Како можеме најлесно и најсигурно да им помогнеме на алкохоличарите? Треба сите ние да ја признаеме нашата вина за несреќната состојба на многу луѓе, на кои сме можеле и на кои сеуште можеме да им помогнеме, а потоа сé што порано ни изгледало невозможно, ќе ни изгледа лесно и пријатно. Тогаш нема да се плашиме дека ќе ги извалкаме чевлите или облеката, нема да го жалиме трудот што ќе го вложиме и времето што ќе го изгубиме, нема да се плашиме и нема да бегаме пред навредите кои, во секој момент, можат да стигнат на наша адреса. Треба да бидеме спремни да седнеме на креветот од најзапоставениот алкохоличар и со него најсрдечно да разговараме, тој да почувствува како неговиот соговорник го почитува и сака, да ја почувствува топлината од дружењето со искрен, вистински пријател. Со смирено срце тивко да им речеме: ве почитуваме и сакаме, спремни сме да ви го поклониме целото наше внимание и помош, за полесно да го победите вашиот најголем непријател – алкохолот. Блесокот во нашите очи, насмевката на нашите лица, искреноста на нашите зборови ќе ги отворат нивните срца. И, кога ќе ја прифатиме таа благородна задача, после сите маки и напори, кога и во сонот ќе не измачуваат безбројните, тажни слики од средбите со алкохоличарите и нивните семејства, кога споменот на тажните, насолзени очи од нивните несреќни дечиња ќе ги параат нашите срца, слики и спомени кои барем за момент ќе не растревожат и ќе го нарушат нашиот мир, тогаш ќе ја знаеме разликата помеѓу лажниот напор за човековата слава и оној, вистинскиот напор за Исполнување на Божјата заповед: “Сакај го својот ближен како себе си.” Кога сето тоа ќе го правиме тивко, од вистинско човекољубие, без возгордеаност и надуеност, доброволно, без тоа никој од нас да го бара, без притоа да бараме одобрување од кого било, тогаш за нашиот труд нема да ни бидат потребни и нема да очекуваме пофалби и награди, тоа нема да го правиме како голем подвиг, туку како нешто сосема најнормално.
Значи, за да можеме и да бидеме способни да им помагаме на алкохоличарите, потребно е, пред сé, да дојдеме во непосреден допир со нив, да ги урнеме сите прегради кои не разделуваат од нив. Не велам дека оној, кој сака да им помага на алкохоличарите, дека треба да се откаже од својот начин на живот, но велам дека навистина би било добро,







