%

Др.Методија Николоски - Мец е единствен учител, достоен на тоа име, бидејќи во сите нас непрекинато го разбудува духот на слободното мислење и кај апстинентите развива чувство на лична одговорност. Не учи како да ја стекнеме способноста за сигурност во секојдневните активности, а за да се чувствуваме посигурни, помирни и похрабри во животот, дека треба да посакуваме малку, а да се надеваме на уште помалку; не учи дека не мораме да се трудиме да бидеме подобри од другите, туку да бидеме најдобри во границата на нашите можности. Тој знае да ја препознае и уништи демонската сила на незнаењето, особено да ја уништи демонската сила на погрешното знаење за смислата на човековиот живот, што е карактеристично за речиси секој алкохоличар, а со тоа да ја уништи и таа лоша причина за многу семејни трагедии.

Човек мора многу да знае за да може другите да ги поучува - со малку знаење да бидат мудри, за да можат да ги избегнат опасностите што животот ги носи. На сите апстиненти Др.Николоски ни пружа посебна помош и внимание во нашето искачување кон врвот на вистината, кон здогледување и откривање на нови, поголеми и поубави предели од животот, кои треба да ги истражуваме.

Дојдов до сознание дека објаснувањата на нашиот терапевт за проблемите со алкохолната болест се крајно уверливи и, да не се прифатат тие објаснувања и да не се применат во пракса би било исто, како морнарот да го фрли во морето единствениот компас што го има. Тој е љубезен човек кој секогаш со насмевка на лицето слуша како за нешто што тој многу добро го знае, говори некој кој за тоа ништо, или многу малку знае. Др.Николоски е премногу свесен за недостатоците на врстата на која и самиот припаѓа, да би се лутел на кој било нејзин член. Неговата парола, што непрекинато во пракса ја применува е: да започнеме битка со алкохолното зло секаде и секогаш кога го гледаме, притоа не повредувајќи го чинителот на злото, исто како што ни самите не би сакале да бидеме повредени, заради грешките што непрекинато ги правиме.

Во извршувањето на својата животна задача, тој е витален човек, кој го носи во својата душа, во своето срце, во својата крв животот на сите апстиненти - боледува од нашите болести, страда заради нашите неволји, цвета со нашето здравје, ужива во нашата среќа - независно од сопствените проблеми и преокупираност. Кој дава само совети, макар и најдобри, е поток кој пријатно жубори. Но, Др.Николоски тие прекрасни совети за доброто на заедницата во целина ги спроведува во дело и затоа е поток со млинови, кои работат подеднакво за сите. Тој е совршен пример дека човековиот дух со ништо повеќе не може да се приближи кон Бога, кон совршенството, отколку со несебично спасување на луѓето.

Еволуцијата на напредокот на цивилизацијата е разработена во целост, но од луѓето е сфатена премногу технички. Ако ја исклучиме Дарвиновата теорија за еволуцијата на човекот од мајмун, речиси во се друго човекот е изоставен од неа. Во градот Прилеп има многу експерти во стопанството за унапредување на науката и техниката, но во Прилеп единствен е Др.Методија Николоски, кој правилно го разбрал и во пракса го применува напредокот на цивилизацијата на која, на крајот на краиштата, не би требало примарна цел да и биде напредокот на науката и машините, туку напредокот и издигнувањето на човекот. Староста нема поубава утеха од сознанието дека целата своја младост е вградена во дела кои не стареат. Само малите духови разликуваат свое и туѓо. Др.Николоски е човек со голем дух и целиот свет го гледа како свое семејство.

Градот Прилеп треба многу повеќе внимание и помош да му посвети на Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” и неговите сегашни и идни членови. За Др.Методија Николоски - Мец Прилеп не треба да се грижи и да троши пари за подигнување на негов споменик. Негов вечен, најголем и најубав споменик е неговото дело - тоа се илјадници лекувани и излечени алкохоличари, илјадници семејства во чии домови Др.Мец им ја врати среќата и радоста. Нивната искрена благодарност е најголема награда за докторот над докторите, за докторот кој ги оживува - ги воскреснува мртвите души на алкохоличарите, за Примариус Др.Методија Николоски - Мец, великанот пред чии дела се восхитуваат пријателите, великанот пред чии дела се поклонуваат и непријателите.

