Да не дојдев и на светот да не му говорев, не ќе дознаеја дека се грешни. Сега немаат изговор за својот грев. Но, кога го видоа, ме замразија и мене и мојот Отец.     Исус

        Борбата со последиците од алкохолната болест во нашата држава многу одамна е започната. Уште пред четириесетина години, неколку разумни луѓе ги согледале реалните опасности од алкохолизмот и го трасирале патот за борба со алкохолното зло. Тие го посеале семето за борба со алкохолната болест, ние денес треба само да го поливаме тоа семе за да имаме сигурни успеси во иднина.

          Луѓето обично се многу скептични и затоа често ги слушам вообичаените забелешки: “Акцијата и методите што ги предлагате за борба со алкохолната болест без дилеми се многу хумани и корисни, но се темелат само на празни зборови. Подобро кажете го практичниот начин: како тоа треба да се направи?”

          Ако навистина сакаме оваа акција да вроди со плод, треба да се создаде широк фронт за борба со алкохолното зло, најголемото зло за целото човештво. Пред се, во таквата акција треба да се вклучи целото општество, сите, повторувам - сите институции и сите разумни луѓе

          Во моите написи за борбата со алкохолната болест, посебно внимание им посветив на воспитувањето на децата и улогата што ја има околината при градењето на нивниот карактер. Покрај улогата на родителите, кои први доаѓаат во контакт со детето и од чие однесување многу зависи однесувањето на детето кон случувањата во иднина, важна, многу важна улога во градењето на карактерот на детето има образованието. Мислам дека денес во образовниот процес, воопшто или многу малку се води сметка за културно воспитното издигнување на младите луѓе. Особено внимание треба да се посвети на заштитата на младите луѓе од зависностите, а посебно внимание треба да се посвети на борбата против алкохолното зло, од кое се раѓаат речиси сите други зла. Треба континуирано да се организираат стручни предавања, на кои алкохолозите ќе ги обучуваат професорите и наставниците, а потоа во секое основно и средно училиште треба да се воведат задолжителни часови против зависностите. Убеден сум дека, откако децата уште од најрана возраст ќе се запознаат со опасностите што им се закануваат од алкохолот, дека бројот на децата, кои после полуматурските и матурските забави ги носат на детоксикација, значително ќе се намали, особено што нивниот број во последните десетина години рапидно расте, до загрижувачки граници. Се разбира дека не е исклучена можноста, со стекнатото знаење, во семејствата каде има алкохоличари, децата да им помогнат на своите најблиски, полесно да го најдат спасот од алкохолниот пекол.

          Сепак, најголема улога во борбата со алкохолната болест треба да има медицинската струка и наука. За жал, од за мене необјасниви причини, во пракса не е така. Речиси сите луѓе, кои ги убедувам дека алкохолот навистина е штетен, ми велат дека токму лекарот им препорачал да пијат алкохол како лек - по една чашка ракија пред јадење за циркулација на крвта, по една чашка мастика за апетит и варење на храната, дека било добро да се пие по една чаша црно вино за покачување на притисокот, варено вино со шеќер за лекување на грлото и што уште не. Еден мој пријател пред извесно време упорно ме убедуваше дека нема подобар лек за настинка, од една чашка ракија правена со коприви. Господе, се крстам со лева рака! Не можев да поверувам дека тоа го слушам од високо образован човек. Како да живееме во камено време. Во сите тие случаи останувам сам, само со својата вистина, бидејќи за нив зборот од недоучениот лекар има поголема тежина. Воопшто не им е важно тоа што укажувам дека токму медицинската наука докажала дека, после маснотиите, кои немаат никакво корисно дејство на организмот, на второ место е алкохолот, дека непобитно е докажано и токму докторите тоа јавно го кажуваат, дека не постои лек што може да се конзумира, во исто време со алкохол. Со чесни исклучоци, каков што е мојот случај, кога мојот матичен лекар др.Добрица Тинтоска Димеска ме упати во Клуб на лекувани алкохоличари и која е најзаслужна за мојот успех во мојата борба со алкохолната болест и за мојата денешна среќа, можеби токму луѓето од медицината - мислам на општите лекари кои први доаѓаат во контакт со заболените од алкохолната болест, и на докторите од нервните одделенија во болниците, каде започнува лекувањето во вистинска смисла на зборот, дека тие ја носат вината за големиот број заболени од алкохолната болест во нашата држава. Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” од Прилеп, за голема среќа, преку нашите терапевти Јове Велески - клинички психолог, др.Снежана Ѓорѓиоска - психијатар и Милка Темелкоска - социолог, има одлична соработка со нервното одделение од нашата болница, а доказ за тоа се новите апстиненти кои континуирано пристигнуваат во клубот. Сепак, очигледно е дека малкумина од докторите и социолозите сакаат да се вклучат во работата на Клуб на лекувани алкохоличари, со објаснување дека таму нема пари, дека тие вложиле многу во нивното школување за сега да работат бесплатно. За нив не е доволна награда благодарноста од луѓето, на кои ќе им ги вратат мирот и среќата во нивните домови. И можеби токму тоа е причината што секојдневно се појавуваат разни надрилекари и тревари, шарлатани, кои поттикнати од желбата за лесна заработка, нудат неиспитани лекови за лечење на алкохолната болест, можеби тоа е причината што терапевти во некои Клубови на лекувани алкохоличари, наместо луѓе од медицината и социологијата, се појавуваат и ги водат економисти, кои не се стеснуваат јавно докторите да ги нарекуваат “луѓе во бели мантили кои ништо не знаат и ништо не прават.”

