Плашејќи се од болката, што доаѓа при решавањето на проблемите, речиси сите луѓе, во помала или поголема мера, настојуваат да ги избегнуваат, надевајќи се дека тие сами од себе ќе се решат, ќе исчезнат, дури честопати се однесуваат, како проблемите воопшто да не постојат. На секој разумен човек му е потполно јасно, дека проблемите нема да се решат со изјавите, дека тоа не се нивни проблеми, ниту со очекувањата дека некој друг, ќе ги реши наместо нив. Се разбира, за да не мислат на проблемите и полесно да заборават, многу луѓе на помош го повикуваат нивниот спасител – ѓаволот, кој им го нуди алкохолот како лек, за да ги заблуди и зашемети и во таквата заблуденост да заборават на болката, што проблемите ја носат.

          Иако проблемите, што животот ги носи, треба да се решаваат со ладна глава и ова звучи крајно логично, многу луѓе не се способни тоа во целост и правилно да го разберат. Тоа им се случува најмногу заради нивното внатрешно одбивање, искрено да ја прифатат одговорноста за своите проблеми, пред да почнат да ги решаваат. Возвишената молитва вели: Променете ги нештата, што можат да се променат, прифатете ги оние, што не можат и имајте мудрост, да го разликувате доброто од злото.

          Откако јас ги прифатив овие универзални идеи и ги направив составен дел од мојот живот, воопшто не ми беше тешко да се здобијам со Господовата милост. Потребно беше само моето искрено каење и силна омраза кон оние дела, со кои јас, сосема оправдано, триесетина години, бев предмет на Господовиот гнев.

          Почитувани, сите Вие, кои ја отварате оваа страна. Во наредните неколку текстови ќе Ви го прикажам сонот на еден алкохоличар, предизвикан од грижата на совеста, која непрекинато го измачува. Се надевам дека и овие текстови ќе го задржат Вашето внимание и ќе продолжите, со Вашите коментари, кои многу ми помагаат, да се збогатат и моите сознанија за борбата со алкохолизмот.

%

Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп наликува на каменит свод чии камења се меѓусебно поврзани. Но, тој ќе се сруши ако над него деноноќно не бдее нашиот вистински пријател, нашиот спасител, нашиот духовен водач, нашиот ангел чувар Др.Методија Николоски - Мец.

Кога зборував за докторите, реков дека целосно сум незадоволен од нив и дека целосно ме разочараа и како лекари, но и како луѓе. Тие го знаеја само тоа што е општо познато, општо прифатено и тие самите беа дел од тоа што е општо признато и прифатено. Нивната малодушност дозволуваше општо признатото да им се врежи во нивната памет, и да се однесуваат по тие општи, непишани правила исто толку лесно, како што етикетата со бомбастичното име на некој алкохолен пијалак, се лепи на специјално направено шише токму за тој алкохолен пијалак, за подобро да се продава. Многу лекари, да можат да се издигнат над самите себе, би се зачудиле што некој им дозволил да бидат лекари.

Во овие тешки времиња, преполни со безбројни искушенија, пред иднината на луѓето во која се мешаат најубави желби и надежи, но и страшни закани, би требало да се создадат експерти кои ќе бидат јаки во карактерот и знаењето, кои ќе поседуваат голем капацитет на љубов и човекољубие, луѓе кои ѓе имаат сили вистински да го носат товарот на најголемите должности кои се предизвик на дваесеттиот век - да бидат авангарда во борбата со најголемото зло на нашата, а веројатно и на идните генерации - алкохолот. Без никакво двоумење сметам дека Др.Мец, со своите дела, докажа дека може да биде најдобар пример за сите нив. Толку се разликува од своите колеги, како целиот свој работен век да го поминал во некоја светски позната клиника за алкохологија, а не во општата болница во Прилеп.

Самото сознание, после толку разочарувања од лекарите, дека сепак постои лекар, кој во борбата со алкохолната болест може да направи чуда, од самиот почеток на моето посетување на Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот”, ми даваше голема надеж и ме правеше необично среќен. Мојот ограничен ум, преполн со погрешни сознанија за штетните последици од алкохолот, но и за животот воопшто, во почетокот не можеше правилно да ја разбере неговата едноставност, особено не можеше да ја разбере непрекинатата активност на овој необичен човек, преокупиран со желбата да помогне на секој алкохоличар, во секое време. Сепак, во потсвеста чувствував дека овој човек поседува необична моќ, на секој апстинент да му пренесе посебна сила, сила од која апстинентот станува како џин кој успешно се напрега да ги раскине синџирите, со кои алкохолот го врзал. На секој состанок во клубот, од Др.Методија Николоски - Мец слушав зборови, какви што среќавав само во книгите напишани од големите писатели и филозофи и за чие говорење ниту еден човек, што до тогаш го познавав, не беше од толку голем калибар. Се наоѓав како во ретка, величенствена состојба, во која човек гледа како соништата од скриените агли на својата фантазија, стануваат стварност. Во такво духовно расположение апстинентите доаѓаа до состојба на покајување, целосно се убедуваа во својата грешност.

%