Почитувани пријатели, сите вие кои сте собрале храброст и мудрост да побарате помош од терапевтите и членовите во Клубот на лекувани алкохоличари, би било интересно и корисно, да размислите и да се запрашате: Дали, ако многу порано знаевте за храмот на спасот, наречен КЛА, многу порано ќе побаравте помош за вашите најмили?

          Речиси сите луѓе што ги познавам се склони многу повеќе да веруваат во лагата, што од сите страни, украсена со најблескава пропаганда преку медиумите им се нуди, отколку да веруваат и да ја прифатат вистината. Таа непобитна вистина за последиците од алкохолната болест, што за жал, многу луѓе на своја кожа ја имаат почувствувано, без размислување ја отфрлаат и неа ја прогласуваат за лага. Јас тоа денес добро го знам, бидејќи и самиот триесет години живеев со тие страшни заблуди, и затоа се чудам како луѓето не можат тоа да го прифатат, едноставно, зошто некои луѓе треба да го испијат целото море, за да дојдат до заклучокот дека водата е солена.

          Од друга страна, можеби низ тој долг период ме водеше Божјата промисла: можеби Бог дозволи толку долго да се измачувам во алкохолниот пекол за вистински да ја осознаам силата на животинскиот човек што живееше во мене. Веројатно, да не го проживеев тој период, не ќе знаев како да му се спротивставам на животното кога алкохолот ќе го разбудеше во мене, а мојата душа во тие моменти не ќе можеше и не ќе знаеше како да му се спротивстави, и животинскиот човек можеби засекогаш ќе господареше со мене и моите доблести. Затоа, често си го поставувам прашањето: дали е несреќа кога од лажната среќа полудував, или, спротивно, е голема среќа што несреќата ме опамети и ми ги врати сите доблести, за кои мислев дека засекогаш ги имам загубено?

          Почитувани, секој човек среќата треба да ја бара во самиот себе, бидејќи таа таму и се наоѓа. Не барајте ја од другите, бидејќи никој ја нема отфазла за ви ја даде. Сепак, постојат добри луѓе, постојат луѓе кои во секое време се спремни да помогнат. За вас тоа се вашите терапевти, кои како Ангели се испратени од Бога, не да ви дадат среќа, се согласивме дека тоа е невозможно, туку да ви го покажат патот кон среќата. Секое дело на нивната доблест е слично на ѕвезда која се гаси; нејзината светлост сеуште е на патот од својот ѕвезден простор и – кога таа ќе го заврши својот пат? Така и светлоста на нивните дела и доблести сеуште е на тој пат, дури и кога делото целосно ќе биде исполнето. Па, нека еден ден делото биде заборавено и мртво, неговата светлост засекогаш ќе сјае. Нивните активности се насочени кон општо добро и среќа за сите луѓе, а тежнеењето да се служи на општото добро треба што повеќе да го разгласуваме, бидејќи тоа мора што побрзо да стане општествена потреба и услов за лична среќа на сите луѓе.  

%

Алкохоличарот гледа дека во неговиот живот ништо не е добро, дека многу работи треба да ги промени. А да го измени човек може само тоа што е исклучиво во негова власт, да се измени себе си. Но, за да може да се измени, алкохоличарот пред се треба да признае дека самиот тој не е добар, дека страдањата на неговите најмили се исклучиво негова вина. За жал, тоа речиси никој алкохоличар искрено не сака да го направи, уште помалку сака да го прифати како нешто што е лошо и што треба што побрзо да го промени. Алкохоличарот целото свое внимание му го посветува не на тоа што е во негова власт, туку на надворешните влијанија, кои не се во негова власт и чија измена воопшто или многу малку можат да ја поправат неговата бедна положба, како што претурањето од еден сад во друг, не може да ги поправи особините на расипано млеко. И, тогаш почнува, во почетокот наивно, а потоа со сосема груба активност - изменување на карактерите на своите блиски по сопствена волја.

Бог, кој со својата мудрост го создал целиот свет, на секој од нас ни доделил посебна улога. Ако Бог одредил некој човек да биде просјак, принц или работник, нека секој човек што подобро ја одигра улогата што му е доделена на оваа Божја сцена - наречена свет. Алкохоличарот секогаш смета дека целиот свет е против него. Никогаш или многу ретко може да го забележи злото кое го нанесува над себе си, уште повеќе, да го согледа злото што го нанесува над своите најблиски, никогаш или многу ретко посакува да го остави алкохолот, својата и среќата на своите блиски да ја гради трезвено, со бистар ум, никогаш или многу ретко одлучува да побара помош за да ја надмини алкохолната болест. Тој не ја гледа неморалноста на своите постапки и на својот живот во целина. Понекогаш забележува дека луѓето го презираат, го одбегнуваат, но никако не може да сфати заради што го презираат, за што треба да се покае и во што треба да се поправи.