          По примерот на многу напредни, современи држави, под заштита на Министерството за труд и социјала, во сите градови што поитно треба да се отворат што повеќе Клубови на лекувани алкохоличари, да се идентификуваат зависниците од алкохолот, да се одржува контакт со луѓето на кои им е потребна помош. И, за да се победи алкохолното зло, да им се направи добро на луѓето, не се потребни премногу пари, туку пред се, способноста навреме да се откажеме од конвенциите во нашиот живот, да почнеме да ги применуваме моралните човекови вредности, на кои, во ова тешко време, веќе целосно сме заборавиле. Потребно е да ги надминеме страшните заблуди во кои живееме, потребно е прво ние да излеземе од калта, за да имаме успех кога другите ќе сакаме да ги вадиме од неа.

Речиси секогаш кога ќе погледнеме во себе, ја наоѓаме истата грешка што ја осудуваме кај другите, а ако и не видиме иста таква грешка, да погледнеме подлабоко, па ќе пронајдеме уште поголема.     Толстој

Колку побрзо ќе сфатиме дека нашата судбина лежи во нас самите, толку подобро за нас. Среќата можеме да ја најдеме во нас самите - не треба да ја бараме од другите, бидејќи никој ја нема на претек.     Монтењ 

        Оние кои ги слушаат моите укажувања за борбата со алкохолната болест, постои голема веројатност сето тоа да го слушаат со затворен ум… ум кој им укажува, дека никогаш не ќе бидат во состојба да го достигнат тоа што го достигнале луѓето, кои редовно посетуваат Клуб на лекувани алкохоличари. Но, како да ги отвориме нивните умови? Тоа може да се постигне единствено ако успееме да помогнеме, да станат свесни за нашиот беден живот во минатото, да станат потполно свесни за несреќите што секој алкохоличар ги има, особено за несреќите што им ги нанесува на своите најблиски, да станат свесни за нашата денешна среќа, за нашата исправност во борбата со злото, да станат свесни за тешкотиите што тие треба да ги надминат, за да постигнат успех. Потребно е да се убедат и да прифатат дека единствена причина за нивните несреќи е алкохолот.

          Но, како тоа да се постигне? Треба да се користат најсилните можни зборови, за во нивните умови да се доловат слики, кои никогаш не ќе можат да ги заборават. Треба повторно да ги удри одвратниот мирис на валканите кафеани, кои некогаш беа наш втор дом, да им дозволиме да ги доживеат страдањата на нашите срца, да ги натераме да ги почувствуваат понижувањата и болката заради неуспехот, кој го имаат во борбата за подобар живот. Да ги натераме да, после првата посета на Клубот на лекувани алкохоличари, заминат размислувајќи: “Ако луѓето кои посетуваат Клуб на лекувани алкохоличари се во состојба тоа да го постигнат, и покрај сите тешкотии, зошто јас, на кого веќе му е трасиран патот кон среќата да се жалам на својата судбина, зошто да не пробам да го следам тој пат.” Кога алкохоличарите ќе бидат убедени во нашата борба за подобра иднина, ќе им биде полесно да ја прифатат нашата порака, како водич во менувањето на нивниот живот, бидејќи и ние, како и тие сега, сме се соочувале со истите тешкотии, но на крајот сме излегле како победници.