%

Нашата мисла, добра или лоша, не носи во рајот или во пеколот, не на небото ниту под земјата, туку во овој живот.      Лиси Малори

Многу е полесно да го забраниш туѓото мислење, отколку да го одбраниш своето.                                                                                              Владимир Булатовиќ - ВИБ

Секој апстинент треба да ја пронајди вистинската смисла на животот, да научи како да го живее својот живот, како да ја користи снагата на својот разум. Никогаш нема да го пронајдеме својот мир, своето место под Сонцето кое Бог за нас го определил, ако на другите им дозволиме да управуваат со нашиот живот, ако само ги извршуваме одлуките за нашиот живот кои некој друг ги носи наместо ние самите, особено ако дозволиме алкохолот да влијае на нашите одлуки што секојдневно треба да ги носиме. Најголемата вистина на човештвото гласи: “Бог на секој човек му дал неотуѓиво право само над едно - над сопствените мисли.” Веројатно со тоа сакал да ни укажи дека треба да управуваме со својот живот, да донесуваме сопствени одлуки и да ја преземаме одговорноста за последиците од нив, да имаме сопствени мисли, мисли над кои другите не ќе можат да влијаат. Користејќи ја способноста квалитетно и со полн капацитет да влијаеме врз сопствените мисли и животот воопшто, можеме да се воздигнеме до успехот во борбата со алкохолната болест. И, кога ќе се раскинат стегите со кои алкохолот го врзал нашиот ум, кога ќе се ослободиме од ропството на нашиот најголем непријател - алкохолот, кога новите сознанија и искуства за борбата со алкохолната болест стекнати во Клубот на лекувани алкохоличари ќе ги просветлат нашите мисли, кога ќе се осознаеме себе си и нашите вистински вредности, кога добрината, љубовта и човекољубието ќе ги заменат и исфрлат лошотилокот и омразата од нашите срца и ќе станат составен дел од нашиот карактер, убеден сум дека темелите на пеколот ќе се нишаат од страв, а рајските ѕвона ќе ечат од радост најавувајќи ја победата над ѓаволот.

Бидејќи Создателот ни дал потполна слобода да одлучуваме и да се користиме со нашите мисли, без сомнеж сметал дека тој дар треба да го користиме со лична иницијатива и одговорност. Во борбата со алкохолната болест постојат две групи на луѓе кои никогаш не напредуваат и ништо или многу малку постигнуваат. На првата група и припаѓаат оние кои не сакаат да го прифатат она што буквално на секој состанок во клубот им се кажува, не сакаат да ги прифатат советите од терапевтите и не ги почитуваат правилата за борба со алкохолната болест, кои се универзални и кои важат за секој апстинент. Особина на таквите луѓе е лажната представа за својата супериорност и непогрешливост. Тоа е причината што тие вистински и не започнуваат со апстиненција, туку поради својата убеденост дека само после неколку посети на клубот се научиле, го напуштаат клубот и по кратко време повторно се враќаат во прегратките на ѓаволот. Има и апстиненти кои припаѓаат во оваа група, кои упорно доаѓаат во клубот бидејќи сметаат дека не би било во ред да имаат проблеми со најблиските, кога ќе ги прашаат: “Што имаше денес ново во клубот.” Секој од нив, кратко, како затегната пушка одговара: “Како и секогаш, немаше ништо ново. Еден будала цело време се обидува да внесе некои новини во клубот, постојано се расправа и на сите им ги докажува своите ставови, како само тој се знае и само тој е во право. Главата ми прсна од него. Малку фалеше да си заминам.” Таквите апстиненти воопшто и не слушаат што навистина се зборува на состаноците, воопшто и не помислуваат дека тој будала што постојано се расправа, можеби е во право. Тоа се скришни пијаници, но сепак водат малку сметка другите тоа да не го забележат. Во втората група се оние кои немаат самоиницијатива, односно, не сакаат или не знаат да направат ништо повеќе од она што го научиле на состаноците во клубот. За нив е карактеристична повлеченоста, рамнодушноста кон активностите на другите членови на клубот, стравот од неизвесноста на новините што другите ги предлагаат. Не се вклучуваат во дискусиите, а ако нешто сепак се приморани да кажат, одговараат кратко, со што даваат до знаење дека тоа измачување за нив, треба што побрзо да заврши.

Со љубов во Бога