жедност е посилна од одвратноста. Одвратна бесрамност на ѕверот во човекот. Затоа, размислувајќи за мојата бедна состојба, не беше тешко да согледам дека се наоѓам на погрешен пат. Недвосмислено тој пат ме водеше во целосна пропаст, а можеби и во смрт, многу побрзо отколку што и одговараше на мојата младост и на мојата желба за живот.

А имаше само една единствена можност, еден единствен пат за да излезам од пеколниот алкохолен лавиринт и да се спасам од стравотиите што секојдневно ги доживував - да престанам да се дружам со алкохолот. Сфатив дека најголема лудост од сите лудости е да се жртвува здравјето за што било, најмалку за попатните сласти и задоволства што ги пружа алкохолот, а кои на крајот носат само несреќа и зло, дека на здравјето треба да му се подреди се. Ваквите размислувања се темелеа на горчливите искуства од минатото и немаше никакво сомневање што треба да изберам, кога веќе одлучив да избирам - помеѓу пеколниот живот и заспан ум или среќен живот и бистар ум.

Но, со мојата болест некако се беше комплицирано. Алкохолната болест не е обична болест, да застанам мирно и да ја прашам што сака од мене. Едноставно, сфатив дека сам не ќе можам да излезам од мрежата на алкохолот што ѓаволот ја сплети околу мене, дека сам не ќе можам да ги раскинам синџирите со кои ме оковаа моите страсти, дека можноста да паднам на првото искушение е многу поголема, отколку да истраам во моите добри намери. Затоа, одлучив да побарам помош. Одлучив и првпат во животот бев спремен одлуката да ја спроведам во дело.

Ми беше некако се измешано, како да се разбудив од длабок зимски сон. Настана хаос во моите мисли, со други зборови, ѕверот и човекот се бореа во мене. Визиите за глупостите, за сите неправди што им ги нанесов на моите најмили, што непрекинато доаѓаа во моите мисли, ми го нагризуваа мозокот како киселина и се повеќе ме влечеа кон дното. На моменти грижата на совеста, заради направените грешки ги влечеше моите мисли да се убијам, да се фрлам под воз, едноставно да ме снема, а со тоа најлесно да се раскинат оковите што ги измачуваа моите најмили, во сите изминати години.

%