          Во почетокот, кога го оставив алкохолот, кога бев во друштво со моите поранешни другари по алкохолот, чувствував некоја вина во душата, се чувствував како животно кое залутало во некоја туѓа, забранета територија, која повеќе не беше мое живеалиште, во која за мене немаше ни воздух, ни храна. Денес конечно сфатив дека сите ние, кои сме го поминале патот од пеколот и сите оние кои сакаат да им помагаат на алкохоличарите, дека треба да го бираме вистинскиот начин за да пристапиме, за да се доближиме до алкохоличарите, да не се правиме важни и возгордеани, туку искрено да ја покажеме нашата љубов и внимание кон нив. Тоа може да биде многу корисно и за нив и за нас, бидејќи, иако тоа сеуште не е лечење, тогаш барем ќе се обидеме да ја испитаме болеста, за што треба да бидеме благодарни, бидејќи тоа е шанса што треба да ја искористиме, барем малку да ги подобриме и нашите доблести. Ако не бидеме зашеметени од нашата возгордеаност, ако само малку подобро ги погледнеме и размислиме за несреќната судбина на алкохоличарите кои се околу нас, ќе сфатиме дека нивната судбина не може да се поправи и да им се помогне само декларативно, со донесување одлуки исполнети со празни зборови, кои не можат и не се спроведуваат во дела, дека во никаква состојба не можат да бидат среќни ако нивниот поглед на животот не се измени, особено ако ние и понатаму на нив гледаме како на некои посебни, лоши луѓе, а не како на луѓе кои се исти како и ние самите. Треба да бидеме свесни дека на такви луѓе можеме да им бидеме од корист, само ако успееме да помогнеме, тие да го изменат својот поглед кон алкохолот и кон животот воопшто. Но, за да го менуваме погледот на животот на другите луѓе, потребно е самите да имаме најдобри погледи за животот и да живееме во склад со тие погледи.

          Светски познатите алкохолози докажале дека најтежок чекор во лекувањето на алкохолната болест е пристапот до алкохоличарот, односно доаѓањето во контакт со луѓето, кои на кој било начин имаат проблеми со алкохолот. Сите методи за пристап, начинот на мотивирање на алкохоличарот за започнување со лечење од алкохолната болест, ќе ги најдете во моите книги “Исповед на еден алкохоличар” и “Како да се победи Кралот Алкохол.”

Ако во досега наведеното во текстовите на м-рЛ.З во весникот Дневник, во прилогот 24ЧАСА, ако не во целина, тогаш барем со некои нејзини ставови се согласувавме, делот каде го опишува Ликот на сопругата на алкохоличарот, за мене, а и за сите членови на Клубот на лекувани алкохоличари Здрав живот од Прилеп, се вистинска катастрофа (верувајте ми, многу се трудев да најдам, но не најдов посоодветен збор). Се чудам со каква само леснотија, генерализирано во 13 подточки, опишан е ликот на илјадници сопруги и, се разбира, сама по себе се наметнува уште позачудувачката мисла: како воопшто некој дозволил такви навреди да се објават. Знаете, овој дел од написот навредува илјадници, стотици илјади сопруги на алкохоличарите во нашава држава, сравнува со земјата стотици илјади херои кои имале огромна храброст и мудрост, да ја исполнат Божјата заповед – САКАЈ ГО СВОЈОТ БЛИЖЕН КАКО СЕБЕ СИ.

