%

Кога ќе видиме човек што греши, да се сетиме дека и ние сме грешни, кога ќе видиме страст во некого, да се сетиме дека и ние сме биле такви. На тој начин ќе чувствуваме блискост и сродност со секого на овој свет, ќе чувствуваме дека ќе бидеме многу посреќни ако помогнеме да бидат среќни и оние најпонижените, а тоа се алкохоличарите. Да се потрудиме и другите да ги научиме да владеат со своите страсти и нагони, кои, ако не се научат да слушаат - заповедуваат. Бидејќи, само оној кој некогаш бил паднат, може на друг да му пружи практичен пример - како повторно да стане. Потребно е оној кој еднаш се изгорел, да ги предупредува другите на опасноста од огнот.

Во мојата борба со алкохолната болест, посебно сум и благодарен на мојата сопруга за нејзината несебична, безрезервна поддршка, благодарност затоа што имаше сила да ги издржи сите удари, сите мои грешки, глупости и пропусти во животот, затоа што успеа да го одржи семејството. Со паметен маж може среќно да живее и да управува и глупава жена. Но, да управува и да живее со будала каков што бев јас, може само многу паметна жена. Денес таа не е само жена со која ја делам брачната постела, туку мој најголем пријател и мој животен сопатник, човек чиј живот вреди неспоредливо многу повеќе од мојот живот. Мојата благодарност за се што до сега направи за мене и за целото семејство, ја зацврси мојата љубов, ја зацврсти мислата во мене дека ќе ја сакам и кога ќе остари, а и тогаш кога ќе биде старица, бидејќи докажа дека ќе биде способна на нашите деца да им пружи и таткова љубов и внимание, ако случајно умрам.

Сосема за крај на мојата искрена исповед, изразувам голема благодарност кон мојот матичен лекар Др.Добрица Тинтоска - Димеска, која ми го покажа патот кон подобра и посветла иднина.

Изразувам и посебна благодарност и кон Др.Борче Паноски, кој го трасираше тој пат.

Упатувам благодарност и до сите членови на Клубот на лекувани алкохоличари ”Здрав живот” од Прилеп, за нивната поддршка и помош во моите напори да излезам од кризата.

Но, посебна и искрена благодарност од мене и од моето семејство упатувам кон Др.Методија Николоски - Мец, кој успешно не водеше по патот на победата, патот кон среќата и радоста, патот кон посветла иднина. Големо фала и нека ти е вечна слава Голем човеку. Твојот насмеан лик засекогаш ќе остане во нашите срца. И благодариме на Божјата Промисла што ни дарува толку скап дар, да познаваме и да живееме со толку способен човек, токму таков гение да биде нашиот учител. Ние го продолжуваме Твоето дело, а мудроста и знаењето што го пренесе на нас, ќе им помогнат на многу генерации и ќе останат вечен спомен на нашиот сакан и ценет терапевт Др.Методија Николоски - Мец.

Кога луѓето подобро би знаеле какви опасности, каква разурнувачка моќ, колкаво зло се крие во употребата на алкохолот, какви тешки последици остава за секој човек и за човештвото во целина, шишињата во излозите би требало да имаат нацртано мртовечка глава, со натпис:

“ВНИМАВАЈ - ОПАСНО ПО ЖИВОТ” 

%

Др.Методија Николоски - Мец е единствен учител, достоен на тоа име, бидејќи во сите нас непрекинато го разбудува духот на слободното мислење и кај апстинентите развива чувство на лична одговорност. Не учи како да ја стекнеме способноста за сигурност во секојдневните активности, а за да се чувствуваме посигурни, помирни и похрабри во животот, дека треба да посакуваме малку, а да се надеваме на уште помалку; не учи дека не мораме да се трудиме да бидеме подобри од другите, туку да бидеме најдобри во границата на нашите можности. Тој знае да ја препознае и уништи демонската сила на незнаењето, особено да ја уништи демонската сила на погрешното знаење за смислата на човековиот живот, што е карактеристично за речиси секој алкохоличар, а со тоа да ја уништи и таа лоша причина за многу семејни трагедии.

Човек мора многу да знае за да може другите да ги поучува - со малку знаење да бидат мудри, за да можат да ги избегнат опасностите што животот ги носи. На сите апстиненти Др.Николоски ни пружа посебна помош и внимание во нашето искачување кон врвот на вистината, кон здогледување и откривање на нови, поголеми и поубави предели од животот, кои треба да ги истражуваме.

Дојдов до сознание дека објаснувањата на нашиот терапевт за проблемите со алкохолната болест се крајно уверливи и, да не се прифатат тие објаснувања и да не се применат во пракса би било исто, како морнарот да го фрли во морето единствениот компас што го има. Тој е љубезен човек кој секогаш со насмевка на лицето слуша како за нешто што тој многу добро го знае, говори некој кој за тоа ништо, или многу малку знае. Др.Николоски е премногу свесен за недостатоците на врстата на која и самиот припаѓа, да би се лутел на кој било нејзин член. Неговата парола, што непрекинато во пракса ја применува е: да започнеме битка со алкохолното зло секаде и секогаш кога го гледаме, притоа не повредувајќи го чинителот на злото, исто како што ни самите не би сакале да бидеме повредени, заради грешките што непрекинато ги правиме.

Во извршувањето на својата животна задача, тој е витален човек, кој го носи во својата душа, во своето срце, во својата крв животот на сите апстиненти - боледува од нашите болести, страда заради нашите неволји, цвета со нашето здравје, ужива во нашата среќа - независно од сопствените проблеми и преокупираност. Кој дава само совети, макар и најдобри, е поток кој пријатно жубори. Но, Др.Николоски тие прекрасни совети за доброто на заедницата во целина ги спроведува во дело и затоа е поток со млинови, кои работат подеднакво за сите. Тој е совршен пример дека човековиот дух со ништо повеќе не може да се приближи кон Бога, кон совршенството, отколку со несебично спасување на луѓето.

