пон 15 јун 2009
%
Веднаш да кажам дека моите први впечатоци од посетата на Клубот на лекувани алкохоличари при Тутунскиот комбинат, беа поразителни. Клубот го посетуваа само неколкумина, доста постари луѓе од мене, за кои, веројатно поради мојата возгордеаност, веднаш помислив дека посетата на клубот за нив е разонода - немаат друга работа, па ете, да го отепаат времето. Во длабочината на душата, а сепак, секогаш на површината од моите мисли, за мене беше голем проблем: како да се однесувам во новата средина, каков став да заземам? Непрекинато, со грижа на совеста се борев со тие проблеми. Ми доаѓаа кукавички мисли да глумам дека се е во ред, но нешто ме опоменуваше дека ќе претрпам неуспех со таквото лицемерно однесување, дека мојата природа не е способна за такво нешто и дека на крајот со тоа само ќе направам будала од себе. Сепак, во тој момент чувствував дека со мојата душа се случува нешто најважно, дека мојот внатрешен живот се наоѓа како на кантар што се колеба и кој, со најмал напор, може да претегне на страната од добрата или од лошата страна. Др.Борче Паноски, нашиот терапевт, стручно и сериозно ги водеше состаноците и, како кон нов член на клубот, ми посветуваше посебно внимание.
Но, мене ми се чинеше дека моето место не е таму, дека ништо ново не ќе можам да научам од овие луѓе, дека доволно и самиопт знам за моите проблеми. Од друга страна, ме привлекуваше самиот факт што овие и многу други луѓе го посетувале и сеуште го посетуваат клубот со години и дека во тоа мора да се крие некоја тајна, која ќе морам сам, со мојата трпеливост да ја откријам.
Бидејќи на состаноците во Клубот на лекувани алкохоличари при Тутунскиот комбинат присуствувавме само неколкумина, понесен и од желбата да видам како работи градскиот клуб, одлучив да појдам и таму, иако ми беше многу непријатно, бидејќи не ги познавав луѓето кои го посетуваат клубот. Во вторник, точно во 5 часот, дојдов пред зградата за Социјални работи, каде се наоѓа Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп и десетина минути седев на клупата, во малиот парк пред зградата, колебајќи се дали да влезам или не. Преовладуваше мислата да дојдам некој друг вторник, кога ќе бидам подобро припремен. За моја голема среќа, тогаш наиде Божо Донески - Грчето, најстариот апстинент во нашиот град, еден од основачите на клубот пред триесетина години. Тој ме охрабри, ми рече дека нема да има подобар вторник од денешниот и слободно можам да кажам, ме внесе во просторијата каде состанокот веќе беше почнат.
Во клубот наидов на одличен прием, но моите првични впечатоци останаа исти. Сепак бев упорен и редовно го посетував клубот. Иако моите сознанија за алкохолната болест беа премногу скромни, со големо внимание го слушав нашиот терапевт Др.Методија Николоски - Мец. Ниеден човек до тогаш на мене не оставил посилен впечаток. Се чувствував засрамен заради своето незнаење, се чувствував како морепловец без мапа и компас на непознато море, но чувствував дека од посетата на Клубот на лекувани алкохоличари ми доаѓа голема сила, која ме тера да научам како да се снајдам.
И, од состанок до состанок улогата на клубот ми стануваше се појасна. Набљудувајте дрво во шумата, ќе видите како неговите листови, неговите гранки и неговите корени работат хармонично, за да го развијат неговиот живот. Ниту еден од неговите листови не се труди да ги засени другите, бидејќи тие знаат дека се убави само во единство со своите другари. И, ако ги откинеме од гранките, тие ќе овенат и ќе умрат. Набљудувајте ги деловите на своето тело: прстите работат со прстите, едната рака ја помага другата, горните заби соработуваат со долните. Секој дел работи за доброто на целото тело.
Врз база на таа длабока солидарност која ги соединува сите суштества, врз база на таа хармонија, работи и Клубот на лекувани алкохоличари. Животот не соединил да се дружиме и лекуваме во овој клуб. Во клубот секој апстинент може да најде заборав за своите грешки, може да најде мотив за живот, може да осознае дека ѕверот во секој човек е многу силен и опасен за самиот човек, уште повеќе за неговата околина, кога се храни со алкохол. Во клубот секој апстинент се мотивира за големи подвизи, нешто на што мора да се работи со сите сили, пред се за да се врати довербата кај луѓето. Значи, треба и мора да се победи, мора да се достигне победата.
%