          Се согласувам дека можеби има и случаи каде ставовите на м-рЛ.З. се поклопуваат со реалноста, но како што веќе реков, да се прикаже ликот на сопругата на алкохоличарот, кој ги отсликува сите сопруги на алкохоличарите, пред сé: Како емоционално недозреани личности; дека сите имаат потреба да реагираат на емоционално нестабилни личности кои сакаат да ги променат; дека сите се исплашени да не бидат напуштени и подготвени се да сторат сé за да се спречи крајот на бракот; дека сите се подготвени да преземат 90% од одговорноста и од вината во секоја врска; дека сите имаат ниско самопочитување и знаат дека не се среќни; дека со тоа што ги привлекуваат луѓе во проблеми кои треба да ги решат, избегнуваат да се концентрираат на сопствената одговорност за себе; и, бисер за крај – дека не ги привлекуваат мажи кои се самостојни, стабилни, одговорни и заинтересирани за нив и, ете чудо, баш со такви мажи се чувствуваат несигурно – ваквите тврдења, од кого и да бидат, се чиста глупост. Се наметнува прашање: Дали намерата на м-рЛ.З., со ваквиот опис на Ликот на сопругата на алкохоличарот била да опише жена – домаќинка, која го сака и љуби својот сопруг, кој од разни причини влегол во алкохолниот пекол, да опише жена која сака да му помогне на оној, чие срце и душа и ги донеле можеби најубавите моменти во животот, или пак, намерата на м-рЛ.З. била да опише жена – која се занимава со најстариот занает на светот.  

 

%

Само во Клубот на лекувани алкохоличари и на ниту едно друго место, луѓето ме примија и прифатија таков каков што бев, што е најважно, како рамен на нив. Слични на мене се околу мене, и јас сум сличен на нив. Идентификувајќи се, дружејќи се со тие луѓе, си помагам себе си, им помагам на другите, не правам зло ниту сум причина за какво било друго зло. Можеби е чудно, но дури откако почнав да го посетувам клубот сфатив колку сум бил лош и колку се грозам од самиот себе. Од тогаш, ја снема одбивноста што ја имав кон другите луѓе - спротивно, кон нив чувствувам нежност и почит. Денес сум многу среќен, мојот живот е пријатен, има некаква смисла. Се чувствувам како принц кој се вратил од прогонство, како човек кој оживеал од мртвите. Повторувам, многу сум среќен и додавам дека во целиот мој живот, ова е мојот најсреќен период.

Во сфаќањето на алкохолната болест има три видови на луѓе. Некој е: или човек, или получовек, или не е никаков човек. Моето лично искуство е дека јас ги поминав сите три фази. Не бев никаков човек бидејќи за алкохолната болест, што долго ја имав, немав свој став, ниту барав совет од другите луѓе. Вистините што најмалку сакав да ги слушнам беа токму тие кои најмногу ќе ми користеа ако ги знаев, многу порано ќе излезев лавиринтот на пеколниот живот, во кој поради алкохолот се загубив.

Бев получовек, бидејќи во еден период имав свој став за алкохолот, но не сакав да ги прифатам советите од луѓето со кои контактирав. Секој човек може да биде огледало во кое ги гледаме своите порази, маани и недостатоци и сето тоа зло што е во нас. Но, повеќето од нас притоа постапуваме како кучето кое лае во огледалото, бидејќи мисли дека во огледалото не се гледа себе си, туку некое друго куче. Имав свој став кој го осудуваше алкохолизмот, но тоа траеше многу кратко, до испивањето на првата чашка, а потоа се одново, затоа што алкохолот на телото му нудеше лажна сила, го издигнуваше духот на лажни височини, ми ги прикажуваше работите онакви какви што не се, или пак многу поубави отколку што се. Иако долго време ја имав алкохолната болест, не одев на лекар да побарам помош, а не барав ни учители и советници да ми помогнат да ја надминам својата глупост, да ја скротам својата волја која беше само желба и нејзино задоволување, да биде желба и воздржување, желба и одрекување. Значи, немав ниту сопствена, а не знаев и веројатно не сакав да ја користам туѓата памет и искуство.

Станав човек, барем се надевам дека е така, кога почнав да го посетувам Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” во Прилеп, кога зазедов правилен став кон алкохолната болест и кога почнав да се советувам со луѓето кои го посетуваат клубот. Многу луѓе велат дека не вреди да се прават напори - колку и да вложува напор, човекот не може да го достигне совршенството. Реално, тие имаат право, но забораваат дека нашата цел и не е да го достигнеме совршенството, туку што повеќе да се приближиме кон него. Човек никогаш не треба да одлучи да не направи ништо во животот само затоа што ќе може да направи малку - треба да направио онолку, колку што може.

