%

Само во Клубот на лекувани алкохоличари и на ниту едно друго место, луѓето ме примија и прифатија таков каков што бев, што е најважно, како рамен на нив. Слични на мене се околу мене, и јас сум сличен на нив. Идентификувајќи се, дружејќи се со тие луѓе, си помагам себе си, им помагам на другите, не правам зло ниту сум причина за какво било друго зло. Можеби е чудно, но дури откако почнав да го посетувам клубот сфатив колку сум бил лош и колку се грозам од самиот себе. Од тогаш, ја снема одбивноста што ја имав кон другите луѓе - спротивно, кон нив чувствувам нежност и почит. Денес сум многу среќен, мојот живот е пријатен, има некаква смисла. Се чувствувам како принц кој се вратил од прогонство, како човек кој оживеал од мртвите. Повторувам, многу сум среќен и додавам дека во целиот мој живот, ова е мојот најсреќен период.

Во сфаќањето на алкохолната болест има три видови на луѓе. Некој е: или човек, или получовек, или не е никаков човек. Моето лично искуство е дека јас ги поминав сите три фази. Не бев никаков човек бидејќи за алкохолната болест, што долго ја имав, немав свој став, ниту барав совет од другите луѓе. Вистините што најмалку сакав да ги слушнам беа токму тие кои најмногу ќе ми користеа ако ги знаев, многу порано ќе излезев лавиринтот на пеколниот живот, во кој поради алкохолот се загубив.

Бев получовек, бидејќи во еден период имав свој став за алкохолот, но не сакав да ги прифатам советите од луѓето со кои контактирав. Секој човек може да биде огледало во кое ги гледаме своите порази, маани и недостатоци и сето тоа зло што е во нас. Но, повеќето од нас притоа постапуваме како кучето кое лае во огледалото, бидејќи мисли дека во огледалото не се гледа себе си, туку некое друго куче. Имав свој став кој го осудуваше алкохолизмот, но тоа траеше многу кратко, до испивањето на првата чашка, а потоа се одново, затоа што алкохолот на телото му нудеше лажна сила, го издигнуваше духот на лажни височини, ми ги прикажуваше работите онакви какви што не се, или пак многу поубави отколку што се. Иако долго време ја имав алкохолната болест, не одев на лекар да побарам помош, а не барав ни учители и советници да ми помогнат да ја надминам својата глупост, да ја скротам својата волја која беше само желба и нејзино задоволување, да биде желба и воздржување, желба и одрекување. Значи, немав ниту сопствена, а не знаев и веројатно не сакав да ја користам туѓата памет и искуство.

Станав човек, барем се надевам дека е така, кога почнав да го посетувам Клубот на лекувани алкохоличари “Здрав живот” во Прилеп, кога зазедов правилен став кон алкохолната болест и кога почнав да се советувам со луѓето кои го посетуваат клубот. Многу луѓе велат дека не вреди да се прават напори - колку и да вложува напор, човекот не може да го достигне совршенството. Реално, тие имаат право, но забораваат дека нашата цел и не е да го достигнеме совршенството, туку што повеќе да се приближиме кон него. Човек никогаш не треба да одлучи да не направи ништо во животот само затоа што ќе може да направи малку - треба да направио онолку, колку што може.

Во почетокот од моето лекување, моите мисли беа слични на копање бунар - водата прво е матна, а потоа полека се разбиструва. И сето тоа што во почетокот ме одбиваше од клубот, ми изгледаше матно и во што се сомневав, сега јасно излезе пред мене. Поголемиот дел од алкохоличарите не веруваат во успешното лекување на алкохолната болест, најмногу поради тоа што дури и оние, кои буквално се платени безрезервно да ја проповедаат вистината за алкохолот и последиците од алкопхолната болест, а тоа се лекарите - и тие кога говорат за алкохолната болест на вистината и придодаваат лага, со што се добива искривена слика за вистината. Ќе наведам пример со апстинент, член на клубот, на кого после прегледот, веројатно со намера да го охрабри, докторот-интернист му вели дека е здрав како дрен и дека слободно може да пие по едно чаше ракија за циркулација на крфта. Амаааан бе докторе, после не ќе можам со едно! Лекарите се должни на секој човек, на секој пациент да му ја кажат вистината, да му кажат дека медицината непобитно докажала дека не постои лек што може да се зема во исто време со алкохол.