Искуствата на членовите на Клубовите на лекувани алкохоличари говорат дека е многу тешко да се биде добар со лош човек, со лажго, со алкохоличар, особено ако е возгордеан, арогантен, па уште и ако не навредува. Но, со таков, токму со таков човек треба да бидеме добри - и заради него, и заради себе. Добар човек е оној кој ги сака сите и им прави добро на сите луѓе, не прашувајќи дали се добри или зли. Никако не смееме да претпоставиме дека и најнеморалниот човек не би можел да биде морално, слободно човеково битие, дека таквите луѓе не ги заслужуваат нашата љубов и добрина, не го заслужуваат нашето внимание.

Во реалноста се случува нешто сосем спротивно. Кога човекот, болен од пијанството, затапен и зашеметен после бурно поминатите ноќи, ќе направи некоја глупост, институциите, кои се платени да се грижат за доброто на сите луѓе, не само што нема да навлезат подлабоко за да барем го разгледаат неговиот вистински проблем, не само што нема да се погрижат да ги уништат причините што го довеле човекот до неговата несреќна состојба, туку целата работа ја поправаат само со тоа што го казнуваат човекот. Со казната или заканата никогаш не се постигнуваат вистински резултати. Со нив можеме само да го заплашиме човекот, на час да го држиме подалеку од можноста да направи зло, но на тој начин никогаш човекот не може да се поправи. Осудувањето на другиот секогаш е неправедно, затоа што никој никогаш не може да знае што се случувало и што се случува во душата на оној кој го осудуваме. Човекот станал тоа што е - алкохоличар, само затоа што се наоѓа во такви услови, што создаваат такви луѓе. И затоа, сосема е јасно дека, за да нема такви луѓе, треба да се погрижиме и да ги уништиме оние услови, во кои се создаваат такви несреќни луѓе.

%  

%

Не може човек само со телесен напор да се спаси од гревот, страстите, посакувањата. Може да се спаси само со напорот на своите мисли. Само со правилно насочување на нашите мисли, можеме себе си да се навикнеме на самооткажувањата, понизноста и вистината. Кога со стрплив напор, како еден вид тренинг, ќе ги навикнеме своите мисли на тоа, ќе можеме успешно да се бориме со гревот и страстите. Во тоа најмногу може да ни помогнат случувањата околу нас. На пример, ние не можеме да им забраниме на птиците да летаат над нашата глава, но можеме да ги спречиме на неа да прават свои гнезда. Исто така, не можеме да им забраниме на лошите мисли да ни проаѓаат низ главата, но можеме да ги спречиме таму да се вгнездат.

Нека алкохоличарот лесноумно не мисли за своето зло и нека не говори во себе: “Јас сум далеку од алкохолната болест, моето зло е мало и нема да ме извалка.” Како што капка по капка и садот ќе се наполни до врвот, така и безумниот алкохоличар малку по малку и ќе го совлада алкохолната болест, малку по малку и ќе биде целосно уништен од злото. Нека човекот кој пие алкохол лесноумно не мисли за своето зло и нека не говори: “Јас немам сили да го променам начинот на живот и да го примам доброто.” Како што капка по капка и садот ќе се наполни, така и човекот кој прави добро, малку по малку и ќе се исполни со добро, ако тежнее кон доброто.

Оној кој ќе признае дека неговиот живот е лош и кој сака да живее подобар живот, нека не мисли дека може да живее подобро само тогаш, кога ќе ги промени условите за живот. Животот може и мора да се промени на подобро - не со надворешни промени, туку со промени во себе, во својата душа, во својата свест. За тоа е потребен голем и стрплив напор и само тогаш, кога човековата душа ќе се промени, човекот повеќе да не може да живее како порано, само тогаш нека почне да го менува надворешниот живот. Само во напорот за издигнување на својата душа и совест, човекот нема никакви препреки и само во таа активност, човекот може да чувствува вистинска радост. И самата помисла на успех во борбата со алкохолната болест ве облагородува и прочистува, ве прави подобри и ви ја зголемува желбата да бидете уште подобри.

И кога нема лошо дело, го има тоа што е многу полошо од лошото дело  - тука се мислите од кои произлегуваат сите лоши дела. Лошото дело може никогаш да не се повтори, поради него можеме да се покаеме, но од лошите мисли непрекинато се раѓаат само нови лоши дела. Лошото дело само им прави пат на новите лоши дела, а пак лошите мисли незадржливо го влечат човекот по тој пат.