Во почетокот од моето лекување, моите мисли беа слични на копање бунар - водата прво е матна, а потоа полека се разбиструва. И сето тоа што во почетокот ме одбиваше од клубот, ми изгледаше матно и во што се сомневав, сега јасно излезе пред мене. Поголемиот дел од алкохоличарите не веруваат во успешното лекување на алкохолната болест, најмногу поради тоа што дури и оние, кои буквално се платени безрезервно да ја проповедаат вистината за алкохолот и последиците од алкопхолната болест, а тоа се лекарите - и тие кога говорат за алкохолната болест на вистината и придодаваат лага, со што се добива искривена слика за вистината. Ќе наведам пример со апстинент, член на клубот, на кого после прегледот, веројатно со намера да го охрабри, докторот-интернист му вели дека е здрав како дрен и дека слободно може да пие по едно чаше ракија за циркулација на крфта. Амаааан бе докторе, после не ќе можам со едно! Лекарите се должни на секој човек, на секој пациент да му ја кажат вистината, да му кажат дека медицината непобитно докажала дека не постои лек што може да се зема во исто време со алкохол.

%

Говорат: треба да се спасува душата. Да се спасува може само тоа што може да пропадне. Душата не може да пропадне затоа што таа единствено постои. Не е потребно да се спасува душата, туку треба да ја прочистиме од тоа што ја помрачува, што ја погани. Душата треба да се просветли, за да може Бог се повеќе да проаѓа низ неа.     Толстој

За алкохоличарот да успее во неговата борба со алкохолната болест, покрај универзалните правила кои важат за сите алкохоличари, треба да донесе и некои негови правила кои ќе мисли дека ќе му помогнат да успее да го победи алкохолот.

Особина на речиси секој алкохоличар е во почетокот, за да го оправда своето однесување, да се залажува себе си, а потоа ги лаже сите околу него. Таа состојба што побрзо треба да се надмине. Секој човек има некоја тајна што ја носи длабоко во срцето, за која никогаш во животот не зборувал. Одамна поминати работи, срамота, авантури, болка во срцето или рана во душата. Многу доблесно е, ако си погрешил, особено ако во пијана состојба таа грешка била бесрамна и им нанела болка на луѓето околу тебе, да признаеш отворено иако тоа никој од тебе не го бара. Тоа е најлесниот пат да се ослободите од грижата на совеста. На тој начин ќе го победите гревот и ќе бидете чисти и проѕирни, бидејќи ќе станете прозорец низ кој морате да го гледате светот.

Алкохоличарот треба искрено да го отвори срцето пред терапевтот, треба да побара помош за се што мисли дека го измачува. Има безброј мотиви (ретко или речиси никогаш реални и оправдани) кои човекот го наведуваат да посегне по чашата со алкохол и кои го носат во алкохолниот пекол. Кога ќе ги осознаат мотивите кои алкохоличарот ги измислува за да ја оправда својата глупост и кои го туркаат во пеколот, искуството и доблестите од терапевтите, посебно нивната спремност да му помогнат на секого и во секое време, се единствениот спас од неподносливата состојба која постојано го измачува алкохоличарот, а во која стигнал исклучиво по своја вина.

Терапевтите се многу искусни. Иако тоа вие нема да го забележите, тие веднаш ќе знаат дали ја кажувате вистината или не. Не заборавајте - каде што има искреност, има можност за сочувство и помош. Побарајте помош и ќе ја добиете. Немојте да се плашите дека ќе станете заробеник на вашата тајна. За вашата тајна покрај вас, знае и Бог, а ОН радосно ќе стои покрај вас во моментите на простувањето, било кон самиот себе, било на другите кон вас. Впрочем, на простувањето се темели и опстанокот на целото човештво.

Нема убави зборови што можат да го заменат примениот ќотек.     Антун Радиќ

Ако човек се напие малку - добар е како овца. Ако се напие малку повеќе - станува храбар како лав. Ако ја премине мерата - агресивен е како тигар. А ако пиењето му стане страст - личи на свиња која се брбешка во калта.     Еврејска пог.

