Razno

ДА БИДЕШ ТРПЕЛИВ, ТОА ЗНАЧИ ДА МИСЛИШ

Кога ќе го направиме првиот чекор и ќе донесеме цврста одлука да апстинираме од алкохолот, прво што треба да направиме е да ја пронајдеме вистинската смисла на животот, да научиме како да го живееме својот живот, како да ја користиме снагата на својот разум. Никогаш нема да го пронајдеме својот мир, своето место под Сонцето, кое Бог за нас го определил, ако на другите им дозволиме да управуваат со нашиот живот, ако само ги извршуваме одлуките за нашиот живот, кои некој друг ги носи наместо ние самите, особено ако дозволиме алкохолот да влијае на нашите одлуки, што секојдневно треба да ги носиме. Најголемата вистина на човештвото гласи: “Бог на секој човек му дал неотуѓиво право само над едно – над сопствените мисли.” Веројатно со тоа сакал да ни укаже дека треба да управуваме со својот живот, да донесуваме сопствени одлуки и да ја преземаме одговорноста за последиците од нив, да имаме сопствени мисли, мисли над кои другите не ќе можат да влијаат. Користејќи ја способноста квалитетно и со полн капацитет да влијаеме врз сопствените мисли и животот воопшто, можеме да се воздигнеме до успехот во борбата со алкохолната болест. И, кога ќе се раскинат стегите со кои алкохолот го врзал нашиот ум, кога ќе се ослободиме од ропството на нашиот најголем непријател – алкохолот, кога новите сознанија и искуства за борбата со алкохолната болест стекнати во Клубот на лекувани алкохоличари ќе ги просветлат нашите мисли, кога ќе се осознаеме себе си и нашите вистински вредности, кога добрината, љубовта и човекољубието ќе ги заменат и исфрлат лошотилокот и омразата од нашите срца и ќе станат составен дел од нашиот карактер, убеден сум дека темелите на пеколот ќе се нишаат од страв, а рајските ѕвона ќе ечат од радост, најавувајќи ја победата над ѓаволот.
Бидејќи Создателот ни дал потполна слобода да одлучуваме и да се користиме со нашите мисли, без сомнеж сметал дека тој дар треба да го користиме со лична иницијатива и одговорност. Во борбата со алкохолната болест постојат две групи на луѓе кои никогаш не напредуваат и ништо или многу малку постигнуваат. На првата група и припаѓаат оние, кои не сакаат да го прифатат она што буквално на секој состанок во клубот им се кажува, не сакаат да ги прифатат советите од терапевтите и не ги почитуваат правилата за борба со алкохолната болест, кои се универзални и кои важат за секој апстинент. Особина на таквите луѓе е лажната представа за својата супериорност и непогрешливост. Тоа е причината што тие вистински и не започнуваат со апстиненција, туку поради својата убеденост дека само после неколку посети на клубот сé научиле, го напуштаат клубот и по кратко време повторно се враќаат во прегратките на ѓаволот.
Има и апстиненти кои припаѓаат во оваа група, кои упорно доаѓаат во клубот, бидејќи сметаат дека не би било во ред да имаат проблеми со најблиските, кога ќе ги прашаат: “Што имаше денес ново во клубот.” Секој од нив сака да биде припремен и кратко, како затегната пушка, одговара: “Како и секогаш, немаше ништо ново. Еден будала цело време се обидува да внесе некои новини во клубот, постојано се расправа и на сите им ги докажува своите ставови, како само тој сė знае и само тој е во право. Главата ми прсна од него. Малку фалеше да си заминам.” Таквите апстиненти воопшто и не слушаат што навистина се зборува на состаноците, воопшто и не помислуваат дека тој будала, што постојано се расправа, можеби е во право. Тоа се скришни пијаници, но сепак, водат малку сметка другите тоа да не го забележат.
Во втората група се оние кои немаат самоиницијатива, односно, не сакаат или не знаат да направат ништо повеќе, од она што го научиле на состаноците во клубот. За нив е карактеристична повлеченоста, рамнодушноста кон активностите на другите членови на клубот, стравот од неизвесноста на новините, што другите ги предлагаат. Не се вклучуваат во дискусиите, а ако нешто сепак се приморани да кажат, одговараат кратко, со што даваат до знаење дека тоа измачување за нив, треба што побрзо да заврши.
Со љубов во Бога

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Back To Top