%

Бракот може да биде среќен само под овој услов: и едниот и другиот брачен другар мораат себе си да ја одредат како прва должност оваа незаменлива одлука: сакам да го сакам и да го почитувам тоа срце на кое сум му дозволил да биде господар над моето. Силвио Пелико

Не недостатокот на љубов, туку недостатокот на пријателство ги создава несреќните бракови     Ниче

Оваа мудрост од Ниче ја зедов како главна поента за мојот текст, бидејќи по седумгодишна апстиненција од алкохолот, ја сфатив нејзината вистинска порака. За разлика од многу алкохоличари, кои вината за својата несреќна состојба, за своите грешки, глупости и пропусти во животот, го посочуваат несогласувањето со својата сопруга, јас денес признавам, и пред себе и пред Бога, дека вината беше само моја. Мојата сопруга стоички ги издржа сите мои удари, сета неправда што и ја нанесов, го издржа моето неподносливо однесување, го одржа семејството, за што од сето срце и душа сум и благодарен. Таа беше и пријател, и мајка, и сопруга, и сестра - се во исто време. Денес сум многу среќен човек и можам слободно да кажам дека нема ништо поубаво, отколку кога на својата сопруга, на своите деца си им толку мил, да заради тоа и самиот себе си си уште помил.

Кога човекот ќе тргне по трнливиот пат кој води во алкохолниот пекол, за жал, заедно со него, по тој пат одат и неговите најмили - сопругата и децата. Тие гледаат како алкохоличарот секојдневно се уништува во својата глупост, но не гледаат начин како да му помогнат и нему, и себе си. И покрај големата љубов, што најблиските ја чувствуваат кон него, по долгогодишното поднесување на последиците од алкохолот, едноставно креваат раце од алкохоличарот, го оставаат сам на себе.

Единствено оправдување за оваа голема, ако не и најголема грешка на луѓето, кои се најблиски на алкохоличарот, е нивното незнаење, нивната недоволна информираност, дека спас има. Повторувам, спас од алкохолниот пекол има и лекот се наоѓа на дофат на вашите раце, треба само да соберете храброст и мудрост и да го земете, за свое добро, уште повеќе за доброто на вашите деца.

Во рамките на Клубот на лекувани алкохоличари: “Здрав живот” од Прилеп, многу успешно, корисно, и едукативно работи и Женскиот дел од клубот за поддршка - ”Викторија”. На состаноците кои се одржуваат во Центарот за Социјални работи секоја среда од 16-18 часот, присуствуваат сопругите на лекуваните алкохоличари, кои активно го посетуваат клубот, но и оние мајки, сопруги, сестри и ќерки, кои во својот дом имаат алкохоличар, но не го знаат начинот како да го убедат и тој да се обиде да ја надмине и победи алкохолната болест, што долги години ја има. Оваа активност е од извонредно значење, бидејќи многу сопруги од алкохоличарите се плашат, пред својот сопруг, да ги искажат своите маки и страдања. Добиените сознанија се од извонредно значење во натамошниот пристап кон алкохоличарот, во менувањето на неговите погледи кон алкохолот и кон животот воопшто.

Почитувани мајки, сопруги, ќерки, сестри, деца - дојдете во храмот на спасот и побарајте спас за вашите најмили, пронајдете го најлесниот пат кон среќна иднина за вашето семејство, посетете го Женскиот дел од клубот “Викторија.” На вратата ќе ве пречека веселата насмевка на нашите прекрасни терапевти г-ѓа Милка Темелкоска - социолог и др.Снежана Ѓорѓијоска - психијатар. Ќе слушнете многу совети кои ќе ви бидат од голема корист за вашата иднина, но бидете убедени дека во нивното срце ќе останат многу неискажани нешта, бидејќи невозможно е на еден состанок да се искажат најдлабоките тајни за смислата на животот и живеењето. Сепак, ќе поминете прекрасно попладне со луѓе кои имале слична или иста животна судбина, со луѓе кои успеале да го пронајдат начинот како да се соочат со секојдневните проблеми, со луѓе кои ќе изразат спремност искрено да ви помогнат во секое време. И, кога по завршувањето на состанокот полека ќе чекорите кон вашиот дом, кога вашите мисли ќе ги средуваат впечатоците од оваа, за вас, необична средба, опиени од кратката среќа на надежта што после долго време повторно ќе заживее во вашето срце, низ главата ќе ви доаѓаат безброј прашања, а меѓу нив најглавните: “Овие среќни жени немале толку големи проблеми и страдања како што имам јас. Нивните мажи сигурно не биле големи пијаници и не правеле толку големи проблеми како мојот сопруг.” Во тој момент погледнете подлабоко и поискрено во вашето срце и одговорот што таму ќе го пронајдете, ќе ги разбие вашите дилеми и сомнежи. “Во секое семејство каде има пијаница, на овој или на оној начин ги има истите проблеми. Долго време ме мачеше мислата дека само ние така живееме, дека во другите бракови тоа го нема. Но, тоа мора да е судбина на сите луѓе кои завлегле во алкохолниот пекол. Веројатно и тие, како и јас, мислеле дека тоа е само нивна несреќа. Досега ја криев таа премногу срамна несреќа не само од другите, туку и од самата себе. Денес за првпат во животот добив вистинска надеж дека шанса за излез од пеколниот алкохолен лавиринт, во кој толку долго време се наоѓаме, сепак постои. За успехот на овие среќни, неверојатни жени, полни со позитивна енергија, мора да се најзаслужни терапевтите. Не верував дека на земјата сеуште постојат луѓе, кои во себе имаат толку љубов и човекољубие, како што во себе имаат г-ѓа Милка и др.Жане. Но, од каде извира нивната сила и енергија да се зафатат со спасување на алкохоличарите, кои се отфрлени од луѓето и живеат на маргините на општеството? Без дилеми, тоа мора да е дар од нашиот Семоќен Бог. Божјата промисла не случајно ги избрала токму овие храбри и несебични жени, г-ѓа Милка и др.Жане, на својот грб да ги носат тешкотиите во борбата со злото, како најголеми борци да бидат Божјото оружје, до конечната победа над најголемиот непријател за целото човештво - алкохолот.”