Алкохолизмот е болест широко распространета во светот и кај нас. Тоа е зависност која ја уништува секоја клетка во човековиот организам, а најмногу и меѓу првите ги уништува мозочните клетки. Заради тоа многу брзо се појавуваат промени во личноста и карактерот, изменето однесување, несогласување со околината, а особено со членовите на семејството кои најмногу ги чувствуваат последиците од алкохолот. Како секојдневен сведок на многу семејни тргедии, сакам да нагласам дека лекувањето од алкохолната болест е многу сложен и долготраен процес - зависи од самиот зависник, но и од подршката која во текот на лекувањето, алкохоличарот кој се одлучил да апстинира, ја добива од своето семејство. Затоа, кога еден алкохоличар ќе одлучи да се лекува, се лекува и целото семејство, бидејќи основно во лекувањето не е само алкохоличарот да престане со пиењето, туку уште поважно е да ја одржи апстиненцијата. Потребно е апстинентот во целост да го смени начинот на живеење и однесување, но исто така и членовите на неговото семејство треба да се пренаучат како да живеат со секојдневните радости и проблеми - трезвено, без алкохол. Ова е сложен процес кој не може да се одвива само во рамките на здравствените установи. Единствени места каде е возможен овој процес се Клубовите на лекувани алкохоличари.

Кога човек ќе почне да се занимава со поправањето на самиот себе, ќе ги согледа сите свои недостатоци и штом ќе ги осознае, должен е и да ги поправи. Поправањето на самиот себе е најдобриот начин за воспитување на своите и туѓите деца, како и на возрасните луѓе. А што правиме ние? Велат, не е добро без вино и ракија кога купуваш, продаваш, договараш, пред се на празници, крштевки, свадби, погреби… Може да се каже дека при секое продавање, купување, за условите треба добро да се размисли, а не да се очекува човекот да се напие. Но, тоа сеуште е најмало зло. Да кажеме, ќе дојде празник. Празник значи прекинување, одмор од секојдневните активности. Човекот има можност за се состане со семејството, роднините, пријателите, да поразговара, да се развесели. И, што е најважно, може да размисли за своето однесување, за мирот во душата. Но, наместо разговор, веселба со пријателите и роднините, луѓето се опиваат со вино и ракија и наместо да размислат за мирот во душата - пцујат, честопати кавги, се тепаат помеѓу себе. Или крштевањето! Се родил човекот, треба да се размисли како убаво да се воспита. А за убаво да се воспита, треба човекот самиот да се поправи, да се одвикне од лошото и да се научи на добро, додека наместо тоа - вино и ракија, пијанчење… Исто е, дури полошо на свадбите. Се согласиле млади луѓе да живеат во слога, љубов и мир, да одгледуваат и воспитуваат деца. Би требало да им се покаже пример за добар живот. Наместо тоа - повторно вино и ракија. Најглупаво е на погребите. Заминал човекот од каде што е дојден, од Бога кон Бога. Може да се каже дека треба да се размисли за душата, ако не веднаш, тогаш на враќање од гробишта, каде е закопано телото на таткото, мајката, братот кој заминал таму каде сите ние одиме и што никого нема да го заобиколи. И што наместо тоа? Вино и ракија и се што произлегува од нив. А ние велиме - не е добро човек да не се напие, така од стари останало. Но, старите не сфатиле дека тоа е лошо. Но, ние сфаќаме. А кога сфаќаме, тогаш треба да прекинеме со алкохолот и глупостите што одат со него. Ако човек прекине со алкохолот една година - две, нека се заврти и ќе види дека, на прво место, за една година останале доста пари во куќата, второ, многу глупави и лоши зборови, а исто така и лоши дела останале неизречени и ненаправени, трето, во семејството ќе има повеќе слога, љубов и мир, четврто и најважно, во душата на човекот ќе му биде многу подобро, ќе ја почувствува радоста на вистинскиот, корисен човечки живот - корисен за себе, уште повеќе за неговите најмили.

Моите книги “Исповед на еден алкохоличар” и “Како да се победи Кралот алкохол” им ги препорачувам на сите луѓе кои во своето место на живеење имаат Клуб на лекувани алкохоличари, но и на оние кои немаат, бидејќи во нив ќе го пронајдат патот за излез од алкохолниот пекол, ќе ги научат методите за полесно да се спасат од оваа опака болест.