Кога човек ќе направи грев и кога ќе осознае дека погрешил, тој има две можности: една е да го признае гревот и да внимава во иднина никогаш да не го повтори, другата е да не и поверува на својата совест и да почне да испитува - како луѓето гледаат на тој грев што тој го направил, па ако тоа луѓето не го осудуваат, да продолжи и натаму да греши, вистински не осознавајќи ги своите грешки. “Сите луѓе така прават, па зошто да не правам и јас.”  Штом човекот ќе тргне по таа стрмна патека, нема ни да забележи колку далеку ќе замине од добриот живот.

% 

%

За моја голема среќа, неодговорноста на докторот од нервното одделение, неговата нестручност и ноншалантност, ја поправи мојот матичен лекар Др.Добрица Тинтоска Димеска која, кога ги пишуваше рецептите, забележа дека сум крајно вознемирен. Ми предложи да ми даде десет дена боледување, но со услов да почнам да го посетувам Клубот на лекувани алкохоличари во Тутунскиот комбинат во Прилеп. Боледувањето навистина ми беше потребно, но нејзиниот предлог влијаеше чудно на мене. Истото да ми го предложеше само еден ден порано, ќе се чувствував многу навреден, бурно ќе реагирав и на сите можни начини ќе се трудев да докажам дека не сум алкохоличар. Вистината е дека себе си не се сметав за пијаница, туку дека сум само голем љубител на алкохолот и дека со пиењето можам да престанам кога што ќе посакам. Како што и денес повеќето луѓе имаат, и јас тогаш имав оформено погрешно мислење дека Клуб на лекувани алкохоличари треба да посетуваат тотални пијаници, односно, изгубени случаи.

Но, Др.Добрица е одличен лекар и пред се, прекрасен човек. Трпеливо и внимателно сочека да види како ќе реагирам на нејзиниот предлог, каков став ќе заземам и, кога виде дека се колебам, тивко ми рече: “Илија, твојата и судбините на твоите најмили се во твои раце. Животот е пред тебе, тој е твој и само твој, со него можеш да правиш што сакаш. Јас само сакам да ти помогнам да не погрешиш, да го избереш најдоброто. Во овој момент имаш вистинска можност и шанса да го промениш својот живот на подобро. Со тоа што одлучи да побараш стручен совет од лекар, го направи првиот вистински чекор за излез од алкохолниот пекол. Но, од моето долгогодишно искуство знам дека сам не ќе можеш да успееш да совладаш така силен противник како што е алкохолот и затоа, сметам дека за тебе најдобро е да почнеш да посетуваш Клуб на лекувани алкохоличари. Знам дека си доволно интелигентен за и самиот да можеш да видиш дека во тоа нема ништо лошо и срамно. Сигурна сум дека само после неколку посети, откако ќе ги осознаеш активностите на членовите кои го посетуваат клубот, ќе ги промениш твоите ставови, ќе ти се допадне и ќе ја прифатиш новата средина.”

Убеден сум дека овој, на прв поглед, обичен разговор, целосно го измени мојот живот. За првпат во мојот живот некој ме потсети дека имам избор, дека треба да се обидам да го изберам и прифатам најдоброто, бидејќи судбините на моите најмили се во мои, само во мои раце, за првпат некој ме потсети, без притоа да ми држи лекции како на мало дете, да ме омаловажува и навредува, дека сум одговорен за среќата и радоста, одговорен за иднината на моите прекрасни дечиња.

Дали можеби не е најдостојно дело, па дури и цел на човековиот живот - совладување, прочистување и воздигнување на сопствениот карактер? Таквите активности мора да започнат од денот кога стануваме свесни за самите себе и од тогаш тоа да трае до смртта. Ако чувствуваш болка во телото, знаеш дека нешто не е во ред: или го правиш тоа што не би требало да го правиш, или не го правиш тоа што би требало да го правиш. Ако чувствуваш немир, растроеност, изгубеност во времето и просторот, знај дека нешто не е како што треба - или го сакаш тоа што не треба да го сакаш, или не го сакаш тоа што треба да го го сакаш.

Нашата судбина не ја обликува тоа што го доживуваме, туку како го чувствуваме тоа што го доживуваме. А јас, можеби потсвесно, чувствував дека тоа ми е последна шанса и, иако изгледаше како некоја уцена, мене ми беше сеедно и јас, иако немав никаква представа какво влијание ќе има Клубот на лекувани алкохоличари во моето лекување од алкохолната болест и во мојот живот воопшто, едноставно прифатив, но со голема резерва и затоа лесно можеше да се забележи дека ќе појдам во клубот како теле во кланица.

%