Razno

НАГРАДА ЗА ВЛОЖЕНИОТ ТРУД

Големата награда за апстинентот е личното задоволство, од постигнатиот успех во лекувањето од алкохолната болест. Сепак, најголема награда за секој, кој успеал да ја победи алкохолната болест, секако е задоволството и среќата, кои ќе ги почуствува во секој момент, со секој поглед на среќните и задоволни лица на своите најмили. Апстинентот има шанса да излезе од состојбата на целосна разочараност, кога сомнежот во своите вредности ја достигнал највисоката точка, кога грижата на совеста сė повеќе го влечела кон дното, со оставањето на алкохолот животот почнува целосно да се нормализира и апстинентот, по подолго време, почнува да се чувствува корисен, корисен за себе, уште повеќе за своите најмили – токму таков, каков што отсекогаш требало да биде. Затоа, треба да имаме јасна претстава за борбата што ја водиме со алкохолот, да ја прифатиме како наша приоритетна животна цел, кон која ќе ги насочиме сите наши мисли и целата своја енергија, за на крајот да бидеме победници. Не смееме да дозволиме моменталните тешкотии да ни застанат на патот и да не разочараат. Ако вистински сме решиле да постигнеме успех во нашата борба, да го победиме нашиот најголем непријател – алкохолот, ништо не може да ни застане на патот. Да запомнеме: сė што умот може да замисли и во што може да поверува, може и да се постигне. Бог му помага само на оној, кој самиот решил да си помогне.
Оној кој решил да постигне успех, треба да тргне од точката на која во тој момент се наоѓа, да донесе конечна одлука за постигнување на успехот денес, а не утре, да биде свесен дека не смее да чека ненадејни дарови од небото, туку да ги вложи сите свои сили, ако сака да победи. За да го постигни тоа, треба на најдобар можен начин да ги искористи советите од терапевтите, да собира зрна на мудроста кои во Клубот на лекувани алкохоличари, ги има доволно за сите.
Како апстиненти мора да водиме непрекината борба за да го победиме алкохолното зло. Кога ќе ја осознаеме вистинската смисла на нашиот живот, кога ќе одредиме јасна цел кон која треба да се стремиме, треба да ги искористиме сите можности кои ги нуди Клубот на лекувани алкохоличари во нашата борба, до конечната победа над алкохолот. И затоа, таа борба треба да ја прифатиме како шанса да излеземе од алкохолниот пекол, а не како тешкотија, која не можеме да ја надминеме. Не можеме да постигнеме ништо вредно во животот без борба, а наградата ја добиваат само оние, кои во клубот ќе научат како да се соочат со проблемите, се до средбата со нови искушенија, каде храбро ќе тргнеме во нова борба, кон нова победа. Така поминува целиот живот на разумните луѓе – со постојани напори и грижи при решевањето на проблемите и во задоволството од постигнатите успеси. За жал, голем е бројот на оние, кои во борбата со алкохолното зло настојуваат да одат по линијата на помал отпор. Тие немаат сила во својот карактер, сила која исклучиво се раѓа во борбата со алкохолното зло и затоа, многу лесно паѓаат во искушение да посегнат по најлесното решение – чашата со алкохол. Тоа е најголемата причина׃ зошто успехот постојано ги заобиколува?
Методите за успех во борбата со алкохолната болест ќе ги препознаете низ написите што се објавени на мојот блог. Сепак, за да ги осознаете сите методи и начини за излез од алкохолниот пекол, ви препорачувам да ги прочитате моите книги посветени на борбата со алкохолот и последиците од него. Убеден сум дека се од голема корист за сите луѓе. Тие што лично немаат проблеми со алкохолот ќе научат како да им пристапат и помогнат на своите блиски роднини и пријатели, а тие што имаат каков било проблем предизвикан од алкохолот, многу полесно ќе го надминат.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Back To Top