Ги повикувам сите сопруги или ќерки, мајки или сестри, кои не знаат каде да ја побараат помошта што им е толку неопходна, да дојдат во Женскиот клуб за поддршка на лекуваните алкохоличари “Викторија.” Треба да соберете храброст, да ги надминете сите предрасуди и да ја согледате реалноста дека алкохолизмот е болест, како и секоја друга болест и дека може да се лечи. Терапевтите и сопругите кои го посетуваат клубот ќе ви поклонат искрено внимание, на сите ќе ви пружат рака за помош. Знаете, кога човек ќе мора преку греда да премине преку некоја провалија, тоа многу полесно ќе го направи, ако знае дека од другата страна има некој, кој ќе му подаде рака. Раката ви е пружена, имајте мудрост и прифатете ја. Преминете на страната на победниците над ѓаволот. Посетете го клубот и наполнете ги вашите чаши од изворот на надежта што потекува од срцата на нашите терапевти, пружете ја раката кон плодоносното дрво кое расте од нивното срце и вкусете од слатките плодови на среќата. Бидете убедени дека ќе ви се измени вашиот живот, ќе ви се изменат вашите соништа. И, кога вашиот сопруг, брат или син ќе излезе од пеколот, кога на вашата одлука што сега треба да ја донесете, а за која можеби се колебате, ќе набљудувате од друга перспектива, кога мирот, среќата и радоста ќе се вратат во вашиот дом, убеден сум дека вашето задоволство ќе биде многу големо, толку големо, како да сте ја добиле главната премија на лотарија.

Со љубов во Бога

Неколку добри луѓе секогаш прават топол дом - и без печка, кров и прозори.          Готфрид Колер

Оној кој е неспособен да живее во друштво или на кој тоа не му е потребно, затоа што сам себе си е доволен, не е дел од заедницата и самиот е или дива ѕверка или Божество.  Арисотел

Потоа зеде збор неговата сопруга. Таа храбра жена не изненади сите со својот говор.

- Мојот сопруг долго време се гордееше со својата апстиненција и често ја раскажуваше својата животна приказна пред нашите роднини и пријатели. Мислам дека се надеваше дека правилно ќе го разберат, дека на многумина од нив, на кои им се допадна и кои ги забавуваше раскажувањето на периодот од неговите лудости, нема да најдат наслада во овој дел, кој навистина го опишуваше најлошиот период од неговиот живот - најнекорисен за него и најпоучен за другите. Не ги знам причините заради кои некои од нашите роднини и пријатели вршеа голем притисок врз мојот сопруг со тоа што, во најцрна светлина и со најлоши зборови, кои не е пристојно да ги цитирам, ги опишуваа вредностите и улогата на Клубот, посебно не ги знам причините за нивното лошо, многу лошо мислење што го имаат оформено за луѓето кои посетуваат Клуб на лекувани алкохоличари. Ќе бев многу среќна некој од нив да беше сега тука, да може да види дека вие сте многу поправедни кон нас отколку тие, бидејќи тие и сега се убедени во тоа дека Клубот е некоја глупост, што не е за нормален човек. Да имаат можност да видат дека тоа не е така, дека вашите зборови се искрени и не се разликуваат од вашите дела, ќе видат дека на сите ви нанесуваат голема неправда. И покрај недовербата кон вас од страна на мојот сопруг, вие се однесувате кон него многу поубаво отколку што тоа може од кого било да се очекува и затоа сум сигурна дека во иднина, многу повеќе ќе ве цени и почитува.