Еволуцијата на напредокот на цивилизацијата е разработена во целост, но од луѓето е сфатена премногу технички. Ако ја исклучиме Дарвиновата теорија за еволуцијата на човекот од мајмун, речиси во се друго човекот е изоставен од неа. Во градот Прилеп има многу експерти во стопанството за унапредување на науката и техниката, но во Прилеп единствен е Др.Методија Николоски, кој правилно го разбрал и во пракса го применува напредокот на цивилизацијата на која, на крајот на краиштата, не би требало примарна цел да и биде напредокот на науката и машините, туку напредокот и издигнувањето на човекот. Староста нема поубава утеха од сознанието дека целата своја младост е вградена во дела кои не стареат. Само малите духови разликуваат свое и туѓо. Др.Николоски е човек со голем дух и целиот свет го гледа како свое семејство.

Градот Прилеп треба многу повеќе внимание и помош да му посвети на Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” и неговите сегашни и идни членови. За Др.Методија Николоски - Мец Прилеп не треба да се грижи и да троши пари за подигнување на негов споменик. Негов вечен, најголем и најубав споменик е неговото дело - тоа се илјадници лекувани и излечени алкохоличари, илјадници семејства во чии домови Др.Мец им ја врати среќата и радоста. Нивната искрена благодарност е најголема награда за докторот над докторите, за докторот кој ги оживува - ги воскреснува мртвите души на алкохоличарите, за Примариус Др.Методија Николоски - Мец, великанот пред чии дела се восхитуваат пријателите, великанот пред чии дела се поклонуваат и непријателите.

%

Истражувај го возвишеното, тежнеј кон возвишеното и ќе го достигнеш возвишеното.    Конфучие

Застани! Издигни се низ своето вистинско Јас - скроти се себе си низ своето вистинско Јас. Секогаш заштитен со своето вистинско Јас, ќе живееш во најголема радост, бидејќи твоето вистинско Јас е твој господар, бидејќи твоето вистинско Јас е твоето прибежиште.     Дамапада

Почитувани млади луѓе, внимавајте со алкохолот, бидејќи со самата помисла на алкохолот ќе напукне оклопот што ги штити вашите доблести и низ тој отвор ќе протече танок млаз на страста кон пиењето алкохол и опивањето и ќе ја загубите неговата заштита во моментите, кога благодадта од неговата заштита ќе ви биде најпотребна.

Сите млади луѓе денес се наоѓаат во многу голема опасност. Таа опасност доаѓа оттаму што во тие години, кога се создаваат навиките, кои засекогаш ќе останат во нивниот карактер, младите луѓе живеат без никакви правила и не гледаат ништо друго, освен задоволување на страстите кои од сите страни ги привлекуваат и за кои вложуваат огромна енергија за да ги задоволат. Положбата на младите луѓе е многу опасна бидејќи, ако човекот ги постави страстите како идеал, како единствена цел во животот, како што ги поставуваат младите, кога со текот на времето страста кон алкохолот ќе стане особено силна, тогаш без исклучок и по многу познатиот и неоспорен закон, ќе дојдат дотаму што, за да го почувствуваат очекуваното задоволство, кое навикнале да го почувствуваат, ќе мораат непрекинато да ја зголемуваат дозата со алкохолот, бидејќи кога еднаш страста кон алкохолот ќе биде задоволена, вториот и третиот пат нема да го пружа тоа уживање што навикнале да го почувствуваат и ќе треба многу повеќе да се испие алкохол, за да се дојде до саканиот ефект. (Постои закон по кој е познато дека уживањето се зголемува со аритметичка прогресија, додека средствата со кои се поттикнува тоа уживање - алкохолот, мораат да се зголемат на квадрат). Тоа е така едноставен пат што по него, со ретки исклучоци, одат речиси сите млади луѓе и, ако навреме не се спречат, тогаш во иднината влегуваат помалку или повеќе осакатени или сосема пропаѓаат, како што тоа секојдневно го гледаме. Единствен начин да се спасите од таа положба е да застанете, да погледнете околу вас и да пронајдете вистински идеали, односно што сакате да бидете во животот и да ја вложите целата енергија за да го достигнете тоа што го сакате.

Денес често може да се слушне како младиот човек говори: не сакам да живеам по туѓата памет, сам ќе смислам и ќе го трасирам патот кон мојот живот. Што има да го измислувате веќе измисленото, да измислувате топла вода?

За жал, поголем број од младите луѓе, особено оние кои веќе тргнале кон алкохолниот пекол, се однесуваат така, како да одат наназад кон провалија. Тие знат дека позади нив се наоѓа провалија во која секој момент можат да паднат, но воопшто не обраќаат внимание на неа, туку се забавуваат само со тоа што го гледаат пред нив, уживаат во ѓаволските сласти, воопшто не размислувајќи дека тоа ги води во пропаст. И никакви укажувања не можат да ги разбудат за да ја согледаат вистината, едноставно, се однесуваат како хипнотизирани, убедени во својата безгрешност, верувајќи само во теоријата која не поднесува критика.

Почитувани млади луѓе, во романот “Како да се победи Кралот Алкохол.” волшебното стапче ви е дадено - прифатете ги советите за градењето на вистинската смисла на вашиот живот и ќе научите како со него да се користите. Земете го веќе измисленото и весело чекорете кон среќен и плоден живот.