%

Со помош на колегите од клубот, со помош на бистриот ум и интелектот, со помош на новите сознанија за алкохолната болест и нејзината уништувачка моќ врз човековиот организам, што ги добив во клубот, успеав да ги спречам сетилата да се врзуваат за предмети на уживање. Веќе не ми е потребен алкохол за да се воодушевам, за да се расположам, за да запеам. Најважно е тоа што сфатив дека веќе не ми се потребни пријатели кои во се се согласуваат со мене, кои ги разгоруваат моите страсти и кои ме поддржуваат во мојата пропаст, кои на се климаат со главата во знак на одобрување, бидејќи тоа истото мојата сенка го прави многу подобро од нив.

Пред да почнам да го посетувам Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп, ми изгледаше дека пиењето им доликува на луѓето и затоа посебно се гордеев со способноста да пијам и да се опивам. Но, откако почнав да се лекувам од алкохолната болест, кога ги среќавам поранешните другари по алкохол пак ќе се почестам со нив како и порано, но за себе порачувам исклучиво сок или кисела вода. Со некои од нив, во зависност од околностите, седнувам во истите кафеани како и порано, но во очите од кафеанџиите забележувам дека сум им еден од најевтините муштерии и поради тоа, помалку добродојден. Секогаш во такви моменти се обидувам да ги советувам моите другари најдобро што умеам, да го остават алкохолот и да почнат да живеат поразумен живот, а тие, за возврат, ме канат и јас да правам како нив и повторно да заслужам иста судбина и да тргнам по нивниот пат што води кон пеколот.

Алкохолот луѓето ги привлекува не затоа што им е вкусен, туку најмногу ги мами затоа што им овозможува да ги заборават своите неволји што секојдневно ги доживуваат и им дава сили да бидат убедени во своите вредности, кои без алкохолот ги немаат. Без алкохолот се им изгледа мрачно и срамно. А кога алкохолот ќе им удри во главата, гледам како во нив се буди ѕверот и лесно ги совладува. Во тие моменти упатувам голема благодарност кон Бога што ми помогна да не бидам како нив. Во пијанството во нивните матни умови тие стануваат како богови и секој од нив владее со своето небо, преполно со пијани желби.

Вистински пријатели најдов во апстинентите од Клубот на лекувани алкохоличари, луѓе кои ми помогнаа во мојата борба со алкохолната болест, кои ми помогнаа полесно да ги поднесам жртвите и самооткажувањата кои морав да ги поднесам. На состаноците секогаш слушам со посебно внимание. Многу сум задоволен од новите сознанија за алкохолната болест, задоволен од начинот за нејзино лекување, задоволен од новите погледи за животот воопшто, толку многу задоволен што никако не можам да ја разберам причината, заради која некои луѓе не успеваат во својата борба со оваа страшна болест. Конечно сфатив дека животот вреди да се живее, дека има многу работи заради кои човек вреди да се труди и да ги достигне, дека има многу работи заради кои човек вреди да се бори, па ако е потребно за таа борба и да умре.

Алкохолната болест е слична на сипаници - колку болниот подолго боледува, толку подолго се лекува, колку алкохоличарот подолго се дружи со алкохолот, толку потешко е од него да се откаже. Алкохолната болест е како жива песок - колку човекот поупорно чекори по неа, толку побрзо ќе пропадне. Сепак, и покрај сите тешкотии, откажувања и жртви, подобро е човек кој завлегол во алкохолниот пекол да се бори и дури битката и да ја изгуби, отколку никогаш да не се бори. А битката ќе ја добие оној кој цврсто одлучил да ја добие. Јас одлучил против алкохолната болест, за свое добро и за доброто на целото семејство да се борам како војник. Но, кој војник сам може да ја добие војната? Секогаш ми помагаа моите другари од Клубот на лекувани алкохоличари - заедно е полесно да се живее - ако едниот падне, другиот ќе го подигне. Та една рака ни во морето не може сама да се измие.

%