Живеевме во прекрасна среќа, мир и задоволство долго време, кога одненадеж, некоја невидлива рака, со еден ненадеен удар, ја сруши сета таа убавина и повторно не втурна во состојба, во која се беше спротивно од животот што дотогаш го живеевме. Мојот сопруг е прекрасен човек и да продолжеше да го посетува Клубот, мислам дека ќе имаше многу работи со кои ќе можевме да се пофалиме, но како што мудрите луѓе рекле, стомната оди на вода додека не се скрши. Стравотиите од алкохолниот пекол, на кои целосно заборавивме и мислевме дека никогаш повеќе нема да се вратат, повторно тропнаа на нашата врата.

Денес, благодарение на сите вас, посебно на терапевтите, во нашиот живот повторно се врати надежта за среќна иднина. Не ги штедевте зборовите на мојот сопруг да му го дочарате новиот живот кој што го очекува, ако почне повторно да го посетува Клубот - со еден збор, дека нема причина да се срами од тоа, а се друго е ваша грижа. Тогаш тој се најде во непријатна состојба, бидејќи никако не можеше да ги одбие укажувањата од толку благородни луѓе и затоа, одлучи да ја прифати вашата помош. Беше тоа таков доказ за неговата доверба кон вас, едноставно, беше восхитен и не можеше да се помири со мислата дека вие вложувате толку голем труд околу него. Сето тоа покажува дека Боженствената добрина ги разбудува истите чувства кај сите разумни луѓе, кога во срцето ќе ја почувствуваат благодадта на милосрдието. Често ги подига рацете кон небото и радосно воскликнува: “Ти благодарам Господе што, преку моите пријатели од Клубот, сеуште се грижиш за вака неблагодарен бедник, каков што сум јас.”

Праведниот глас на совеста често ќе го освести човекот, а ососбено разумниот човек. Вистина е дека болниот од својата постела на работите гледа со поинакво расположение и во неговите очи работите се поинакви отколку порано или барем му изгледаат дека се поинакви. Откако ја разбудивте заспаната совест кај мојот сопруг, тој почна многу да се кае за својата неразумна постапка, како да направил некој најстрашен злочин, заради кој ќе мора да оди на стрелање, бидејќи како што вели, тоа противречи на неговиот морал и дека не е во склад со неговото долгогодишно искуство, стекнато во Клубот на лекувани алкохоличари и неговите дотогашни постапки во животот.

Морам повторно да напоменам дека во многу прилики, кога мојот сопруг ќе почувствува таква благодарност, неговиот поранешен, грешен, одвратен живот му изгледа чуден, нестварен и никогаш не му се гади толку и никогаш не чувствува таква грижа на совеста, како во моментите кога ќе помисли - колкава добрина му поклонија неговите спасители и тогаш се колне дека на таа добрина, никогаш повеќе нема да возврати со повторно враќање кон алкохолот. Уште еднаш, примете најискрена благодарност што ги вративте мирот и среќата во нашиот дом, посебно примете најискрена благодарност што ја вративте насмевката на лицата од нашите прекрасни дечиња, што го вративте сјајот на надежта во нивните очи.

Сосема за крај, бидејќи овој состанок се случува неколку денови пред 8-ми Март, на сите сопруги кои го посетуваат Женскиот дел од клубот за поддршка на апстинентите “Викторија” и на сите жени кои имаат каков било проблем предизвикан од алкохолот, им го честитам празникот и им упатувам искрени зборови на поддршка во нивните активности. Од наредниот состанок и јас ќе се приклучам и ќе бидам дел од најхрабрата, најхуманата армија која несебично помага во борбата со најголемото зло за целото човештво - алкохолот. Со тоа што таму ќе го научам, се надевам дека ќе му помогнам не само на мојот сопруг да истрае во неговата апстиненција, туку ќе помагам да се мотивирааат што повеќе жени да побараат спас за нивните сопрузи, браќа или синови, да побараат спас за нив самите, уште повеќе за нивните несреќни дечиња.

Говорот на нашиот драг колега и неговата сопруга беше толку искрен што, морам да признаам, ме болеше што токму нивните роднини и пријатели, со нивните неразумни совети, придонеле вака чесни и добри луѓе да бидат заведени, да бидат упатени во пропаст. Од друга страна пак, на сите ни причинуваше огромно задоволство и радост што успеавме нашиот колега да го разбудиме, да го мотивираме повторно да го побара својот спас во Клубот. Сите со солзи радосници му честитавме на успехот.

email:  petreski_i@hotmail.com